Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НА ПЛАНИНАТА „БРЕЗА“ НЕМА ПОВЕЌЕ ПЛАНИНАРСКИ ДОМ!

May 1, 2018 Filed Under: Македонија

Во домот на Бреза претстојувавме заедно со еден германски колега. Беше воодушевен. Тоа лето во Велес температурата беше 37 степени над нулата, а кај домот температурата, на ден пладне, беше 22 степена. Колегата ми рече: „Ова што го имате вие никој во светот го нема. Долу во Велес има пустинска клима, а само на 17 километри имате планинска клима!“

СТОИЛКО АНДРЕЕВСКИ

РУИНИ Домот го имаат разрушено дрвократците

Во седумдесетите години од минатиот век планинарите од Велес, на планината Бреза, изградија планинарски дом. Денес од домот останаа само ѕидовите за да сведочат дека некогаш тука, меѓу високите вековни буки, имало живот. Без грижа на совест, без чувство дека тој објект за жителите од загадениот Велес од отровите од Топилницата , значеше живот, во 2000 година, домот беше разурнат. Кој го разурна планинарскиот дом „Бреза“?

Одговор до денес нема. Едни велат дека тоа намерно го направиле албанските „борци“ кој го предизвикаа конфликтот, а други пак дека тоа е дело на дрвократци од селата Бузалково, Дејковец и други села, кој на планината направија вистински пустош со дабовата и буковата шума. Или пак се сосема некои други!? „Македонски шуми“ како да не постоеа. Како да не им беше грижа за шумата.Ниту одеа на планината ниту пак ги спречуваа дрвократците. Општината и шумското ги оставија и домот и шумата Господ да ги чува. Дозволија Велес да остане без планинарски дом. Без пријатно катче, оддалечено само 17 километри, на надморска висина од 1.140 метри, со струја, вода, канализација. А Велес е само на 160 метри надморска висина!

КОЊУШНИЦА Мафијата тука ги чува коњите

Во осумдесетите години на минатиот век, во домот на Бреза претстојувавме заедно со еден германски колега. Беше воодушевен. Тоа лето во Велес температурата беше 37 степени над нулата, а кај домот температурата, на ден пладне, беше 22 степена. Колегата ми рече: „Ова што го имате вие никој во светот го нема. Долу во Велес има пустинска клима, а само на 17 километри имате планинска клима! А овој мирис на цвеќиња. Тоа е невидено!“. Колегата си замина. Никогаш повеќе не дојде. А и подобро зашто таа убавина никогаш немаше да ја најде.
Кога домот го рушеа не се најде стопан да го заштити. Не се најде ниту човек да ги најде уривачите! Во општината Велес, тогаш молчеа, а и денес молчат. Како на никого да не му е гајле дека тој дом, со чистиот воздук, убавите ливади, буковата шума, невидениот поглед на скоро половина Македонија, беше живот не само за велешани туку и за сите љубители на планината. Од него, како на дланка се гледаше и Скопје, Штип, термоцентралата Неготино, Велес, целото Овчеполие и врвовите на Клепа, Солунска Глава и Лисец. Не, не. Никој не се најде сајбија. А домот го сакаа сите планинари од целата држава. Беше на средина меѓу планинарските домови „Китка“ и „Чеплес“. Доаѓаа од „Китка“, ноќеваа во „Бреза“, па наредниот ден, преку Солунска Глава, пристигнуваа во планинарскиот дом „Чеплес“.

МОЖЕ ДА СЕ ОБНОВИ Велешани сметаат дека обновата не би чинела многу

Денес никои не зборува дека некогаш на планината Бреза велешани и сите планинари од Македонија, имале прекрасен планинарски дом. Меѓу голите ѕидови, пријатни мигови поминувале стотина планинари и жители на Велес. Толкав бил капацитетот на домот. Нели е малку чудно зошто и после осумнаесет години се молчи!? Зошто не се каже вистинскиот виновник? Како да постои страв? Зошто? Домот никогаш повеќе нема да се врати. Тоа го знаат сите. Но сепак зошто да не се знае виновникот и зошто тој да не одговара. Дали некој намерно ги крие виновниците!? Остануваат многу прашања на кој нема одговор. Но, едно сепак е точно. Планинарскиот дом на планината Бреза повеќе го нема! Навистина. Што домаќини бевме!?

Filed Under: Македонија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet