Дури и Бугарија да го крене ветото до крајот на годинава, процесот не напредува со другите две земји кои преговараат и нема перспектива за сериозно придвижување, во голем дел поради домашната ситуација. Потоа има ризик друга земја да стави вето за Србија на пример, Романија, Хрватска. Толку многу вета можат да се појават. Треба да се има на ум дека ако Бугарија излезе како победник се крева ризикот дека други земји ќе бидат охрабрени да се однесуваат на ист начин за да го добијат тоа што го бараат – вели Флоријан Бибер за МИА. Ова е втор дел од тоа интервју
Во однос на Германија, видовме дека ни Меркел не тежеше доволно да влијае врз Бугарија, а новата влада уште не е на сила, дали навистина може да се смета на Германија во овој контекст?
– Има повеќе причини да се биде оптимист за понатаму. Прво Меркел секогаш се воздржувала да се спротивстави на сериозни злоупотреби на моќта во други држави особено ако лидерите на тие држави доаѓаат од нејзиното политичко семејство, Европската народна партија, ЕПП. Бојко Борисов е тој што ја започна целата работа и е нејзин партнер во ЕПП. Меркел не беше критична кон него, таа дури прифати некои злоупотреби на владеењето на правото во Полска. Толерантна беше кон Вучиќ и неговите злоупотреби. Колку и да поддржуваше проширување, таа не беше критична. Не мислам дека таа го поддржуваше бугарскиот став, но не сакаше да инвестира политички капитал за да го промени. Не мислам дека неуспехот од последните години се должи на недоволната тежина на Германија, туку затоа што влогот не беше доволно голем. Може германската влада да каже дека е незадоволна, но ако нема опиплива политичка цена за тоа, Бугарија може тоа да го игнорира. Но мислам дека новата влада бидејќи ги има Зелените во коалиција кои се многу погласни за владеењето на правото, немаат партии партнери во регионот кон кои имаат лојалност, можат да бидат многу подиректни, и ако сакаат можат да ја кренат цената. Владеењето на правото е на врвот на нивната агенда за ЕУ, многу повисоко отколку што беше за Меркел. Ова важи за сите прашања за владеење на правото, не само Бугарија.
Дали политиката на проширување е во изумирање?
– Сигурно е дека е ужасна состојба, несомнено. Дури и Бугарија да го крене ветото до крајот на годинава, процесот не напредува со другите две земји кои преговараат и нема перспектива за сериозно придвижување, во голем дел поради домашната ситуација. Потоа има ризик друга земја да стави вето за Србија на пример, Романија, Хрватска. Толку многу вета можат да се појават. Треба да се има на ум дека ако Бугарија излезе како победник се крева ризикот дека други земји ќе бидат охрабрени да се однесуваат на ист начин за да го добијат тоа што го бараат. Се надевам дека Бугарија нема да биде успешна за да се обесхрабрат другите да го прават истото. Потоа се поставува прашањето што со земјите кога ќе се приближат до целта на членство, дали Франција повторно ќе кочи? Има многу неизвесности, иако не мислам дека процесот е мртов, со сигурност е во сериозна криза и ја изгуби способноста за промена во регионот. Погледнете ги Србија и Косово, нема перспектива да се реши за сега, а сѐ што ЕУ има да понуди е членство, а тоа не е многу веродостојно.
Често го поставувам ова прашање и никогаш не добивам јасен одговор, а тоа е дека со оглед на тоа дека проширувањето е ослабено, може ли да се најде некаков алтернативен паралелен процес кој би донел исти бенефити во однос на реформи и фондови без притоа да бидат земјите предмет на билатерални блокади? Се размислува ли во тие кругови за такви решенија?
– Се шират разни идеи, но скептичен сум кон некои од нив. Постои таа идеја за Заедничкиот европски пазар што ја промовира организацијата ЕСИ, да се интегрира регионот во заедничкиот пазар на ЕУ без членство во ЕУ како преодна фаза. Ова не помага за прашања поврзани со владеењето на правото, тоа е еден голем проблем. Друга опција која ветува повеќе е таа за зачленување во фази. Значи земјите стануваат членки на ЕУ скала по скала, што би донело придобивки порано во процесот, но немате еврокомесар или право на вето на пример, и тоа ги смирува преокупациите на Франција на пример. Може да се замисли некој таков процес, но повторно клучно е како да се заобиколи ветото. И тоа е многу тешко, затоа што многу земји, дури и тие кои не го користат правото на вето за сега, би пружале отпор да се откажат од него затоа што некои од нив немаат доверба во Европската Комисија во овој момент, бидејќи еврокомесарот за проширување е пристрасен и про-Орбан и не сакаат да бидат водени во процесот на проширување од страна на Европската Комисија и сакаат да го задржат правото на вето в џеб. Тие грандиозни планови се тешко изводливи во овој момент, но би рекол дека промена на власта во Унгарија вгодина, ако има ослабнување на авторитарната група на земји во ЕУ, тогаш ќе може да се види дали постои шанса за редуцирање на правото на вето, со помалку можности за злоупотреби.
Сакам да прашам за Фронтекс. Бугарија ја блокира ратификацијата на овој договор со Северна Македонија затоа што одбива да се појави македонскиот јазик на документот иако сите други земји го имаат својот јазик на тој документ. Секако Северна Македонија има билатерални договори, но не и договор со Фронтекс. Како може ЕУ во сред миграциска криза каква што гледаме насекаде да дозволи Бугарија да блокира ваков договор? Легално Северна Македонија не е обврзана со Фронтекс, туку само со билатералните договори, така што ако има нова криза на границите…
– Претпоставувам дека билатералните договори функционираат доволно добро за да нема потреба да се инсистира итно на Фронтекс. Земјата се снаоѓа со асистенцијата до сега, така што ЕУ може да живее со ова. И тоа е на некој начин перверзниот ефект: да се биде прагматичен го намалува притисокот врз ЕУ. Тоа е иронијата на сево ова. Ако Северна Македонија утре одлучи да се повлече од сите билатерални договори и не може веќе да ги гарантира границите додека не се ратификува Фронтекс, тоа многу брзо би создало голем интерес во ЕУ.
Последното прашање е за генералната стабилност во регионот. Обединетото Кралство, исто така сега испраќа и свој специјален претставник за Западен Балкан. Мислите ли дека постои ризик од нестабилност или војна во регионот?
– До одреден степен има сериозна криза во регионот и во голем дел е тоа поради неспособноста на ЕУ да ги реши големите отворени прашања. Што создава и поттикнува некои политички актери во регионот да креираат кризи. Не сум од тие што мислат дека ќе има војна утре, но сѐ што се случува создава негативна динамика во регионот и сето тоа е деструктивно и не помага. Сметам дека ситуацијата е сериозна, и позитивно е ако тоа го поттикнува интересот на земји како Велика Британија повторно да се ангажираат. Ништо ова не е изненадување, и трае одамна, заканите за отцепување на Милорад Додик и авторитарното владеење на Вучиќ, спорот меѓу Србија и Косово, ништо од ова не е ново. Го кажуваме ова со години и мило ни е што се будите, но прашањето е дека убаво е да се даваат изјави, но би сакал да видам посериозен ангажман за справување со ова. И тука е вистинскиот проблем. Не гледам јасна стратегија. САД, ЕУ и Британија би развиле заедничка стратегија и посериозен ангажман, но за сега не е случај. Да се признае дека има проблем е првиот чекор, но е само прв чекор и ако е само назначување на специјален претставник, тоа нема да биде доволно. Многумина од актерите во регионот, и тука е проблемот, Додик и Вучиќ и ним сличните точно знаат кога да се повлечат кога постои ризик да бидат избркани или санкционирани. Ќе направат еден чекор назад, и сите се смируваат, мислат дека ја решиле кризата, сите мислат дека е во ред, и една година подоцна се јавува нова криза. Нема разбирање за структурните причини на овие кризи ниту волја за справување со нив. И тоа ќе го гледаме редовно, и сѐ додека не го фатите проблемот во корен, ќе има нови и нови кризи и секој пат е сѐ полошо затоа што темелот е сѐ полош, целокупната ситуација се влошува.