АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Историскиот говор е наместен перформативен говор [discours performtif truqué] во кој сето што се утврдува (или опишува) е, очигледно, ознака [signifiant] на акт на живата реч [parole] како акт на авторитет.“
Главен аргумет на софиската Комисија за решавање на спорните места во нашата „општа историја“ како што велат тие, а „заедничка“ како што велиме ние е: сите (тврди!) факти се на страната на бугарската историографија. Луѓето во Македонија кои се занимаваат со таа наука, под влијание и притисок на Јосип Броз-Тито (сакал да ги пресече органските врски на “македонските Бугари“ со оние од државата Бугарија), ги фалсификувале тие „исторически факти.“ Има место, затоа, да се прашаме: што е тоа „исторически факт“ кому му се клања и сегашната бугарска историографија, небаре Неговото Величество цар Борис III? Дали постои независно од мислата на човек? Дали, напротив, токму таа мисла му дава живот на тоа величество – факт?
Токму тоа прашање си го постави еден од најголемите мислители на XX-ти век Ролан Барт (1915-1980), учител и ментор на Цветан Тодоров (1939-2017) со кого со право се гордее модерна Бугарија. Иако тој сите свои книги ги напиша и објави на француски јазик. „Въпреки неуютния факт че той е казал“ дека нему му е туѓа теоријата за некои „национални корени,“ дека неговите „корени“ биле неговите „деца, а тие се Французи.“ Таа мошне жива и жилава, коренска теорија ја образложи, за нашата јавност, учениот Ст. Воденичаров, претседател на БАН во времето кога Вл. Камбовски беше претседател на МАНУ.
Како објаснува што е тоа „исторически факт“ учителот на Тодоров? Ќе ги пренесам тука неговите објасненија од една расправа од 1967, преобјавена во списанието „Поетика“ (Poétique, Février 1982/Seuil, стр. 13-21). Мислам дека е подобро да ги пренесам оригиналните мисли на Барт место да ги парафрази-рам. Со таа напомена што некои стручни термини тука ќе ги да дадам во описна форма за да бидат разбирливи за пошироката јавност, а во средна заграда ќе го дадам нивниот оригинал. Еве, сега, што вели Барт:
„…по самата структура […] говорот [discours] на историјата е идеолошка обработка [elaboration] или, поточно, имагинативна [итал. е на Р. Барт] ако е вистина дека имагинацијата е јазик со кој оној што искажува [énonçant] говор (чисто јазички ентитет) го ‘исполнува’ субјектот на искажувањето [énoncé] (психолошки или идеолошки ентитет.) Доволно да каже дека поимот историски ‘факт’, тука и таму, буди извесна недоверба. Впрочем, Ниче кажа: ‘Нема факти по себеси. Секогаш треба да се почне со внесувањето смисла за да има факт.’ Од моментот кога јазикот се вклучува (а кога не се вклучува?) секој факт може да се дефинира по тафтолошки начин: тоа што е обележано [noté]претходи на тоа што може да се обележи [notable], но затоа пак тоа што може да се обележи е – веќе од времето на Херодот кога зборот го загуби својот митски призвук – достојно да се запамети, односно да биде обележано. Така испаѓа со оној парадокс кој ја уредува умесноста [pertinence] на говорот на историјата (по однос на другите видови говори): фактот нема друга освен јазичка егзистенција (како израз на говор), а сепак сè испаѓа така: божем, таа егзистенција е проста и чиста копија на друга, поставена во екстра-структурно поле – „стварноста.“ Тој говор [на историјата] е, несомнено, единствениот во кој референтот [предмет или суштество од материјалниот свет] останува надвор од него […] Историскиот говор е наместен перформативен говор [discours performtif truqué] во кој сето што се утврдува (или опишува) е, очигледно, ознака [signifiant] на акт на живата реч [parole] како акт на авторитет.“ (стр. 20)
Ете, така размислува и објаснува што е „исторически факт“ патријархот на структурална критика Ролан Барт. Очигледно, неговата мисла и објаснение се блиски до мислата на големиот филозоф на витализмот Фридрих Ниче на кого, впрочем, се повикува. А тој Ниче вели дека не постои никаков „исторически факт“ по себеси; сè почнува откако ќе внесеме смисла во – „исторически факт!“ Ние внесуваме македoнска смисла во фактот Гоце Делчев; Бугарите – бугарска. Кога ние внесуваме – фалсификуваме, велат тие. Кога тие внесуваат, на видело биле оригинални и непобитни „исторически факти.“ Ајде, сега, фати им го крајот!
Говорот на историјата е еден наместен (truqué) говор. Тој говор е, како и секој друг, по дефиниција идеолошки затоа што и знакот, најмала единица на системот јазик е, par exelence, идеолошки факт според учењто на знаменитиот руски филозоф Михаил Бахтин. Кога бугарските учени исторографи велат дека сите „исторически факти“ биле на нивна страна, тие забораваат (поточно, играат на картата заборав!) дека првиот човек кој внесе смисла во фактот „држава Бугарија“ уште пред да се ослободи беше д-р Ст.Чомаков, висок функционер во тогашната турка администрација, а смислата на тој факт беше: нема иднина за независна бугарска држава без Македонија. Смислата на тој „исторически факт“ доби нова, дотерана (truqué) верзија во оној „Разяснителен меморандум“ кој бугарската влада го упати до сите земји-членки на Евроунијата. Што дека таа смисла е со долга, бела брада. Што дека нема никакви изгледи да стане вистина. Впрочем, добра, „уютна“ страна на секоја смисла е што секогаш служи како утеха наспроти болната и, неретко, свирепа вистина.
Свирепа и болна вистина е дека македонски јазик и нација постојат, како што свирепа и болна вистина е дека оние „исторически факти“ над кои имаат монопол сè понервозните „историци“ од Комисијата на г. Ангел Димитров се само добра, „уютна“ утеха на која имаат право. „Въпреки всичко!“