Координирани и неавтентични подгрупи на Фејсбук страници шират содржина објавена од различни веб-страници за вести од Северна Македонија
(Написот е објавен од страна на Дигиталната истражувачка форензичка лабораторија на Атлантскиот совет – #DFRLab. Оригиналниот текст може да се најде овде. Пренесено со дозвола.)
DFRLab откри десетици Фејсбук страници поврзани со различни македонски веб-страници за вести, чии карактеристики упатуваат на координирана активност, како и речиси истовремено објавување на идентична содржина. Страниците, исто така, покажуваат знаци на неавтентичност, бидејќи биле креирани како профили за различни интереси, но на крајот промовирале содржина од веб-страници за вести со кои немале никаква поврзаност.
Вкупно, четири одделни мрежи на координирани средства ја споделуваат содржината објавена од 10 македонски веб-страници за вести. Се чини дека некои од Фејсбук страниците се поврзани со Адинамик Медиа, компанија што води веб-страници за вести кои ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, опозициска партија во Северна Македонија. Адинамик Медиа има врски со унгарската про-Фидес јавна телевизиска мрежа Magyar Televízió (MTV). Остатокот од дигиталните добра се поврзани со други веб-страници за вести во Северна Македонија, кои генерално нудат побалансирано известување главно за домашните случувања.
Македонската медиумска сцена се бори со недостиг на финансиска транспарентност, нејасни сопственички структури и длабока политичка поларизација. Политичката поларизација е очигледна од фактот што многу веб-страници за вести во земјата експлицитно ги прикажуваат своите провладини или про-опозициски уреднички ставови, предизвикувајќи загриженост поради недостигот на објективно и независно новинарско известување. Политичките реклами во локалните медиуми се финансираат од државниот буџет, а ваквите политики имаат за цел да ги ограничат парите што се одлеваат во политичкиот дискурс и да обезбедат одреден степен на транспарентност на платеното политичко рекламирање. Меѓутоа, политиките не го опфаќаат информатичкото опкружување надвор од локалните медиуми, со што социјалните медиуми и поголемите независни медиуми се поранливи на манипулации или влијанија.
Оваа динамика станува особено очигледна во поглед на неодамнешните политички случувања во земјата, кои упатуваат на изборите. На почетокот на март 2020 година, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, си даде оставка, откако лидерите на Европската унија не успеаја да се договорат за датум за започнување преговори за членство со Северна Македонија. Во земјата требаше да се одржат вонредни парламентарни избори на 12 април 2020 година, но тие беа одложени поради појавата на новиот коронавирус.
Повеќето дигитални добра се поделени на четири подгрупи, врз основа на вообичаените вести што ги споделуваат.
Подгрупа 1: Споделувачи на про-опозициски веб-страници за вести
Првата подгрупа се состои од седум Фејсбук страници наводно посветени на различни теми. Сите овие споделувале написи на четири македонски веб-страници за вести: Република Онлајн, Курир, Денешен и Вистина. Овие четири веб-страници за вести главно известуваат за политичките случувања, но нивната содржина е антивладина, бидејќи тие истакнуваат про-опозициски ставови. Четвртата страница за вести, Вистина, не покрива политички теми и се позиционира како таблоиден магазин. Сепак, сите четири страници за вести се во сопственост на истата медиумска компанија поврзана со MTV.
Според Проектот за известување за организиран криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP), Агнес Адамик, поранешен извршен директор во MTV, ја основа македонската компанија Адинамик Медиа во 2017 година. Фирмата тогаш го купува поголемиот дел од акциите во три македонски медиумски компании – Прва Република , ЕМ Медија и ЛД Прес Медиа. Од 2018 година, овие компании поседуваат седум веб-страници за вести кои ја поддржуваат партијата ВМРО-ДПМНЕ. Компанијата Прва Република ги поседува веб-страниците за вести Република Онлајн и Лидер (Лидер беше последователно префрлена од ЕМ Медиа во Прва Република). Втората компанија, ЕМ Медиа, ги води веб-страниците за вести Курир, Денешен, Економски и Вистина. Третата медиумска компанија, ЛД Прес Медиа, ја води конзервативната страница за вести Нетпрес. Според Mertek Media Center, овие аквизиции му помогнале на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, да го прошири влијанието на Унгарија на балканскиот регион и исто така да го поддржи неговиот сојузник Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија. Груевски е поранешен премиер на Северна Македонија, кој избега од земјата во 2018 година и доби азил во Унгарија.
На Фејсбук страниците во оваа подгрупа, истовремено и со иста зачестеност, се објавуваат претежно идентични написи објавени од веб-страници за вести во сопственост на Адинамик Медија.
Вкупниот број на следбеници на седумте страници во оваа подгрупа изнесува над 690.000 корисници, додека официјалните Фејсбук страници на Курир, Република онлајн, Денешен и Вистина имаат малку помалку од 300.000 следбеници. Ова може да укаже на фактот дека, бидејќи овие официјални Фејсбук страници не биле успешни во собирањето публика, тие решиле да создадат координирани мрежи за да ја засилат својата содржина. Засилувачките средства биле создадени во различен временски период помеѓу 2009 и 2013 година и биле управувани од Северна Македонија. Во описите на седумте засилувачки Фејсбук профили немало никакви индикации дека тие се поврзани со веб-страниците за вести што ги промовираат.
(продолжува)