Прва против оваа мерка реагираше Комерцијална банка а во Берзата велат дека таа е кревка и сензитивна, затоа ова значеше и ладен туш. Банките најавуваат посдтапка пред уставен суд
Привремено се ограничува распределбата и исплатата на дивидендите во банките.- оваа одлука во четвртокот, 24 февруари ја донел Советот на НБМ. Одлуката на овој орган е именувана како Привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките. Оваа одлука се однесува и на штедилниците.
„Како што беше истакнато на седницата, со појавата на пандемијата на ковид-19, Народната банка донесе повеќе мерки за монетарно олабавување и регулаторна флексибилност, како поддршка на банкарскиот систем и економијата во целина, во услови на криза. Најновите показатели потврдуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни. Сепак, неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза“, соопштија од НБМ.
Одлуката е од привремен карактер и ќе важи до крајот на оваа година, а Народната банка, најдоцна до 30 септември, повторно ќе ги оцени околностите со пандемијата поради кои е донесена одлуката. Во зависност од оцената, Народната банка може предвремено да го укине ограничувањето од оваа одлука.
Како што беше нагласено на седницата, токму поради неизвесноста која сѐ уште постои, се очекува дека банките, како и досега, и натаму претпазливо ќе ги планираат своите капитални потреби и ќе му дадат приоритет на зачувувањето и на натамошното јакнење на капиталните ресурси. Ова е од исклучително значење за натамошно зачувување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, како и за обезбедување натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Заради корона-кризата, вакви привремени ограничувања во однос на дивидендите се воведени и во земји од регионот и пошироко.
Советот ги разгледа и ги усвои Финансиските извештаи на Народната банка и Годишната сметка за 2020 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија.
„Согласно со мислењето на независниот ревизор, коешто беше презентирано на седницата, Финансиските извештаи ја прикажуваат објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на Народната банка на 31 декември 2020 година, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што тогаш завршува, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување“, велат од НБМ.
Одлуката за забрана на исплаѕа на дивидендата предизвика вистинска бура на домашниот банкарски пазар, но и на пазарот на капитал. Раака, излезе најавата на Комерцијална банка за одржување на годишното собрание на акционери на кое како предлог одлука е и рапределбата на добивката за минатата година од која дел ќе се исплати како дивиденда за акционерите.
„Вкупниот износ на делот од добивката за имателите на обични акции се предлага да изнесува 1.367.440.200 денари, односно 600 денари по акција (на бруто-основа), што изнесува 60 отсто од поединечната номинална вредност на акциите, стои во предлог одлуката за распределба на добивката на Комерцијална банка.
Дел од добивката кој ќе оди за резерви е во износ од 294.526.091 денари, додека се предлага да се распредели износ од 250.000.000 денари во задржана добивка (реинвестирана добивка) за инвестициско вложување кое ќе служи за развојни цели и проширување на дејноста на Банката, преку вложување во материјални и нематеријални средства.
Порталот Фактор испрати прашање до Комерцијална банка и од таму чекаа одговор за тоа како ќе реагираат на одлуката на Народната банка, годинава банките да не смеат да делат дивиденда од добивката за минатата година.
Одлуката предизвика силна реакција и на Макеоднска берза, а акционерите се комплетно збунети.
Васко Митев директор на Илирика Инвестментс во Македонија за Фактор вели дека овој развој на настаните се одрази негативно на пазарот.
„Инвеститорите и акционерите во земјава негативно реагираа на ова. Одлуката за поделба на дивиденда е донесена на Надзорен одбор и Собранието е веќе закажано. Нашата берза е кревка и сензитивна, затоа ова значеше и ладен туш. Сепак одлуката е времена и секако долгорочно е добра затоа што Народната банка ја донесе заради претпазливост и за стабилност на банкарскиот сектор, вели Митев.
Има можност Македонската банкарска асцијација да поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на одлуката со која Народната банка времено им забрани на банките да делат дивиденда од остварената ланска добивка за која Централната банка извести утрово. Од Комерцијална банка која пак денеска објави за закажано Акционерско собрание за 29 март годинава а на кое предлог одлука е и поделбата на дивиденда за Фактор попладнево го дадоа следниот коментар
„Материјалите за Собранието на акционери на Комерцијална банка АД Скопје се усвоени од Надзорниот одбор на Банката и, согласно законските прописи, се објавени во јавност пред Одлуката на Советот на НБРСМ. Очекуваме дека по однос на Одлуката на Советот на НБРСМ, Македонската банкарска асоцијација ќе изгради соодветен став, вклучувајќи и можност да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на оваа Одлука.“
Сите детали за тоа каква бура од реакции предизвика оваа одлуак на регулаторот на банките – Народната банка овде. Наши извори коментираат дека со оглед на тоа што одлуката на централната банка е облигаторна, банките кои одлучија да носат одлуки за поделба на дивиденда ќе мора да се откажат од тоа.
Попладнево и од ТТК банка известија дека закажале Собрание на акционери на кое на дневен ред е одлука за распределба на дивиденда.
„Како резултат од работењето во 2020 година ТТК Банка АД Скопје оствари добивка пред оданочување во износ од 100.922.015 денари. По одбивањето на данокот на добивка во износ од 10.291.802 денари, останува добивка по оданочување во износ од 90.630.213 денари. Се предлага износот на нераспределената добивка од 90.630.213 денари да се распредели дел за резерви и дел за исплата на дивиденда во бруто-износ на обични акции, стои во предлог одлуката на ТТК банка.
Впрочем нераспределената добивка на ТТК Банка АД Скопје, по Годишната сметка за 2020 година во износ од 90.630.213 денари, се распределува на ваков начин – за резерви 8.920.293 денари а за дивиденда за обични акции во бруто-износ од 81.709.920 денари.