Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НЕЗИРИ: СО РЕКОНСТРУКЦИЈАТА МОЌТА НА ВЛЕН СЕ НАМАЛУВА А НА ВМРО ДПМНЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА

July 7, 2026 Filed Under: Македонија

Овој аналитичар во гостувањто на „Трилинг“ смета дека целата оваа реконструкција не е направена за да се отстранат дефектите во функционирањето владиниот кабинет. Реконструкција претежно се прави ако се детектираат дефекти во самиот систем

НЕЗИРИ ВО ТРИЛИНГ Владеjачката партијa ја зголемува концетрацијата и владењето со буџетот

„Мислам дека се зголемува моќта на ВМРО-ДПМНЕ ако се гледа кои министерства ќе ги контролира во наредниот период. Моќта во однос на буџетите што тие министерства ги имаат и врз основа на тоа мислам дека таа моќ на ВМРО-ДПМНЕ да менаџира со поголемиот дел од буџетот во државата е порасната со последната реконструкција. Тука предвид го имам и министерството за здравство кое беше значајно министерство кое го имаа ВЛЕН, но при последната реконструкција изгледа тој ресор го „трампаа“ за култура, кој исто така е значаен ресор но далеку со помал буџет од здравството – вели овој аналитичар во гостувањето во „Трилинг“ и додава:

– Затоа мислам дека од оваа реконструкција моќта се концентрира кај ВМРО-ДПМНЕ, иако бројот на министерства што сега ВЛЕН ќе ги контролира се шест, но тоа не значи дека нивната моќ е порасната. Напротив, ако се гледаат бројките, ако се гледаат ресурсите што ги менаџираат овие министерства, мислам дека нивната моќ е редуцирана при последната реконструкција. Но, мислам дека целата оваа реконструкција не е направена за да се отстранат дефектите во функционирањето владиниот кабинет. Реконструкција претежно се прави ако се детектираат дефекти во самиот систем, во самата влада и за да се отстранат се прави ресет на истата влада. Но тука немаме ние ресет. Тука фактички ние имаме репозиционирање на политичките партии во пресрет на евентуалните парламентарни избори, кои би можело да бидат предвремени, и да се случуваат во пролетта 2027-ма година.

Еве земете на пример ВЛЕН, којшто од шесте министерства кои ги контролира и менаџира, четири од кадрите се од Тетово. Значи ВЛЕН знае дека во Тетово е главната битка на политичките партии на етничките Албанци. Симболиката на Тетово е многу силна во однос на тоа кој е легитимен претставник на Албанците, и затоа мислам дека таа партија се фокусира сега на Тетово“, изјави во Трилинг аналитичарот Џелал Незири, околу тоа дали со промените во владиниот кабинет, на коалициските партнери владината моќ се зголемува или се намалува.

Околу владиното проветрување и ставот на ДУИ дека ВЛЕН е владина марионета во кабинетот на Мицкоски, а друга страна СДСМ оваа владина реконструкција ја оценува само како козметичко решение и дека ништо ново нема да видиме на политичката сцена, и за тоа кои се ефектите од овие промени на „Илинденска“ бр.2, од аспект на владеење на правото, борбата против корупцијата, евроинтегративниот пат, подобрување на економско-социјалната состојба на државата, Незири смета дека е иронично што министрите кои не покажаа резултати во овој двегодишен период, како да беа наградени.

Околу најавата на Мицкоски дека нема намера да се кандидира за лидер на партијата по завршувањето на партискиот мандат и најавата дека не размислува да се кандидира за иден шеф на државата, а во исто време лидерот на ДУИ, Ахмети, вели дека е време за негово политичко пензионирање, како и дали нивните идни наследници, на двете партии, и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, ќе бидат оние кои ќе треба и ќе ги градат новите мостови помеѓу двете партии, Незири вели дека во политиката, политичарите никогаш не треба да велат – никогаш.

„Кога велат дека ќе се повлечат, знаеме дека ретко политичарите се повлекуваат без да се случи да имаат силна причина за повлекување. Политичарите, не само кај нас, туку и во регионот, влегуваат како големи демократи, но со тек на времето стануваат автократи кои потоа мислат дека ќе треба да бидат доживотно лидери на политичките партии. Во која политичка партија кај нас имало смени без договарање, или без внатрешни револуции. Договарање во смисла да си остави човек кој е доверба, па тој од сенка да ја контролира партијата. Кај нас така се прават тие повлекувања.

– Но јас не мислам дека Мицкоски ќе се повлече. Мислам дека тој би можел да биде идниот шеф на државата, иако вели дека нема таква намера. Но ние знаеме дека кога треба да се повлече од јавно дадениот збор, тогаш во самата партија се инсценираат ситуации, каде што органите на партијата не дозволуваат, или лидерот не сака да се кандидира, па партијата го кандидира. Значи има такви театрални стратегии коишто ги спроведуваат политичките партии со цел да ги штитат лидерите од јавно дадениот збор. Јас не мислам дека Ахмети ќе се повлече од ДУИ, ниту пак мислам дека Мицкоски ќе се повлече од ВМРО-ДПМНЕ, без да има нова политичка улога во државата. Затоа ги земам со резерви. Но еве под претпоставка дека овие нивни најави ќе бидат реалност, мислам дека има нова генерација на политичари кои се порационални, повеќе прагматични и имаат европски пристап во правење политика.

Filed Under: Македонија

ДРЖВАТА ИМ „ЖНЕЕ“ КОМИНТЕНТИ НА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА „АЛТА БАНКА“
КАКО СЕ ШМИНКА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ
ФАЈНЕНШЕЛ ТАЈМС: ВУЧИЌ НЕ Е КОЦКАР И СЕ СТРЕМИ КОН „СЦЕНАРИОТО НА ПУТИН“
ДА ПОЈДЕМЕ ВО ПЕХЧЕВО ВО ЈУЛИ
КОН СРЕБРЕНИЦА

Најново

  • ДРЖВАТА ИМ „ЖНЕЕ“ КОМИНТЕНТИ НА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА „АЛТА БАНКА“
  • КАКО СЕ ШМИНКА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ
  • ФАЈНЕНШЕЛ ТАЈМС: ВУЧИЌ НЕ Е КОЦКАР И СЕ СТРЕМИ КОН „СЦЕНАРИОТО НА ПУТИН“

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet