ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Откако академик Коцарев ги злоупотреби застарениот концепт „природно право“ во национал-етничка смисла, небаре националноста е нешто природно и Декларацијата за човекови права, непримерно контрастирајќи ги во насловот со емотивно-манипулативното „неприродна сервилност”, а во текстот – со поимот „позитивно право“, и тоа, без вистинското значење на позитивното право, ред е на контрола на квалитетот на ваквата „храна“ за умот. Навистина, никој човек на светов, не само ние, Македонците, не заслужува да конзумира вакви рецепти зачинети со „вечни“ болви (за чалам, ги нарекува „категории“), патријархални крокодили (на Антигона и светците) и бубашваби на „обезличувања“.
Позитивното право, академикот го заматува до губење на смислата на концептот. Ја искористува само звучноста на зборот „позитивно право“ манипулативно одделувајќи го од неговото вистинско значење и му придава неточно значење од облик Пишан-закон-од-владетел-минус-човекови-права. Сета таа акробација му треба за да ги прогласи за пишана неправда документите (од „владетелот“, аналог на Наполеон, па Зевс, уште една авторитарна манипулација), со кои ние, Македонците, си обезбедивме заштита во колективен систем на одбрана (НАТО). На ред е да си го уредиме општеството по терк на демократиите од ЕУ и да ги користиме бенефитите од тоа, повторно, низ документ. Имаме ли право на подобар живот, имаме ли право на членство во ЕУ акад. Коцарев?
Да не се сети читателот, всушност не академикот, туку апостол Павле нѐ повикувал („потребно е меѓу вас да има раздори, за да се истакнат подостојните меѓу вас“) да не си седиме дома во папучи, оти и Антигона не си седела во папучите, се побунила и го откачила „позитивното право“ на Зевс, дејствувала по нејзиното „природно право“. Сети се снао, значи, да не си седиш во папучи и да не дозволиш влез во ЕУ, а потака, и да го откачиш НАТО. Малку латински, малку Софокле, малку учени зборчиња и… Однадвор личи на чесен академски текст. Не е. И не е само и единствено нечесен со повиците за мортификација како стандардната вмропропаганда (корења да јадеме и да умреме ако треба) или сместување на 1802 г. соседно на 2018 г. едноподруго, од ропство во Франција со Наполеон, до периодот – не пред, туку после груевистичкиот режим во Македонија. И основец не е толку наивен, и дете би се засрамило. Нечесноста оди уште подлабоко.
Текстот „Природно право и неприродна сервилност“ е текст со фашистичко јадро. Не случајно пушта пипци кон наводна извршена (и во тек на извршување) неправда на еден „вечен“, чистокрвен македонски колектив. Нација. Неправдата, наводно, е „обезличување“ на нашата нација од страна на соседни држави. Целиот контекст потсеќа на „неправдите“ и „анихилацијата“ за кои Хитлер држи говори. Дали е можно дека академикот не прочитал ниеден говор на Хитлер, или баш прочитал? Минхен, 24 февруари 1941? Случајно или не, во рок од неколку часа, Апасиев споменува „буржоазија“ во слична смисла како од истиот говор. Се прашувам на која маса е спрострен чаршафот со овој говор и кој се занесува (или отворено ги зафркава Македонците) небаре имаме споредлива воена сила на Германија, макар и сметано од пред 80-тина години. Или мисли дека ова се муабети за благосостојба? Само пораки како на акад. Коцарев можат да одведат до анихилација на Македонија, не обратно. Мора да знаеме кои сме меѓу другите, сосе „маани“, па и децата во басни го учат ова. Замислувај дека си лав, а не си, па ќе видиш дали е тоа успешна стратегија за напредување. Не е ни за опстанок.
Прво да го расчистиме нередот што акад. Коцарев го прави со позитивното право, бидејќи, не е многу веројатно дека правници ќе реагираат. Гледано од страната на тоа што државата мора да го прави за своите граѓани, позитивното право се сведува на социјални и економски права, како што се право на образование, право на храна, право на здравствена заштита итн. Позитивното право се однесува и на тоа што други граѓани или државата, го добиваат од нас. Она што МОРА да го правиме. На пример, мора да плаќаме данок. Морањето да се направи нешто, се однесува на „фини“ работи, често договорни, економски, социјални. Законите со позитивно право се слични секаде во демократскиот свет. Негативното право, пак, е многу „потврдо“, пофундаментално и со сигурност гарантирано во сите либерални демократии. Упростено кажано (а да се задржи смислата), тоа ги дефинира работите што НЕ СМЕЕ да ги правиме, инаку со право би биле казнети, и тоа, со далеку потешки казни. На пример, не смееме да убиваме други луѓе. И воедно, имаме право да не бидеме убиени.
Сивата зона меѓу морањето и несмеењето е:
– Можење да не се направи нешто (неморање) и
– Можење да се направи нешто (спротивно од несмеење).
Од купиштата можења, на пример, Апасиев рине на границата со работите што не смеат да се прават. Тој настапува како граничен прекршител на негативното право и со тоа ги предизвикува сите во некаква chicken game. Си црта сам улога на бунтовник, со обратно претставување на себеси во однос на овие граници – како божем тој стапнува надвор од место обиколено со границите на несмеењето (а не е така) и божем влегува во зоната на „можењето-да“. Но тој, иако малку некомфорно, сепак прилично внимава да е во прописна зона. Не може да бидеш бунтовник со лажно потесно исцртани граници, па да ги престапуваш. Или кога нешто е прописно од страна на државата, да ги црташ границите на несмеењето пошироко, па да глумиш дека ги престапила, додека за себе си го користиш негативното право на слобода на говор. Сепак, во општествена, виртуелна смисла (тој само нема законски алатки за да биде смислата реална), со своите дејства агресивно ги поттурнува границите на негативното право, со цел тековните граници да изгледаат престроги за луѓето. Најчесто за себе и за некои групи по негов избор, префрла лопати од купот на несмеење во купот на можење да се прават работи што не смеат да се прават, а за лица од државните органи кои ги спроведуваат негативните и позитивните права – обратно. Првото е сериозно опасно за сите, вклучувајќи ги и институциите. Изјавите „ќе ВЕ стрелаМЕ”, „крв ќе ВИ проплукаат” итн. се виртуелни поместувања на границите на негативните права на сите граѓани, а не афирмација на негативното право „слобода на говорот“ на Апасиев. Тој е јавна личност и шеф на партија и таа виртуелност може одеднаш да стане реална. Спроведувачите на реалните негативни права (соодветните институции) треба да го предупредат тој момент.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ рине и префрла лопати на другата страна, како виртуелен, но и директен, реален прекршител на позитивното право. Како власт, со законите префрлаше постојано од сивите купишта на вообичаени, нормални „можење-да-не“ (неморање) во купот на неправно (неприродно, што би рекол академикот), некогаш и нечовечки, ставено во закон „морање“ и со тоа ги држеше неприврзаниците в рака. Пример е законот за прекин на бременост. Притоа, за своите ринеше обратно – од купот на законското „морање“, во купот на нелегалното „можење-да-не“, на многу конкретно ниво – пари, имот, неказнивост. За тоа има и судски пресуди. Како опозиција, пак, на дневна основа рине ваму-таму од морање до неморање и обратно, по потреба. На пример, ако треба обесхрабрување на делот од општеството кое не е ВМРО-ДПМНЕ, оп, атмосфера на неморање да се гласа, а воедно, морање да се гласа, за делот што е ВМРО-ДПМНЕ.
Пишаните закони во демократскиот свет се стремат да ги запазат вистински исправните работи и вградуваат алгоритми за превенција од суштинско неправо. Секако, луѓето кои не ги разбираат границите на нормалното, граници кои, во принцип, се етички, не ги сфаќаат ни преодите во зоните на позитивното, негативното право и сивите зони измеѓу и така ги прават престапите или злосторствата.
Но, академици, јавни личности и шефови на партии кои пропагираат поместување на границите на овие права, всушност пропагираат фашистички пораки.
Боцкањето со зборови како „обезличување“ и „неправда“ ги пали луѓето да се лутат на „лошата вештерка“ што ја „обезличува“ кутрата Снежана. На тоа ниво е македонскиот национализам, односно, македонизам, збор, кој, жално, ја поприми маалски плитката караџиска конотација, наместо културолошката… Какво е тоа „обезличување“ ако државата се вика Република Северна Македонија, а не Република Македонија? Што е, или ќе биде различно како резултат на оваа промена? Ништо не е полошо, само е подобро. Подобро е да си во колективен систем на одбрана како НАТО, отколку да не си, вклучувајќи ја и иднината. Повеќе крекањето „обезличување, обезличување“ ја обезличува, бидејќи тоа е содржината на нацистичките говори на најголемиот историски злотвор. Прават фашистички кан-кан, но светот не е слеп и со сигурност нема деменција, го гледа тоа.
Во однос на ЕУ моментално, академикот, како и ВМРО-ДПМНЕ и Апасиев нѐ убедуваат дека ние всушност ќе приметиме разлика во однос на тие 3504 Бугари ако се ставени во Уставот, наспроти – ако ги нема во Уставот?! Тоа е смешно, навистина.
Наци(онали)змот е тој што ја не ѝ дава на Антигона да крене глава, академиче, а не е тоа нејзиното ослободување, јанлаш ви е муабетот за неа. Природното право е да живееме во мир и балгосостојба, а не да „има раздор“. Саморецензирајте си ги причините за „раздор“ и размислете кој сака да јаде корења за ВМРО-ДПМНЕ + Апасиев. Не работете за овие манипуланти. Доста со папучите и чизмите, треба да бидеме членки во ЕУ, во штикли, оксфордски чевли, сандали, нахранети, здрави и образовани. И престанете со националистичките муабети, ја претварате институцијата МАНУ во националистичка пропагандна тиња.