Системот одлични ученици 100 отсто, лошите учебници и програми , недоволно обучен наставен кадар се дел од причините за овој неуспех, за кого говорат двајца битолски професори
Според професорите Мите Ристов од гимназијата „Јосип Броз Тито“ и Александар Цветковски од Економското училиште „Јане Сандански“ од Битола, дел од проблемот е и борбата на родителите за повисоки оценки на нивите деца, додека за дел од учениците „не е кул“ да бидат одлични, потоа лошите наставни програми и изгубениот ентузијазам поради обезвреднувањето на професијата наставник
Разочарувачките резултати од ПИСА-тестовите кои ја рангираа државава меѓу последните десетина земји од вкупно 81 каде што беше спроведено тестирањето се должат на слабата способност на учениците за логичко поврзување на знаењата по сите предмети, особено по природните науки, борбата за оценки на родителите, слабата мотивација на учениците за учење затоа што тоа, според моменталните трендови, „не е кул“ и на стихијните политики и реформи во образовниот систем, сметаат професори од средното образование.
Учениците од Македонија повторно се најдоа во групата со држави кои покажуваат лоши резултати во читање, математика и природни науки според последното ПИСА-тестирање од 2022 година, чии резултати беа објавени деновиве. Од вкупно 81 држава, според тестирањето спроведено врз петнаесетгодишници нашата земја се најде на 62. место по математика, 72. во читање и 69. по природни науки. Тестирањето го спроведува Организацијата за економска соработка и развој и македонските ученици постигнаа резултати пониски од просекот на ОЕЦД. Од учениците во регионот подобри сме само од Косово и Албанија, далеку од Словенија и Хрватска, а имаме и назадување во споредба со резултатите од 2018 година.
Според м-р Мите Ристов, професор по географија во СОУ гимназија „Јосип Броз-Тито“ Битола, ПИСА-тестирањето генерално ги прикажува практичните знаења и вештини на учениците стекнати во основното образование.
– Тестовите воопшто не се тешки и генерално се базираат на прашања кои произлегуваат од логичкото и критичкото размислување на учениците, без барање фактографски податоци. Една од причините зошто имаме слаби резултати е токму тој недостиг кај поголем број ученици во основното образование, односно слабата логичка поврзаност на знаењата по сите предмети, особено природните – вели Ристов.
Според него, за тоа не се виновни само учениците, туку целиот образовен систем: лоши наставни програми, уште полоши учебници, недоволно обучен наставен кадар, користење стари методи на работа, систем на 100 проценти одлични ученици, учење напамет без логичко и критичко поврзување на наставните содржини, влијание од родителите врз оценувањето на наставниците… Ристов смета дека проблемите во образованието започнаа со екстерното тестирање на учениците, а продолжија со лошите реформи.
– Кога стихијно правите образовна реформа, без поддршка од фелата, со еден куп недоречености и недоумици во имплементацијата, не може да произлезе квалитетно образование – додава Ристов.
Тој апелира државата сериозно да ги сфати критиките на УНИЦЕФ дека ваквите резултати се должат на децениското несоодветно решавање на клучните структурни предизвици во образованието и да ги остави професионалците од фелата да направат коренити реформи во воспитно-образовниот систем.
– Развиените држави издвојуваат меѓу 5 и 6 проценти од БДП за образованието, а нашите вложувања се околу 3 проценти, и тоа најголем дел за плати на вработените. Едно мора да им биде јасно на сите политичари, дека со образование, здравство и судство не треба да се импровизира. Оставете ја фелата да донесе стратегија за развој на образованието, да направи коренити реформи, а потоа вие, политичарите, натпреварувајте се меѓу себе кој ќе успее повеќе да имплементира од таа програма. Само така образованието ќе оди напред и ќе се унапредува – рече Ристов.
И професорот Александар Цветковски од Средното економско училиште „Јане Сандански“ во Битола смета дека резултатите се должат и на влијанијата од родителите за високи оценки на нивните деца, а од друга страна, немањето интерес кај учениците да постигнат поголеми знаења зашто тоа не се вреднува многу во нивната средина. Но, ситуацијата е резултат и на состојбите во воспитно-образовниот систем.
– Резултатите, такви како што се, би ги анализирал од следните аспекти: психолошки-вредносен систем и педагошки методи и начини на подучување во образованието. Ако го анализираме првиот аспект, се добива констатација дека години наназад имаме поразителни показатели. Родителите се борат за оценки на своите деца, а за повеќето ученици не претставува предизвик учењето, односно не е кул да бидеш одличен и примерен ученик, мнозинството те отфрла. Наставниците, стручните служби и менаџментот во училиштата уште помалку се заинтересирани, не влијае врз уписната политика, имиџот на училиштето, не се обврзани за нив во наставните планови и програми, а ентузијазмот одамна е изгубен поради обезвреднувањето на професијата наставник – вели Цветковски.
(fakulteti.mk)