ФАТМИР БЕСИМИ
Соочени со кризи, една после друга, а справени со предизвикот да не отстапиме од зацртаната амбиција за раст и развој, неизбежно се наметнува триаголникот во остварување на овие три цели: справување со кризата, одржување на растот и фискална консолидација
Војната во Украина, донесе една битна дилема за носителите на политките. Од една страна е справувањето со инфлацијата, а од другата страна е да не се задуши закрепнувањето на економијата. Исто така, од една страна се мерките и поддршката на ранливите категории, а од друга страна зајакнување на фискалните бафери, консолидација и стабилизирање на долгот.
Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка советуваат дека фискалната политика треба да се прилагоди согласно степенот на изложеноста на економија кон војната во Украина, состојбата со пандемијата и текот на закрепнувањето на економијата. Од една страна, поради неопходната фискална експанзија во многу земји во текот на пандемијата, долгот достигна рекордно високо ниво. Исто така, како резултат на реакцијата на централните банки на ценовните притисоци преку затегање на монетарната политика, владите се соочуваат со високи каматни стапки на пазарите на капитал. Сепак, потребата за консолидација не треба да ги спречи владите да дадат приоритет на соодветните мерки за поддршка на стандардот на ранливите категории на граѓани, особено чувствителни на ценовните притисоци и заштита на економијата.
Соочени со кризи, една после друга, а справени со предизвикот да не отстапиме од зацртаната амбиција за раст и развој, неизбежно се наметнува триаголникот во остварување на овие три цели: справување со кризата, одржување на растот и фискална консолидација. Притоа, кризата бара брзи реакции и создава дополнителни трошоци за буџетот, додека одржување на растот бара конзистентни политики и реформи кои ќе дадат ефект на долг рок и фискалната консолидација е conditio sine qua non на среден рок.
Од аспект на управувањето со јавните финансии за остварување на целите од неизбежниот триаголник се пристапува од трите страни на буџетот: на страната на расходите со кратење и реприоритизација, на страната на приходите со реформи за поголема ефикасност и консолидација, и на страната на финансирањето со одржливи инструменти.
Нашата економија, како мала и отворена (со 140% од БДП отвореност), е подложна на глобалните економски случувања, особено на случувањата во економијата на ЕУ. Руско-украинската криза, посредно, преку европската економија се рефлектираше и кај нас. Каналите преку кои веќе се чуствува оваа криза е растот на цената на примарните производи, особено на храната и на енергенсите. Имено, инфлацијата во април ја забележа својата највисока стапка (10,5%) од почетокот на деведесеттите години наваму. Останатите канали преку кои оваа криза може да делува на нашата економија се трговијата, намалувањето на довербата кај потрошувачите, а со тоа и на потрошувачката и затегнувањето на меѓународните финансиски пазари. Согласно ова и очекувањата за овогодинешниот раст не може да кореспондираат на проектираниот раст на БДП во буџетот за оваа година, кој беше донесен пред случувањата во Украина и изнесуваше 4,6%. Очекувањата на меѓународните финансиски институции за годинава за нашата економија се движат околу 3% раст на БДП во просек (ММФ со проекција од 3,2%, ЕБОР со проекција од 3% и Светска банка од 2,7%). Каков ќе биде исходот, сепак, ќе зависи исклучиво од тоа што ќе се случува понатаму во Украина, какви нови санкции ќе се наметнат на Русија и како сето тоа тоа ќе се рефлектира на нашите најголеми трговски партнери од ЕУ.
Сепак, едно е јасно, потребно е реструктуирање на буџетот за да може соодветно да се одговори на новонастанатата ситуација. Во Министерството за финансии веќе се одвиваат консултации со институциите за степенот на реализација на проектите и тековните расходи. Она што со сигурност како министер за финансии можам да го кажам е дека ќе бидеме максимално конзервативни, секаде каде што може – ќе се скрати. На тој начин ќе се направи повеќе простор за нови реакции и мерки, кои со огледот на ситуацијата, најверојатно ќе бидат повторно потребни.
Од почетокот на кризата, одговорот на Владата изнесуваше 615 милиони евра за мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Оваа сума е меѓу најсилните одговори на кризата во регионот. Хрватска има издвоено околу 635 милиони евра, Грција 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн. Нашата цел како Влада е да дадеме поддршка на граѓаните, на ранливите категории пред се, да го задржиме здравјето на економијата и да ја надминеме оваа криза, а потоа, да се вратиме на патеката и целта кон која се стремиме – повисоки и одржливи стапки на економски раст.