БЕСА АРИФИ
Од лидерот не се очекува во име на луѓето кои му веруваат да се ценка за ослободување на обвинети лица за тежок криминал и со таа цел да ја жртвува перспективата на идните генерации. Најдобра оценка за работата на еден лидер секогаш даваат токму идните генерации
Од медиумите неофицијално дознаваме дека од ВМРО-ДПМНЕ уште пред последните две лидерски средби, во вторникот, до СДСМ бил поднесен пишан предлог за измена и дополнување на Кривичниот законик со што се бара да се намалат казните за делата од областа на злоупотреба на службената должност и на изборите како и да се скратат роковите за застарување на овие дела. Тоа што официјално го знаеме е дека Мицкоски вели дека не знае ништо за таков предлог. Помеѓу „не знае ништо за таков предлог” и „нема таков предлог” има сепак суштинска разлика. А најсуштинска работа во целава ситуација е токму тоа што сите отсекогаш го знаевме: а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски како лидер е спремен да го условува нивното конструктивното поведение во врска со референдумот за името со амнестија на криминалот, било тоа да е директна или индиректна, било тоа да се однесува на случаите на СЈО или на тие поврзани со 27 Април. Со други зборови, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се спремни да ја жртвуваат евро-атлантската перспектива на земјата на сметка на неказнивоста. И за ова да се достигне, Мицкоски ја злоупотребува својата положба како лидер на најголемата опозициска партија.
Лидер – колку тоа моќно звучи. Лидер е човекот кој што треба да води, една партија, едно движење, една институција, една држава… Од лидерот се очекува да ги води луѓето што му веруваат кон нешто подобро за нив. Од лидерот не се очекува во име на луѓето кои му веруваат да се ценка за ослободување на обвинети лица за тежок криминал и со таа цел да ја жртвува перспективата на идните генерации. Најдобра оценка за работата на еден лидер секогаш даваат токму идните генерации. Што ли ќе кажат идните генерации на ова мала држава во врска со овие авантури на Мицкоски со кои го саботира, директно или индиректно, процесот од кои зависи иднината на оваа земја? Како ли ќе се правда Мицкоски пред тие идни генерации доколку заради неговото саботирање на процесот не успееме да стигнеме до успешен референдум и заради тоа остануваме во заборав на светот? Ќе може ли да се правда? Не верувам. Оправдувањето на таквото поведение ќе биде невозможна мисија.
Толку невозможна колку што е и амнестијата која по се изгледа го бара овој моќен лидер. А разбирам дека таа амнестија очајно им треба на тие за кои Мицкоски упорно се залага. Се повеќе сите се уверуваат дека веќе нема шала со судството. Паѓаат тешки пресуди. Во „Тенк” и „Триста” еден поранешен носител на јавна функција доби вкупно 15 години затвор. За убиството во обид од 27 Април 2017 година спрема тогашниот пратеник Зијадин Села, напаѓачите добија вкупно 81 година затвор. Во „Труст” бизнисмен доби 6 години затвор и наредба за конфискација на имот во вредност од 17 милиони евра. Навистина работава не е шега, и барателите на амнестијата тоа добро го знаат. За најтешките обвиненија на СЈО се очекува да паднат и други тешки затворски казни како конфискација на имот од голема вредност.
Меѓутоа, амнестијата за овие дела е невозможна не само заради правни или морални причини. Невозможна е бидејќи со потпишување на договорот за името ние одлучивме да станеме сериозна држава. Сериозна држава која има јасна цел да се интегрира во НАТО и ЕУ. Во сериозни држави криминалот не се амнестира туку непристрасно се гони и се казнува. Во сериозни држави владее правото а не неказнивоста. Во сериозни држави носењето на одговорност е вредност во која сите веруваат.
Ние со прифаќањето на патот на интеграција во ЕУ сме прифатиле да станеме сериозна држава. Сме прифатиле да го реформираме и судството. На тоа не потсети и ЕУ кога ни кажа дека доколку беспрекорно го имплементираме договорот за името и доколку ги спроведеме реформите во судството, јавната администрација и безбедносните служби, патот за ЕУ е отворен. Реформите во судството изгледаат токму вака: лицата за кои има докази дека извршиле тешки кривични дела се осудуваат и соодветно се казнуваат. Од тоа бегање нема.
Затоа амнестијата е невозможна. Што побргу тоа Мицкоски ќе го разбере, толку подобро за него и за неговата партија која веќе е крајно време да се дистанцира од криминалот и да прифати да се носи одговорност за истиот.