ГРОЗДАН ЦВЕТКОВСКИ
Рашомонијадата почна со бизарното официјално соопштение дека атентатот се случил на улицата Македонија, иако таа сѐ уште беше Маршал Тито, а нејзиното преименување се случи дури следната година. Продолжи со дилетантски и сомнителен статички и динамички увид на самото место
Годинава, на 3 октомври, се навршуваат триесет години од атентатот врз Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна Република Македонија. По толку изминат период, сѐ е исто! И тогаш и денес, институциите на системот се нефункционални и профанисани. И тогаш и денес не се знаат мотивите, а уште помалку нарачателите, организаторите и извршителите на терористичкиот акт. Ниту автобиографската книга „Атентат – ден потоа“, не откри ништо ново!
Со текот на годините, настанот бледнееше, постепено одеше во заборав и добиваше пежоративна конотација, која имплицира на конспирација заснована на предрасуди и немање материјални докази. Теории на заговор за инволвираност на злосторнички и моќни учесници со разни мотиви.
Терминот „Конспиративни теории“ почнува масовно да го користи ЦИА по убиството на претседателот Џон Кенеди. Официјалната верзија за убиецот Ли Харви Освалд немаше логично објаснување поради многубројни чудни факти, опструкции и тајни со кои се соочи владината комисија „Ворен“. Мистериозно починаа околу сто сведоци, службеници, припадници на тајните служби и полицијата, кои директно или посредно учествуваа во истрагата. Се лиферуваа многу верзии за нарачатели и организатори: ЦИА, потпретседателот Линдон Џонсон, федералните резерви, руската КГБ, кубански контрареволуционери, петролејски магнати, вонземјани…
КОНСПИРАТИВНИ ТЕОРИИ Со цел да ги неутрализира многубројните верзии, ЦИА го лансира терминот „Конспиративни теории“, кој медиумски беше прифатен и подметнуван како исмејување на верзиите спротивни на официјалната. Оттогаш до денес, како конспиративни теории се прогласуваат сите тврдења неподобни за власта, а оние што се обидуваат да ги лансираат, се етикетираат како „збунети конспиратолози“.
Таква конотација постепено добиваше и атентатот врз Киро Глигоров уште од првиот ден, со што практично некадарната и неодговорна истрага ги сокри атентаторите. Рашомонијадата почна со бизарното официјално соопштение дека атентатот се случил на улицата Македонија, иако таа сѐ уште беше Маршал Тито, а нејзиното преименување се случи дури следната година. Продолжи со дилетантски и сомнителен статички и динамички увид на самото место, со елементарни пропусти и уништување во детектирањето, фиксирањето и прибирањето предмети и траги, предвременото отстранување на автомобилот, неблокирање на главните излези од Скопје и незатворање на граничните премини.
Заведувањето на оперативната акција „Автомобил“ и формирањето Оперативен штаб од млади и неискусни оперативци, аналитичари, раководители и координатори, како и вклучувањето на безбедносно-разузнавачки служби на САД, Велика Британија и Германија, не резултираше со откривање на сторителите. Наместо опипливи резултати, се шпекулираше и импровизираше со посочување можна вмешаност на бугарската компанија „Мултигруп“, т.н. „Братиславска врска“ или југословенската, односно српската, КОС.
Кон ваквото безаберие, не може да се пренебрегне процесот на „фрчковизација“, наречен според тогашниот министер на МВР, синоним за партизирање и депрофесионализација на безбедносните служби и нивно доведување во состојба на хибернација и разнебитеност. Поразителен е фактот што не располагаа со никакви претходни индиции, разузнавачки податоци и оперативни сознанија за можно загрозување на животот на претседателот, а одредени припадници посредно, а често и директно беа под влијание на активни и конзервирани структури и инсталирани странски служби со агентурни мрежи.
РАСВЕТЛУВАЊЕ НА АТЕНТАТОТ НЕ БЕШЕ НАЦИОНАЛЕН ПРИОРИТЕТ Од денешна временска дистанца, неспорно е дека атентатот беше камен-меѓник во етапното разнебитување, рекомпонирање и трансформирање на државата Република Македонија во територија Мафијадонија. Оттогаш почнува дивеењето на мафијата облечена во власт, олицетворена во статус кво партиите. Нивната симбиоза со криминалното подземје ги продуцираа шверцот со дефицитарни и акцизни стоки, процутот на „сивата“ и „црна“ економија, криминалната приватизација со законско покритие, стечаи на државни и општествени претпријатија, испилување на новопечени политичари, претприемачи и бизнисмени, кои подоцна како етаблирана клика го продадоа името и идентитетот.
Терористичкиот акт, пред триесет години останува енигма во доменот на конспиративни теории. За двете статус кво владејачки гарнитури, расветлувањето на атентатот не беше на агендата на национални приоритети. Безбедносните служби, лицемерно уверуваа и ја замајуваа јавноста дека истрагата продолжува и нема да биде ставена ад акта, иако веднаш по завршувањето на вториот мандат, го расформираа Оперативниот штаб и ја укинаа оперативната акција „Автомобил“.
Со тоа, „мократа нарачка“ врз првиот претседател на самостојна Република Македонија, дефинитивно остана нерасветлена „темна бројка“. Квадратура на кругот. Метафора за настан одложен во фундусот на „заборавени и бивши човеци“.
(журнал.мк)