Еве некои запишани сведоштва како се чекала Прочка на велешките улици. Јазикот е таков каков што се користел и говорел тогаш
За Велешани и другите православни христијани помина празникот Прочка кој беше на 14 март, последниот празник пред Велигден, па еве стории и адети од минатото.
Фотографијата е од 1919 г. Велес на која се гледа група француски војници , преправени со карактеристични маски , кои запишале дека многу им се допаднал празникот и тие самостојно се вклучиле во празнувањето. Веројатно научиле нешто и од нас
На Прочка единствено во Велес се амкале варени јајца а во месноста „Којник“ имало и карневал. Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или сукани пити. На Прочка ќе правиме сурати, ќе се преправаме… и ќ’одиме од куќа на куќа… и ќ’играме, и това обавезно по дванајсе души одевме: момче, невеста, баба, дедо, ѓавол, доктор, благар, се си имаше називи. И како сватови, нели… и одеме од куќа на куќа… и ни даваа блакце и париче. Една година одевме шо одевме по куќите… и благарот шо беше Тасе Спасев, Пешо – презиме… и коа дојдовме кај Карастојанови, испаѓаме откај Карастојанови и викаме: „Дај да видиме колку благо собравме!“… Коа ќе видиме, у кошничето нема ништо. Тоше го изел благото… и ајде ќотекот…
А на Прочка обавезно, ја, како младоженец, со мустаќи ќе ми направат, сето тоа, облечен, сестра ми ќе се направи како невеста и одеевме по роднините. Това одеевме докај двата саатот, откај десетте докај двата саатот и си се прибиравме дома. После постарите одеа, па кај постари луѓе на бакни-рака, на проштевање. Таа традиција е сочувана до ден-денеска. (Јордан Таќев, 1934)
Прочкари одеа ли? Одеа- сме се преправале, кое невестиче, кое машко така, сме оделе кај поблиските, па и некое париче коа ќе паднело па, колку сме биле радосни… Па тие, повозрасните, обавезно со протокал за жената, а за мажот – лимоњ. Се сеќавам, мајка ми, откоа ќе завршеле гостите, отприлика знаела кои повеќе ќе дојдат … и после ќе земеше… кај татка и ќе претрчаше, ќе отидеше да… да се прости. (Магдалена Нешова, 1937)
На прочка се одело порано? Се одело преправени жените, ние на пример, имам јас и слики, преправени поручокта сме оделе, а сабајле машките. И поминуала у Велес, сеа кој бил како, коа сум била мала, мртовечка глава кол некој преправен е тогај ногу ме страеше мене… Сме испаднале надвор, ќе мине мртовечка ли, корска глава ли не знам сеа, тоа препраено високо и се сме бегале од тоа. Женските у невеста, у баба, така преправени… (Султана Здравкин, 1933)
Друг случај кога се собираа они беше на прочка, кога се амкаше кога се ставаше на… да висе горе, закачено на таванот со закачок, па се ставеше чушка, се ставаа друго, али и алва – онаа бела алва. Е тогај за белата алва сите се бореа да ја лапнат… Али не смее со раци да се фаќа, само со устата, така да, често пати децава сакале да ја фатат со рака и ќе не удрат по рака… Тоа беше интересни случаеви кога се среќаваа овоа родниниве во нашата куќа, нели… И тоа ми останало во впечаток, мислам дека беше интересен и најубав впечаток од сите времиња коо дете шо сум била… (Бојанка Андонова, 1918).
Прочка секогаш се паѓа во недела. На тој ден сите домашни се облекуваат со нови алишта, одат во црква на утрена, а потоа и на фотограф за да направат семејна фотографија. Многу често на овој ден се облекувале и народни носии и со нив се парадирало низ град. Особено децата биле облекувани и фотографирани во носии.
На Прочка било обичај помладите, но и постарите да се преоблекуваат и да ставаат маски, да се „ маскираат“. Велешани маските ги нарекувале „сурати“, а со маските тајфата маскирани изведувала и мал скеч ,при што најчесто се пеела песната „ Оптири лајлам “. Тоа била шеговита песна која ја дополнувала играта која ја изведувала тајфата.
Кои маски биле карактеристични? Прво била маската „ баба“ – маската била со жолта боја , ишарана со брчки, црна шамија, црна сукња, шарено елече. Маската „дедо“ исто така била жолта по боја, имала мустаќи и брада, направени и залепени на суратот од волна или памук. Дедото носел шубара или качкет.
Друга маска била „ невестата“; млада жена , со плетенки, во народна носија, нашминкана ,со црвени образи. Со неа одело „ момчето“, маска со мустаќи широки веѓи, црвени образи, со качкет , облечено во селска облека , со појас и опинци на нозете.
„Арапот“ е маска која поодамна е заборавена. Тој носел црн сурат или пак лицето му го премачкувале со црна боја за чевли.Имал селска облека, широк појас, фес со зелена боја. Арапот носел дрвен меч со кој ја прободувал бабата.
„ Ѓаволот“ е карактеристична маска со рогови, искривени очи, црвена уста, облечен во црна облека и обавезно носел дајре, со кое тропал и постојано скокал и играл околу остатокот од тајфата маскирани.
„Докторот“ е облечен во бел мантил, со слушалки, очила, брадиче .Носел градска облека и обавезно во рацете имал кошница за собирање на благото кое на групата и го дарувале граѓаните.
Тајфата прочкари започнувале со „ Ој лоло, лоло,слатка ли е ракија? Слатка е бре дедо како мед и шеќер!“
Потоа Арапот велел „ буц бабата е болна од трбушен тифус“ и ја буцал бабата со дрвениот меч. Таа паѓала болна , па останатите го викале докторот да ја прегледа и даде дијагноза.Тој велел дека „ бабата е болна за благце“. Сите во глас пееле „ на бабата благце, а на докторот париче“ и луѓето дарувале благо и ситни парички.
Маската „арап“ останала од времето на турското владеење и дирекно е поврзана со периодот на репресии врз населението, за покасно постепено да исчезна како таква.
На прочка се служи баклава и кадаиф . На бебињата им се ставало варено јајце во пелените. На масата се служела леблебија и расолница.
На Којник во Велес се правел карневал , а главна атракција бил дрвен коњаник со коњска глава. Маскираните тајфи влечеле колска запрега. Се ставал казан и се варела зелка. На тезгите се продавале шеќерлемиња, свилени бомбони, шеќерна волна и други слатки работи, а се служела и блага варена пченица и пченка.
Прочка бил празник на помирување и простување. Скараните се простувале , луѓето се помирувале меѓусебно. Сите биле весели и среќни на тој ден.
Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара со „простено да ти е од мене и од Бога“. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајце.
Што е тоа „амкање јајца “ ?
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Во велешките куќи секогаш на гредите се ставале куки на кои се врзувале лулки за деца, или како во овој случај конец за амкање јајца.
Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласувало за најсреќно во следната година и тоа добивало награда.
Денот по Прочка е Чисти понеделник кога почнува големиот велигденски пост. На тој ден се оди пешки до Башино село на бел грав со растриени суви чушки и варена царевка. Тој ден е празник за селото.
На овој ден се чисти целата куќа. Се перат алишта ,се вријат садовите од нечистотија, а благото кое останало се скрива, бидејќи почнуваат постите до празникот Тодорица .
Традициите се тука да се знаат и почитуваат, а Прочка е традиција постара можеби и од христијанството; пагански обичај кој народот не го заборавил до денес.