Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НА КРЕМЉ НЕ МУ ПРЕЧИ САМО НАШЕТО ПРИКЛУЧУВАЊЕ НА НАТО

October 14, 2019 Filed Under: Македонија

Нов план на Москва против македонското членство во ЕУ предупредува Институтот за безбедност од Виена

ЕМИЛ ЗЛАТКОВ

НАЦИОНАЛИСТИЧКИ ПРОТЕСТИ Албанците протестираат против прeсудите во случајот Монструм – Русија игра на картата на националистичките протести

Москва почнува да покажува дека не сака Македонија и Западен Балкан да влезат ни во ЕУ, иако официјалниот став ѝ е дека не е против проширувањето, и како гарант за тие свои интереси гледа дури и во етнички конфликти, што од секогаш ѝ биле корисни, предупредува Институтот за безбедност од Виена.

Иако официјална Москва постојано изјавува дека нема проблем со проширувањето на Европската унијата на Балканот, сè додека овој процес не е придружуван од проширувањето на НАТО, последните неколку месеци дејствувањето на Кремљ покажува оддалечување од таа „официјалната позиција“, велат аналитичарите.

Според Институтот за безбедност од Виена, Австрија, центар кој ги анализира политичките прилики на Балканот, Москва покажува дека не сака проширување на ЕУ со Западен Балкан, исто како што не сака ширење на НАТО, само што не го покажува тоа толку директно како по прашањето за Алијансата.

„Руската пропагандна машина непречено ја опишува ЕУ како слаба, неефикасна и неуспешна да обезбеди просперитет за Западен Балкан. Кремљ нема сомнеж за поддршка на евроскептичните партии, па дури и со задоволство ги поттикнува внатрешните поделби во ЕУ“, се наведува во најновиот извештај на виенскиот Институт за безбедност.

Тука, велат аналитичарите, се поставува прашањето – Дали е тоа само нова стратешка реторика на Москва или Кремљ има нов план?

Македонско-албанските тензии секогаш се интересни за Кремљ

На Русија, се нагласува во извештајот, ѝ недостасуваат ресурси и решеност целосно да се натпреварува за Западен Балкан, и нема што да им понуди на балканските земји како реална алтернатива за да ги повлече од ЕУ и од НАТО кон нејзините економски и одбранбени структури. Затоа, велат од виенскиот институт, „Кремљ гледа на балканските конфликти како најдобра гаранција за интересите на Русија во регионот“.

ВЕС МИЧЕЛ Русија, за да ги оствари своите политички цели, сака конфликтен и нестабилен Балкан – смета овој функционер

Овие анализи Москва редовно ги отфрла и негира, со тврдења дека нејзините намери кон регионот се чесни и се во насока на демократија и просперитет.

Дека Русија, за да ги оствари своите политички цели, сака конфликтен и нестабилен Балкан, предупреди и поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, во обраќањето на Самитот на „Економист“ во Скопје.

„Русија се обидува да воспостави контрола и доминација врз целиот регион, не сака консолидација на Западен Балкан и поддржува внатрешни конфликти за да ги спречи владите на земјите во регионот да се приближат кон Запад“, рече Мичел и предупреди дека ако земјите од регионот не станат дел од ЕУ, нешто друго ќе ја пополни таа празнина, без оглед дали тоа ќе бидат Русија и Кина или нови етнички судири.

Од тие можни етнички судири, според Инситутот за безбедност од Виена, еден од најинтересните моменти за Москва се повремените тензии меѓу етничките Албанци и Македонците во Северна Македонија, и како што се вели во извештајот на виенсиот институт, „тие тензии се предмет на редовни руски официјални декларации секогаш кога Северна Македонија ќе избере нова, реформска влада, подготвена да направи компромис за решавање на етничките проблеми за да се забрза интеграцијата во ЕУ и во НАТО“.

Москва ќе направи се за да избегне политичко понижување

За да станат дел од ЕУ, балканските земји треба да ја приспособат својата политика кон Русија, т. е. да се воведат санкции за Русија и визи за руските граѓани. Овие мерки, анализираат во Институтот за безбедност, нема да ѝ наштетат премногу на руската економија, но ќе бидат понижувачки чекор што Кремљ би сакал да го избегне.

