За надминување на таквите обичаи се размислува и на ниво на политичкиот врв. Во меѓувреме бројот на жителите се намалува
Се повеќе мажи во рурална Кина остануваат неженети затоа што не можат да си дозволат да „купат“ невеста. Родителите за своите ќерки често пати поставуваат невозможни финансиски услови. Сега решение се бара во Конгресот
Растот на „цените на невестите“ ги прават браковите недостапни во рурална Кина и треба да се ограничат, а професионалните стројници мора да се зауздаат, предупредува еден делегат во кинескиот парламент.
Големиот економски раст во Кина во последната деценија ги зголеми и очекувањата на родителите, поради што пораснаа цените на предбрачните подароци, па сега неретко се очекува тоа да биде и цела куќа.
Во минатото, вообичаено беше додворувачот на родителите на невестата да им понуди околу 11 илјади јуани (околу 1.500 евра). Денес, родителите неретко бараат најмалку три „џин“ (1,5 килограми) банкноти од по 100 јуани, автомобил и куќа, вели Жанг Чингбин, делегат на годишниот Национален конгрес на Кина од провинцијата Хебеи.
„Во јужна или северна Кина, млад човек кој сака да се ожени мора да потроши околу 700 илјади јуани (околу 100 илјади евра)“, пишува Жанг во писмото до Конгресот.
„Ова е голем финансиски товар, а високите цени на невестите стануваат главна причина за сиромаштијата во руралните региони“, вели тој.
Излез во субвенционирање?
Во руралните предели, каде годишниот приход е едвај 15 илјади јуани (2.000 евра) или една третина од приходите во градовите, младоженците имаат акутна потреба од пари.
Поради забавениот раст на економијата годинава, шансите за нив да најдат невеста се намалуваат, со што се продлабочува руралниот феномен познат како „заборавени мажи“ кои не можат да си дозволат брак.
Жанг ги обвинува родителите на потенцијалните невести кои сакаат да си го подобрат стандардот, барајќи огромни цени од додворувачите.
Едно решение кое се предлага се субвенции, проект кој се покажал релативно успешен во градот Таијуан во блиската провинција Шанџи. Таму беше формиран Фонд за субвенционирање на бракови во 2017 година преку кој младоженците добиваат попусти на се и сешто, од свадбените фотографии, преку организација на меден месец, па се до опремување на станот.
Скапите бракови се одразуваат негативно и на најголемиот кинески демографски проблем- намалениот број на новороденчиња.
Повеќе делегати на Конгресот побараа подобри бенефиции за мајчинство за да ги охрабрат паровите да имаат повеќе деца. Кина веќе се соочува со остарено население и намалена работна сила.
Официјалните податоци ќе бидат познати во текот на јануари, меѓутоа веќе сега стучњакот за демографија Ју Фусијан, кој работи во САД на универзитетот Висконсин Медисон, оценува дека бројот на жители на Кина во минатата година опаднал за 1,27 милиони луѓе, и покрај тоа што Кина престана да ја применува политиката на едно дете по семејство.
Тоа е капка во однос на вкупниот број од 1,39 милијарди жители, па сепак ова е прв пад на населението во историјата на Народна Република Кина, основана во 1949 година.
По политиката на поттикнување на раѓањето деца на основачот на комунистичка Кина, Мао Цетунг, земјата на крајот на 70-те години од минатиот век премина на политиката на едно дете, која често е критикувана поради нејзината бруталност.
Меѓутоа, соочен со стареењето на населението, официјален Пекинг од 2016 година им дозволи на сите семејства да имаат по две деца. Сепак, поради издатоците за образование, здравство и домување, брачните двојки се задржуваат на едно дете, па дури и остануваат без деца.
Како резултат на тоа, бројот на новороденчиња во минатата година паднал за 2,5 милиона, оцени Ји Фусијан, додека пак официјален Пекинг сметаше на раст од 790 илјади новородени деца.
Истовремено бројот на починати пораснал на 11,58 милиони, оцени овој истражувач, кој своите податоци ги заснова на локалната статистика.