Берлинале ќе се одржи од 13 до 23 февруари, со 13 програмски содржини или вкупно 240 филмови и три серии

Иако се гордее со тоа што е најполитичкиот од сите големи фестивали, минатогодишните општествени немири што се разбрануваа низ Берлиналето, од војните во Украина и Газа, до статусот на уметниците и подемот на десницата во Германија, предизвика тешкотии за режисерското дуо Карл Чатријан и Мариета Ризенбек, кои ги напуштија своите позиции на фестивалот по пет години.
Годинава почнува мандатот на новата лидерка, Триша Татл, поранешна директорка на Лондонскиот фестивал БФИ. „Не можеме да избегаме од политиката, која е дел од ДНК на самиот град во кој се одржува фестивалот. Свесни сме дека вестите често се доминантна тема на фестивалските разговори, но се надеваме и веруваме дека насловите што ги избравме ќе ги поттикнат гледачите да разговараат и за нив, како и за виталноста на оваа уметничка форма“, рече Триша Татл. Таа, сепак, призна дека и овогодинешната политичка ситуација во Берлин ќе биде обременувачка за организаторите, со оглед на фактот дека Германија е среде изборна кампања, а гласањето во земјата ќе се одржи на 23 февруари, последниот ден од Берлинале.
„Живееме во поделен и разединет свет, но колку и да се тие околности предизвикувачки, морам да нагласам дека почувствував голема радост, задоволство и привилегија да ги гледам филмовите што јас и мојот тим ги избравме за овогодинешното издание“, додаде Триша.
На 75. Берлинале ќе бидат прикажани вкупно 240 филмови и три серии во 13 различни програмски линии.
Меѓу избраните наслови ќе има запаливи политички теми, како што се „Германскиот народ“ од Марцин Вишовски за десничарските напади во германскиот град Ханау во 2020 година, „Писмо до Дејвид“ од израелскиот режисер Том Шовал посветен на неговиот пријател Дејвид Куни, кој беше киднапиран од Кибуц Нир Оз на 7 октомври, американската режисерка Јулија Локтев ги следи независните новинари во Москва, во времето на рускиот напад на Украина. Сите три филма се дел од специјалната програма.
Во главната натпреварувачка програма, од 19 дела од 15 земји, единствената воена тема е претставена во документарниот филм „Временски печат“ на Катерина Горностај, за секојдневниот живот на наставниците и учениците од различни делови на Украина.
Останатите наслови, како што објави Триша Татл, нудат „широчина на кинематографски прегледи и фасцинантни сознанија за различни животи и пејзажи. Имаме интимни драми кои бараат од нас да ги разбереме човечките слабости и предности, нежни комедии, но и остри, црни сатири…“

Неколку поранешни лауреати повторно ќе се борат за главните награди.
Ричард Линклејтер ја носи „Сина месечина“, костимирана драма за последните денови на текстописецот Лоренцо Харт, кој заедно со композиторот Ричард Роџерс напиша некои од најпознатите американски мјузикли и песни. Главните улоги ги толкуваат Итан Хок, Боби Канавал и Маргарет Квали. Ова е четврти пат Линклејтер да се натпреварува за главната награда. Во неговата претходна „турнеја“, во 2014 година, ја доби Сребрената мечка за режијата на филмот „Растење“.
Четирикратниот добитник на Сребрената мечка, Корејецот Хонг Санг-су, познат по бавните филмови за љубовните врски и секојдневните дилеми, се враќа со интимната драма „Што ти кажува природата?“.
Познатиот романски режисер Раду Жуде се натпреварува со комедија на апсурдот „Континентал ’25“ инспирирана од „Европа ’51“ на Роселини. Главниот лик е Оршоља, извршител кој е обземен од вина кога иселувањето на бездомник во Клуж води до негово самоубиство. Во 2021 година Жуде ја доби Златната мечка за „Баксузни крис или луда порнографија“, а во 2015 година беше награден за режија на филмот „Аферим!“
Вивијан Киу од Кина ја режираше драмата „Девојки на жица“, за самохрана мајка која убива дилер на дрога и бега од неговите будни чувари, барајќи засолниште кај својата не толку блиска роднина. Вивијан беше продуцент на филмот „Црн јаглен, тенок мраз“, кој ја освои Златната мечка во 2014 година.
Оскаровката Џесика Честејн по „Сеќавања“ повторно соработуваше со мексиканскиот автор Мишел Франко. Во филмот „Dreams“, Џесика глуми богат член на американското високо општество, кој се вљубува во мексиканска балетан. Нејзиниот партнер во филмот е вистинскиот балетски уметник Исак Хернандез, кој штотуку стана водач на Американскиот балетски театар од Њујорк, како првиот Мексиканец во историјата на таа трупа. Истиот наслов (Соништа) го носи и Норвежанецот Даг Јохан Хаугеруд, последниот дел од трилогијата „Сексот – слободна човечка врска, соништата и општествените норми. Во третиот дел, авторот се занимава со Јохан, кој е вљубен во својот професор.

Романот „Жешко млеко“ на Дебра Леви, за Софија која открива сосема нов свет на слобода кога ја носи мајка си во Шпанија, во мистериозна клиника што може да ја излечи од имагинарна болест, беше адаптиран во филм на британската режисерка Ребека Ленкевич, во кој главните улоги ги толкуваат Ема Маки, Фиона Шо, Викинсент Перес.
Марион Котијар ја игра Кристин, актерка која ја снима филмската адаптација на „Снежната кралица“ во Франција во 1970-тите. Во исто време, забеганото сираче Жан (Клара Пацини) наоѓа засолниште во студиото каде се снима филмот и станува маѓепсана од Кристина. Ова е заплетот на филмот „Снежната кула“ на француската режисерка Лусил Хаџихалиловиќ, во кој играат и германскиот актер Аугуст Дил и сопругот на Лусил, познатиот аргентинско-француски режисер Гаспар Ное.
Во рамките на Специјалната селекција, надвор од конкуренција ќе биде прикажан новиот филм на корејскиот режисер Бонг Џун-хо, прв што тој го сними по невидениот успех на филмот „Паразит“. Во научно-фантастичниот, мрачно хумористичен филм „Мики 17“ играат Роберт Патинсон, Марк Руфало и Тони Колет.
На свеченото отворање, исто така надвор од конкуренција, ќе биде прикажана драмата „Светлина“ на познатиот германски автор Том Тајквер, за уништено петчлено семејство и нивната слугинка од Сирија, што ќе предизвика да излезат на виделина долго закопани емоции и скриени тајни. За главните награди ќе одлучува жирито со кое ќе претседава американскиот режисер Тод Хејнс од „Керол, далеку од рајот“, чие деби „Отров“ ја освои наградата Теди во Берлин во 1991 година.
Годинешната почесна Златна мечка ќе и биде доделена на актерката Тилда Свинтон, која во текот на годините играше во 26 филмови прикажани на Берлинале.
Во придружната програма за форуми, посветена на современата кинематографија „што ги надминува култните и комерцијалните, покажувајќи искри на човештвото, ја доведува во прашање постојната состојба на работите и служи како сеизмограф на нашето време“ (според зборовите на селекторката на Барбара Вурм). Желимир Жилник е зстапен со новиот документарец „Реставрацијата и сонот на старата гарда“. Жилник, кој ја доби Златната мечка во 1969 година за „Рани работи“, сега ја раскажува приказната за животот на постариот музичар Стеван Арсин кој по шест децении живот и работа во Германија се враќа во Србија за да го заврши долгорочниот процес на враќање на семејниот имот. Изборот „Перспективи“, посветен на дебитантите, ќе ја изведе драмата „Што има, девојче“ („Кај ти је, делица“) на словенечката режисерка Уршка Ѓукиќ, за интровертна 16-годишна девојка која се приклучува на хорот за девојки во нејзиното католичко училиште. Филмот е во копродукција на Словенија, Италија, Хрватска и Србија.