ИЗБЕГНУВАЊЕ Москва сака по секоја цена да го одбегне сопственото бламирање

Поради тоа, Русија се обидува да ги попречи и ЕУ и НАТО во Западен Балкан, на што е можно подолг период. Затоа, како што вели Вес Мичел, потребно е поголемо демократско присуство на ЕУ и САД во регионот.

Наша цел е, вели Мичел, во регионот да има демократски држави кои ќе ги почитуваат законите и во кои ќе нема потенцијал за меѓуетнички и други конфликти, да има политичка и економска сигурност, наспроти другата визија за регионот- визијата за авторитарни режими со корупција и нестабилност.

Додека западнобалканската рана стои отворена, геополитичките фактори од Исток, посебно Русија, можат да додадат сол, и затоа единственото решение е што побрз влез во ЕУ и НАТО, предупредуваат политичките аналитичари.

Иако надворешната политика на Кремљ во последно време е најмногу фокусирана врз Блискиот Исток и САД, каде што според упатените, Москва бара реванш натпревар против Вашингтон, Западен Балкан и понатаму останува плодна почва за путиновата стратегија и е отворена рана во дворот на ЕУ и НАТО, на која Москва сака да стави руска сол.

Затоа, како што вели политикологот Георги Кирјаков, таа рана мора да се затвори што побргу.

„Руското влијание на Балканот е многу силно. Најмногу поради зависноста од енергетски ресурси. Тоа создава потенцијал за создавање на редица конфликти. Затоа раната наречена западен Балкан треба да биде затворена“, вели Кирјаков.

Намалување на вредностите на ЕУ и НАТО

Но, додека Македонија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина… заедно со нивните стратешки партнери САД, НАТО и ЕУ се обидуваат да направат да се затвори таа, геополитичките интереси на источните сили, пред се Русија, ќе се обидат балканските проблематични прашања да останат отворени, бидејќи тоа му одговара на Кремљ, предупредуваат аналитичарите. За таа посакувана статус-кво ситуација, Русија најмногу ќе игра на две карти. Првиот адут е искористување на актуелната ситуација како инструмент за намалување на вредноста на НАТО и ЕУ во очите на балканските народи, особено преку интернет пропаганда, и вториот адут – енергетскиот фактор и нерешениот спор Приштина – Белград.

И двате карти на Кремљ можат да бидат адути и во Македонија, велат експертите.

„Русија може да делува преку некој вид расчленување на тоа кои се придобивките на земјите од Западен Балкан со влезот во ЕУ, односно минимизирање на Унијата како општество и како место за живеење“, вели Зоран Нечев, од Институтот за демократија од Скопје.

Будење на сепаратистички идеи

Економски, поточно енергетски, можеби толку не е големо влијанието на Русија во Македонија, но повремено актуелизирање на идејата за размена на територии и менување на косовско-српската граница како решение за дијалогот Приштина – Белград, која речиси сите ја отфрлаат, може да предизвика сепаратистички идеи и во Македонија. Официјална Москва во повеќе наврати демантираше дека на кој било начин е дел од некое такво сценарио.

„Прекројувањето на границите ќе доведе до нестабилност, до јакнење на аспирациите на сепаратистичките кругови, а со настојување на тој сепаратизам би била загрозена и Македонија, но се надевам до тоа нема да дојде и ќе се заврши само на една идеја“, изјави за Радио Слободна Европа професорот Ристески.

Претпазливост и мирни решенија

Минатата недела, по седницата на Советот за безбедност, и претседателот Стево Пендаровски го постави прашањето за можните последици од дијалогот Приштина – Белград.

„Република Северна Македонија граничи со двете држави и затоа треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите“, рече Пендаровски.

За да не дојде до тие непосакувани сценарија, се сложуваат упатените, решението е во брзата интеграција на Западен Балкан во ЕУ и НАТО, а со тоа и затворање на балканската рана

(рсе)

Filed Under: Македонија

ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС
ПРЕВИРАЊА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА: СОЈУЗНИКОТ НА ТРАМП ВО ПОЛИТИЧКИ ПОДЕМ
ТАНЦОТ ЗБОРУВА КОГА ЗБОРОВИТЕ МОЛЧАТ – ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ГО ОТВОРИ СВОЕТО 21. ИЗДАНИЕ

Најново

  • ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
  • ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
  • ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet