ФЛОРИЈАН БИБЕР
Северна Македонија нема како да попушти на суштински план пред барањата на Бугарија и за надминување на ветото во ЕУ ќе треба некаков симболичен компромис или механизам за Софија да го спаси својот углед. А за таква промена потребен е пријателски совет од ЕУ земјите до Бугарија дека можеби треба да ги има на ум сите домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор, вели, во интервју за МИА, универзитетскиот професор специјализиран за Балканот, Флоријан Бибер.
Сепак, Бибер, вели дека не гледа јасна причина зошто да верува дека ќе се случи деблокирање на ветото во декември, но дека ништо не е невозможно и ќе зависи од сигналите од Бугарија и што се случува зад кулисите, со оглед дека Германија, која е најголемиот поддржувач се наоѓа во преодна фаза на владата и останува да се види што ќе направат и другите ЕУ држави во однос на ставот на Бугарија.
Во однос на процесот на проширување на ЕУ, Бибер посочува дека иако не смета дека тој е мртов, со сигурност е во сериозна криза и, дека ја има загубено способноста за промена во регионот, нагласувајќи дека има премногу неизвесности, а сѐ што ЕУ има да понуди е членство, што, според него, не е многу веродостојно.
За оставката и очекувањата од наследникот на Заев, европскиот пат на земјата, повлекувањето на Меркел и новата влада во Германија, како и очекувањата од француското претседателство со ЕУ и ратификацијата на договорот со Фронтекс, прочитајте во продолжение на целосното интервју со Флоријан Бибер.
На 12 декември ќе се одржи Конгресот на владејачката СДСМ каде ќе се избира нов лидер на партијата и со тоа нов премиер на Владата, и покрај колебањата Зоран Заев потврди дека е решен да си замине, кој е вашиот коментар?
Мислам дека и покрај одисејата на носењето на оваа одлука, јасно е дека ова беше предизвикано или барем олеснето од целокупната фрустрација поврзана за клучниот проект на отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. До одредена мерка е и сигнал до надворешниот свет, до европските партнери дека ова е тоа што се случува кога блокирате една земја предолго. Луѓето стануваат фрустрирани, но и нивната поддршка во партијата ослабнува, и не знаете повеќе дали вреди да продолжите со вашата политичка кариера. Јасно е дека е порака која се обидува да ја испрати. Истовремено, таа одисеја на давање оставка или не исто така ја покажува слабоста на владата како резултат, покрај домашните причини, на неможноста на земјата да оди напред поради тие несериозни причини на бугарското вето.
Дали сметате дека одлуката на Заев да се повлече е мудра?
Разбирливо е. И сигурно има и добра страна во таа порака дека некој се повлекува од функција и не се држи по секоја цена за фотелјата. Генерално е здрав сигнал дека не мора како премиер да продолжите по секоја цена додека не ве избркаат од функција, или додека не ве осудат на затвор итн. Добро е за земја како Северна Македонија или било која земја во регионот, каде има долга традиција на поднесување оставка само во пораз. Но во одредена мера ова е и откажување. Претпоставувам дека ќе беше посреќен да поднесе оставка откако ќе започнеа пристапните преговори со ЕУ. Тоа сега не е случај и се надеваме дека ќе може да замине со такво наследство. Она што го видовме, исто со процесот на оставка, е дека доколку таа е прерана тоа може да ја загрози целата влада, а со тоа и целиот проект. И тоа избрзување со оставката не беше мудро. Повлекувањето сега во поорганизирани услови се чини дека ќе спречи негативни последици.
Гледано од надвор дали неговата оставка може да испрати негативен сигнал за регионот, со оглед на тоа дека Северна Македонија важи една од најстабилните и проевропски земји, за што придонесе неговиот личен влог во Преспанскиот, итн?
Заев изгради меѓународна репутација поради неговото принципиелно исполнување на европската интеграција. Прашањето е дали за неговиот наследник ќе биде приоритет и дали ќе биде еднакво посветен на тоа. Очекувам посветеност од неговиот наследник, но прашањето е дали ќе биде со толкав интензитет. Но, владата исто така ги изгуби локалните избори и луѓето се разочарани од перформансот внатре во државата, така што ова е прилика за нов почеток во тие реформи, а не само во однос на ЕУ интеграциите. Ќе зависи од наследникот дали ќе ги исполни тие очекувања. Исто дали ќе успее да постигне успеси од самиот почеток за да не мора да се бори со кревка коалиција. Таа кревкост што ја видовме носи ризик од колапс во наредните месеци, така што ако целиот фокус е на тоа, нема да помогне за остварување на реформите.
Советот за општи работи на ЕУ и самитот на кои Северна Македонија очекува деблокирање на ветото за почеток на преговорите се за помалку од две недели. Министерот за надворешни работи рече дека има уште надеж. Дали според вас има основ за ваква надеж?
Немам информации одвнатре, не сум слушнал ништо што сугерира брзо решавање. Мислам дека луѓето во ЕУ се свесни дека ова е уште една прилика за почеток на овој процес. Сите многу јасно ставија на знаење дека се фрустрирани поради бугарската позиција. Ништо од тоа не е ново. Еден од клучните предизвици е тајмингот. Затоа што мислам дека германската влада игра клучна улога во исполнување на агендата, таа е една од најголемите држави во ЕУ поддржувач на проширувањето, и во договорот за новата влада стои почетокот на преговорите со Северна Македонија што поскоро. Но, за сега има вакум. Не дека германската влада во заминување не се интересира за прашањето, но се наоѓаме во преодна фаза. Иако пораката е конзистентна, проблемот е што ќе направат и другите ЕУ држави во однос на ставот на Бугарија. Тука постои еден јаз, така што немам јасна причина да верувам дека ова ќе се реши во декември. Но, ништо не е невозможно и ќе зависи од сигналите од Бугарија и што се случува зад кулисите, но за сега не сум видел некои знаци кои би ме направиле оптимист дека ќе се реши до крајот на оваа година. Но би бил многу среќен ако грешам.
Бугарија вели дека зависи од Северна Македонија. Што е тоа што треба да го стори С.Македонија?
За Бугарија секогаш зависело од Македонија, од нивна гледна точка тоа не е изненадување. Вистинското прашање е дека барањата на Бугарија се целосно скандалозни и не гледам никаква причина зашто Северна Македонија би ги исполнила тие барања или како би било тоа воопшто морално одбранливо. Повеќе земји членки на ЕУ го рекле тоа и јавно и зад затворени врати дека е скандалозно и неприфатливо. На крајот за да го укине ветото, ќе бидат потребни некои механизми за Бугарија да си го спаси угледот, некаков симболичен компромис. Но, во однос на суштината не сметам дека треба Северна Македонија да го смени ставот, туку од Бугарија. А за таква промена потребен е пријателски совет од ЕУ земјите до Бугарија дека таа има многу проблеми и дека можеби треба да ги има на ум сите тие домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор. Имаше повеќе обиди за компромис од повеќе претседателства на ЕУ, прашањето е дали следното претседателство, Франција, ќе проба. Во јавност Франција е сега отворено посветена на почетокот на преговорите откако ја доби реформата на преговарачката методологија, но јасно е дека нема ни да биде нејзин приоритет. Така што повторно е на германската влада заедно со неколку пријателски земји членки на ЕУ, и мислам дека ќе треба време.
На кој начин може Бугарија да го спаси својот углед?
За суштинските прашања не гледам како Бугарија би победила тука. Инсистирањето на барањата да не се користи македонскиот јазик во ЕУ е сосема незамисливо, нема никаква смисла тоа барање. Околу историските прашања можеби некакви многу широки необврзувачки декларации се нешто што може да се замисли, или некаков процес што го одлага прашањето за на крај, како што ЕУ секогаш ги решава работите, и ако може да помогне да се одглават преговорите тогаш е во ред. Но, секаква содржинска отстапка е неизводлива според мене, а и не е добредојдена.