Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НАЈДОЛГИОТ ГОВОР, СО НАЈДОЛГА ДИСТА ДИСТАНЦА ОД ВИСТИНАТА

March 3, 2026 Filed Under: Колумни

ЏАБИР ДЕРАЛА

Во спектакл што траеше рекордни 108 минути, амриканскиот претседател понуди студија за ерозијата на вистината во политичкиот дискурс

Во спектакл што траеше рекордни 108 минути, обраќањето на претседателот Доналд Трамп за состојбата на Унијата во 2026 година не беше само долго, туку претставува и своевидно разоткривање. Но не на начин на кој ваквите говори треба да бидат, како структурирани прегледи на политики и насоки, туку како студија за ерозијата на вистината во политичкиот дискурс.

Говорот се одвиваше како според веќе познато сценарио: самодоверба без ограничување, бројки без основа и тврдења што се распаѓаат веднаш по нивното изговарање. Проверувачите на факти во водечките медиуми работеа паралелно со самиот говор, документирајќи образец што стана симбол на нашето време – тврдења што проектираат моќ, но се уриваат под тежината на проверката.

Во економијата, наративот беше триумфалистички. Претседателот Трамп зборуваше за цени на гориво под 2,30 долари „во повеќето држави“, за историско зголемување на работните места и за невиден бран на глобални инвестиции од 18 трилиони долари. Но реалноста кажува нешто друго, како што утврдија тимовите за проверка на факти во американските и европските медиуми: цените на горивото се движеа околу 2,95 долари на национално ниво, растот на вработеноста значително забави, а бројките за инвестиции се надуени речиси двојно. Реториката на Трамп упатува на напредок, но податоците укажуваат на застој.

Овој јаз ја одразува поширока стратегија во која повторувањето ја заменува проверката, а самодовербата ја заменува доказноста. Целта не е да се убеди преку точност, туку да се надвладее преку количина на пораки, без оглед на тоа што тие не се засновани на факти.

Имиграцијата, очекувано, беше тема искористена за претерувања и страв. Тврдењето дека „нула илегални имигранти“ влегле во Соединетите Држави во изминатите девет месеци беше во очигледна спротивност со тековните извештаи за случувањата на границата. Уште позагрижувачко беше повторното оживување на позната конспиративна теза: дека Венецуела намерно ги испразнила своите затвори и психијатриски установи и ги испратила луѓето во САД. Разузнавачките служби немаат докази за таква координирана акција, но наративот опстојува — затоа што неговата функција не е информативна, туку емоционална.

Надворешната политика го следеше истиот образец на апсолутизам. Тврдењето дека САД „ја уништиле“ иранската нуклеарна програма во 2025 година беше претставено како апсолутна и конечна победа. Експертите, пак, укажуваат дека и покрај нападите, иранската нуклеарна програма е далеку од елиминирана. Реториката на целосно уништување ја замени реалноста, а тоа е дека Иран доживеа делумно нарушување на својата нуклеарна програма.

Можеби најзагрижувачко беше враќањето на одамна разобличени тврдења за јавното здравје. Говорот повторно ја оживеа тезата дека амишките заедници не се вакцинираат и затоа имаат „речиси никакви случаи на аутизам“, придружена со груби споредби за вакцинацијата. Ова не се само неточности – туку наративи со реални последици, кои ја поткопуваат довербата во науката и здравствените системи.

И покрај сè, имаше и фрагменти на вистина, како што е намалувањето на цените на јајцата. И тука, повеќе или помалку, завршуваат точностите. Тие не можат да ја зацврстат кредибилноста, ниту можат да прикријат пејзаж изграден врз погрешни и манипулативни тврдења.

И самата сала стана дел од приказната. Протестни пораки, довикувања и отстранувањето на пратеник од салата открија подлабока пукнатина – не само политичка, туку и епистемолошка. Кога избрани претставници си довикуваат „Лажеш!“ низ салата на Конгресот, тоа не е само неред. Тоа е симптом на распаѓање довербата.

Демократскиот одговор го долови ова чувство директно: Американците, како што беше кажано, „не ја слушнаа вистината“.

Но можеби најважното прашање не е дали говорот содржеше невистини. Тоа веќе е јасно и очекувано. Поважно е прашањето: што се случува кога невистината станува нормализирана на највисокото ниво на моќ?

Затоа што ова не беше само долг говор. Ова беше концентрирана акумулација на наративи дизајнирани да ја обликуваат перцепцијата, да ја замаглат одговорноста и да ја прекројат самата реалност. Перформанс во кој должината го засилува ефектот, а повторувањето се обидува да ја замени вистината. Накусо: должината на говорот беше историска. Оддалеченоста од вистината беше без преседан.

Во таа смисла, 108-те минути не беа вишок, ниту неуспех – туку доказ дека постои стратегија да се уништи поимањето на реалноста и фактите.
А вистинската опасност не е во тоа што беше кажано, туку во тоа колку лесно може да се поверува во лагите. Времето ќе покаже колку тоа му успева на американскиот претседател Доналд Трамп.

ПС. Читајте за Трамп, мислете за дома.

(civilmedia.mk)

Filed Under: Колумни

ИМАМЕ БЕЗБЕДЕН ГРАД А ДАЛИ ИМАМЕ БЕЗБЕДНА ДРЖАВА?
КОМПАРИРАЈЌИ ГИ ЕВРОПСКИТЕ ЛИНИИ И СИГНАЛИ ОД СЕВЕР
ИРАН: НАЈВЕРОЈАТНИТЕ СЦЕНАРИЈА ПО СМРТТА НА ХАМНЕИ
СИЛЕН МЕЃУНАРОДЕН ОДЕК ЗА „17“
ВОЈНАТА Е ОПИУМ ЗА ИЗРАЕЛСКИОТ НАРОД

Најново

  • ИМАМЕ БЕЗБЕДЕН ГРАД А ДАЛИ ИМАМЕ БЕЗБЕДНА ДРЖАВА?
  • КОМПАРИРАЈЌИ ГИ ЕВРОПСКИТЕ ЛИНИИ И СИГНАЛИ ОД СЕВЕР
  • ИРАН: НАЈВЕРОЈАТНИТЕ СЦЕНАРИЈА ПО СМРТТА НА ХАМНЕИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet