100 години подоцна од крајот на Првата светска војна бијат само камбаните за загинатите. Нема прецизни податоци колку жители на Македонија загинале во оваа војна ама сигурно е дека не се малку. Големи се и цивилните жртви кои произлегле од фактот дека фронтот бил на територија на Македонија
Повеќе не одекнува артилеријата, нема татнеж од воени судири, ниту пак се слушаат митралезите. Се е мирно на Западниот фронт.
Но, остануваат сеќавањата на Првата светска војна. Остануваат црно белите фотографии, писмата со поеми од воените поети како Вилфред Овен. Одекнуваат во мислите на малкубројните преживеани синови и ќерки, изнемоштени и постари од нивните татковци кои никогаш не се вратија дома.
И оваа недела во деновите до 11-ти ноември, крајот на Првата светска војна, еден од најсмртоносните конфликти во историјата на човечката раса, се дебатира за сведоштвата за масакрот.
Во неделата стотици ожалостени луѓе го посетија француското село Орс, при што некои дојдоа од многу далеку, од САД и од Нов Зеланд, за да поминат по последните стапки на Вилфред Овен, кој почина една недела пред Денот на примирјето, заедно со стотици соработници кои се обидуваа да го преминат каналот. Посетителите ги слушнаа белешките од неговото последно писмо напишано пред битка, во кое стои: „Не може да ве посети ни половина толку добро друштво на пријатели какви што ме опкружуваат мене тука.“
Како најдобро да се одржи комеморација за „групата пријатели“? Дали беше толку пригодно да се умре за својата земја во Првата светска војна? Дали победниците од војната треба да излезат со триумфални тонови или со смирени, за да не ги навредат победените европски соседи кои сега се сојузници?
Околу 80 лидери во светот, вклучувајќи ги и американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел, ќе отпатуваат во Франција оваа недела за да учестуваат во настаните со кои ќе се одбележат 100 години од примирјето на Западниот фронт. Комеморативните активности во Франција ќе кулминираат со церемонија пред Триумфалната капија во Париз во понеделник.
Се проценува дека речиси 37 милиони војници и цивили се убиени во Првата светска војна. Францускиот претседател Емануел Макрон вели дека поради ова многумина во војната од 1914 до 1918 година повеќе гледаат непотребен масакр, одошто победа која што треба помпезно да се слави. Многумина ширум Франција и светот се чини дека се согласуваат со него.
Во Британија, исто така, ќе се организираат комеморации, мали и големи, вклучувајќи и перформанс со 10.000 пламени кои ќе го осветлуваат опкружувањето на Лондонската кула, како и помен во Вестминстерската опатија.
Британската премиерка Тереза Меј исто така упати порака за помирување. „Во убиствените полиња во Франција и Белгија останаа лузни од воениот хорор, но силата и блискоста на нашата поврзаност денес е доказ за патот кој го поминаа нашите земји“, рече таа минатата недела.
Во Британија властите одлучија дека треба да има „еднаквост во сеќавањето“, на револуционерната идеја, и на тоа дека сите загинати треба да бидат закопани на воените гробишта на бојните полиња во Франција и Белгија. Други нации го следеа примерот.
Многумина аплаудираа на идејата. Но, многу жени не се согласија со одлуката загинатите да не бидат вратени во нивните татковини, вели историчарот Алисон Фел. Тие сакаат нивните мажи да почиваат покрај нив, на нивните локални гробишта и затоа организираа кампања за пишување на писма.
Тие потсетија дека американската влада понуди да ги подмири трошоците за враќање на телата на американските војници во Америка, ако нивните семејства го сакаат тоа. Владата во Британија ги игнорираше ваквите барања.
Една британска вдовица напиша дека веројатно сите жени не бараат телата на нивните мртви мажи да бидат вратени дома, но таа бара. Таа напиша: „Државата го зеде и државата треба да го врати.“
Оваа недела црковните камбани ширум Европа ќе бијат во знак на сеќавање на загинатите.
Колку жители на земјава загинале во оваа војна? За тоа нема прецизни податоци – нашите прадедовци биле ангажирани на двете страни на фротнтот.
Ангажирањето на Србија во војната против Австро-Унгарија имал одраз и во Вардарска Македонија која се наоѓала под српска власт. Од почетокот на војната па се до влегувањето на Бугарија во судирот, во октомври 1915 година, српските власти во Вардарска Македонија регрутирале 53.088 души во српската војска. Од нив 44.496 биле Македонци, 8.482 Турци и Албанци и 111 Евреи.
Воените обврзници од Вардарска Македонија биле испраќани да се борат на фронтот во западна Србија против силите на Австро-Унгарија. Регрутацијата и самата војна не биле прифатени од регрутираните Македонци, Турци, Албанци и другите. Многумина од нив уште при регрутирањето, испраќањето на воена вежба или при воените подготовки, изостанувале, бегале или се сокривале. Многумина од нив на самиот фронт дезертирале, ги минувале Дрина и Сава предавајќи се на австро-унгарските власти.
Австро-Унгарија и Бугарија постигнале договор според кој заробените Македонци биле третирани како Бугари. Отука тие биле ослободени од заробеништво и преку Романија биле испратени во Бугарија каде што повторно биле регрутирани, меѓутоа сега во бугарската армија. По окупацијата на Вардарска Македонија од страна на Царството Бугарија, новите бугарски власти спровеле нова мобилизација во овој дел на Македонија.
Бугарија извршила најмасовна регрутација и мобилизација на Македонците во Пиринска Македонија и помеѓу македонската емиграција во Бугарија. Пред нападот врз Србија во есента 1915 година, бугарската Врховна команда ја создала 11-та македонска дивизија и во нејзиниот формациски состав вклучила 33.046 Македонци. Покрај регрутацијата на Македонците во составот на бугарската регуларна армија, бугарските власти регрутирале Македонци и во диверзанските чети под раководство на Тодор Александров. Грција која објавила неутралност, исто така спровела регрутација во Егејска Македонија со која биле регрутирани околу 20.000 Македонци.
Подготовките на Бугарија за влегување во војна биле во насока на тоа во Македонија да се создадат услови кои би испровоцирале нејзино вклучување во истата заради наводната заштита на населението, кое тие го сметале за бугарско. Во таа насока Бугарија сакала да ги исползува на своја страна разните македонски организации, пред се ВМРО, заради исполнување на нејзините намери. За да започнат вооружените провокации на територијата на Србија, преку бугарската влада на Радославов од страна на Австро-Унгарија биле дадена парична сума од околу 25 милиони златни круни, кои за таа цел биле наменети на користење на ВМРО на Тодор Александров.
Со овие парични средства, со паролата за автономија на Македодонија и антисрпското расположение кај раководството и четниците на ВМРО се започнало со подготовки за влегување на комитски чети во оној дел од Македонија кој бил под српска власт. Четите на ВМРО, заедно со турски чети и потпомогнати од специјалисти за експлозив и пиротехника од Австро-Унгарија на 20 март (стар стил) 1915 година навлегле на територијата држена од српската власт и ја предизвикале Валандовската афера
Комбинираниот напад на четите на ВМРО и турските чети, бил извршен токму во овој дел на Македонија на 20 март. Притоа првичната цел на нападот била да се изврши уништување на мостот преку кој поминувала железничката линија на реката Вардар кај станицата Удово за да се прекине снабдувањето на српската војска на линијата Солун–Скопје. Во нападот на трите утврдени српски пунктови кај Валандово, Пирава и Удово. На чело чети на ВМРО се наоѓале војводите: Ване Стојанов, Петар Чаулев, Љубомир Весов, Панајот Карамфилов, Тодор Петров, Никола Лефтеров, Туше Скачков, Христо Делчев и други, а нивниот број за време на нападот кај Валандово и Удово изнесувал околу 1.000 души.
Акцијата ги раздвижила српската војска, жандармерија и четниците од паравоената организација Народна одбрана. Тие како одмазда за дејствувањето на комитските и турските чети спровеле терор во источниот дел на Вардарска Македонија при што настрадале Валандово, Берово, Пехчево и Радовиш. Голем број на македонски селани биле уапсени, претресувани и убивани, а голем број на села во овој реон биле запалени.
Јане Сандански жестоко се спротивставил на Валандовската акција. Неговото спротивставување кон оваа акција, како и конфронтациjaта со Цар Фердинанд и бугарската влада го ставаат во целосна политичка изолација.
Иако Сандански бил амнестиран од Бугарскиот парламент во 1914година, ВМРО на Тодор Александровне ја повлекла смртната пресуда од 1908 година. Неколку дена по Валандовската афера, на 21 април 1915 година, по наредба на Тодор Александров и во согласност со Цар Фердинанд, тој е убиен во заседа поставена од подрачната Неврокопска чета. Има претпоставки дека дека нападот бил организиран од воjводата Стојан Филипов, а за физички убиец се смета четникот Андон Качарков. Судот сепак ги оправдува поради недостиг на докази.
Победените српски сили при повлекувањето од Македонија одвлекле неколку илјади македонски селани, особено од источниот дел на Вардарска Македонија, кои како коморџии се движеле и се повлекувале со српската војска кон Албанија. Поразената српска војска од Србија и Вардарска Македонија преку Албанија се истовариле на островот Крф. При повлекувањето Македонците, Турците и Албанците кои биле регрутирани во српската армија се разбегале од единиците и се прибрале во своите краишта кои веќе биле заземени од новите бугарски власти.
Како резултат на оваа успешна бугарска воена кампања против Србија, под власта на Царството Бугарија се нашла цела Вардарска Македонија, дел од источна Егејска Македонија и Пиринска Македонија која ја добила со Букурешкиот договор. Останатиот дел од Егејска Македонија бил како и дотогаш во рамките на Грција
Единаесеттата пешадиска македонска дивизија ја нападнала Србија во правец кон Вардарска Македонија во составот на Втора бугарска армија и имала значајно учество во успешните битки кај Струмица, Кавадарци, Неготино и Криволак против српски и француски експедициски трупи.
Во 1916 дивизиjата била префрлена на источниот сектор на Македонскиот фронт, каде успешно извршила напад во текот на бугарската офанзива меѓу реката Места и реката Струма против британските експедициски трупи.
Во 1917 воените дејствата продолжиле, а во 1918, кога одделни бригади биле префрлени во составот на неколку различни позиции, дел од неа учествувал во успешната заштитна Битка кај Дојран на 18 и 19 септември 1918, во која биле победени многу посилни британски и грчки трупи.
Потоа во текот на офанзивата на Антантата во Вардарска Македонија Единаесетта пешадиска македонска дивизија отстапила во добар ред до денешниот Благоевград, каде била демобилизирана.
Бугарската држава го третирака македонскиот народ како дел од бугарското национално ткиво и било прогласено обединување со Бугарија. Веднаш по освојувањето на Вардарска Македонија се пристапило со регрутација на Македонците во бугарската армија. Според некои извори во регрутните списоци биле вклучени околу 80.000 души.