ФАТМИР БЕСИМИ
Честопати, патувањето е еднакво важно со дестинацијата. Патот кон полноправното членство во ЕУ, преку градењето на демократско општество и одржлива пазарна и конкурентна економија, е еднакво значаен како и самото членство. На членството во ЕУ гледам како на признание и врата кон нови можности за нашата земја и граѓани, откако претходно ќе ја завршиме главната задача, односно „ќе ја донесеме Европа дома“ и ќе ги спроведеме реформите кои ќе осигураат економски и општествен развој. „Развојот е трансформирање на животот на граѓаните, не само трансформирање на економијата“, ќе каже познатиот економист Џозеф Стиглиц. Членството во ЕУ и пристапниот процес кон ЕУ е за унапредување на структурата на економијата и конвергенција кон развиените ЕУ економии, градење на функционален општествен систем преку владеење на правото и подобрување на јавните услуги и сѐ друго што ќе обезбеди подобар живот за нашите граѓани.
Пред десетина дена Европската комисија го објави првиот нацрт-извештајот од скринингот на нашата земја, кој се однесува на група поглавја, односно Кластер 1 – Фундаменти. Инспириран од неговата содржина, но и самото значење на овој документ за понатамошниот евроинтеграциски процес, сакав да дадам еден осврт во однос на дадените оценки и насоки од Европската комисија и идните чекори.
СОСЕМА КУСО ЗА ЕУ ПРИСТАПНИОТ ПРОЦЕС За да му стане појасно на секој читател за каков извештај станува збор – сосема накусо за процесот за пристапување кон Унијата. Земјата која е аспирант за членство во ЕУ поднесува апликација до Советот, кој се состои од сите земји-членки. Европската комисија составува мислење по основ на апликацијата, за кое по принцип на едногласност на сите земји-членки, се гласа и се носи одлука.
Откако условите за кандидатски статус се исполнети, се отвораат преговорите, по дадена согласност на земјите-членки. Европската комисија потоа предлага рамка за преговорите. За време на преговорите, кои се структуирани во повеќе поглавја поделени во кластери, земјите-кандидати се подготвуваат за имплементирање на законите и стандардите на Унијата. Откако преговорите во сите области ќе се финализираат, Комисијата го дава своето мислење за подготвеноста на земјата да стане членка. Врз основа на мислењето на ЕК, членките носат одлука за затворање на преговорите, за што согласност треба да даде и уште едно важно тело во Унијата – Европскиот парламент. Пристапниот процес завршува со ратификување на пристапниот договор од страна на земјите членки.
Преговорите се водат по основ на поглавја поделени во 6 кластери (Фундаменти; Внатрешен пазар; Конкурентност и инклузивен раст; Зелена агенда и одржлива поврзаност; Ресурси, земјоделие и кохезија; Надворешни односи). За секој кластер преговорите започнуваат поединечно, по исполнување на одредниците (популарно познати како бенчмаркови).
Кластерот Фундаменти (Основи) се отвора прв, а ќе се затвори последен и напредокот по основ на фундаментите, всушност го одредува целиот тек на преговорите. Оттаму и високото значење на нацрт-извештајот на ЕК за овој кластер. Под „фундаменти“ се подразбира функционирањето на демократски институции, реформа на јавната администрација (вклучително и управувањето со јавните финансии), владеењето на правото и почитувањето на човековите права, прекугранична контрола, функционална пазарна економија, јавни набавки, статистика финансиско управување и контрола.
При објавувањето на овој извештај, јавноста кај нас можеби повеќе се фокусираше на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, човековите права и реформата во јавната администрација. Но, подеднакво е важна и економијата и доброто владеење со јавните финансии. Соодветно, оваа колумна ја посветив на анализата и препораките за овој дел од Кластерот – фундаменти.
ЗНАЧАЕН НАПРЕДОК ВО ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ Да почнам со мојот ресор – управувањето со јавните финансии. Европската комисија во Извештајот посочува дека Владата има постигнато значаен напредок во областа на подготовка, спроведување и известување за буџетот. Имплементацијата на Програмата за реформи во јавните финансии се карактеризира со високо ниво на транспарентност, додека усвојувањето на Законот за буџети, овозможува да се спроведат најважните реформи во буџетирањето со што се зголемува фискалната одржливост (среднорочното буџетирање, единствениот информациски систем за управување со јавните финансии – ИФМИС, воведување фискален совет и фискални правила). На тие реформи им треба уште поголема брзина, a за да се постигне сеопфатната и амбициозна реформа вградена во новиот Закон за буџети, нашата земја треба да усвои акциски план и да го забрза воспоставувањето на новите институционални структури предвидени во рамките на Законот за буџети и навремено да се обезбеди соодветен кадар во клучните реформски единици во Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа.
Да дадам кус осврт кон реформите во јавните финансии. Програмата за реформи во јавните финансии или „СМАРТ јавни финансии“ е поставена така за да ги адресира сите предизвици утврдени преку дијагностиките на меѓународните организации (ПЕФА, ПИМА, ТАДАТ, СИГМА). Оваа стратегија вклучува реформи во јавната внатрешна финансиска контрола, јавните набавки, ревизијата и управувањето со јавни финансии, односно сите аспекти кои ги евалуира Европската унија. Покрај усвојувањето на системскиот Закон за буџети, кој е носител на голем дел од реформскиот процес во јавните финансии, подготвени или во подготовка се и други законски решенија, како суштински измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за јавни претпријатија, Законот за финансиска дисциплина итн.
Една од најголемите реформи во јавните финансии е имплементацијата на единствениот информациски систем за управување со јавните финансии – ИФМИС, која ќе ја подобри ефикасноста, преку поврзување на фрагментираните системи во јавните финансии, ќе донесе поголема предвидливост и контрола во спроведувањето на буџетот. Функционалната и техничката документација за проектот се подготвени и обезбедени се средства за изведба, додека Министерството за финансии во соработка со Светската банка, е во финална фаза на подготовка на јавната набавка за развој и имплементација на ИФМИС.
Исто така, сметководството и известувањето се силни страни на системот на управување со јавните финансии, додека транспарентноста на извршувањето на буџетот е зголемена преку платформата Отворени финансии и истата може да се унапреди.
Од другите заклучоци, кои се во сферата на надлежности на Министерството за финансии, ќе спомнам дека ЕК оценува дека правната рамка кај јавните набавки има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ. Правната рамка за Јавна внатрешна финансиска контрола е во најголем дел соодветна, но потребно е усвојување на новиот закон, кој е подготвен од страна на Министерството за финансии.
Исто така, вреди да се забележи и оценката во Извештајот за официјалната статистика на земјава, која има постигнато високо ниво на усогласеност со европското законодавство и меѓународните стандарди, на која координатор е Државниот завод за статистика, но каде и Министерството за финансии придонесува со продуцирање податоци.