Пресудените 211 години затвор за крвавиот упад во Собранието на 27 април на голем дел од клучните учесници во пучот од 27 април 2017 година немаше да биде остварено ако не беа неколку сведочења кои ја разоткрија командната линија и сценариото на постапките на пучистите. Секако останува да се отпочнат и довршат постапките на неколку видни личности од самиот државен врв
ЉУБОМИР КОСТОВКИ
Нема сомнение дека осудата на дел од првата гарнитура на виновниците за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, која кумулативно значи затвор во вкупно траење од 211 години за 17-тина учесници е настан на неделата. Ако се изземат оние кои беа вистински инспиратори на тие немили настани од пред речиси две години, кои имаа за цел да оневозможат мирно предавање на власта од една коалиција (ВМРО ДПМНЕ – ДУИ) во друга (СДСМ-ДУИ и уште неколку помали партии) се затвори кругот за тој неуставен акт кој Обвинителството го зацрта како терористички акт.
За правосудниот систем секако има уште работа, бидејќи, го нема врвот на врвот: еден од осудените секако припаѓа тука, тоа е Митко Чавков кој доби 18 години а кој ја имаше златната команда во пучистичкиот обид. Неколку крупни фигури се заштитени од својот имунитет, но и од тоа што се во бегство, како експремиерот Груевски кој во време на немилите настани беше во Виена, од каде давал команди а сега е во Будимпешта (очевидно е љубител на синиот Дунав), потоа експретседателот на Собранието и секако шефот на државата кој можеше да реагира а во најблаг случај не реагираше ниту навреме, ниту во вистинска насока, додека на пучистите на теренот не им тргна наопаку.
Гледано од сегашен ракурс најмалку три сведочења на обвинети за организацијата на насилствата од 27-ми април 2017 донесоа нов пресврт во судскиот процес. По тие сведочења поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, дава тој ден налози преку обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, кои биле пренесувани кај дел од обвинетите учесници во „крвавиот четврток“. На товар му се ставаат наредби за палење на домовите на Шекеринска и Шилегов, на возилото на Фрчкоски, следење и дискредитација на политички опоненти, напади на новинари, делење на оружје на учесници во протестот донесено со возило на УБК… Подготовките за тој чин почнале во февруари, паралено со протестите. Уште тогаш се знаело дека на денот кога ќе се направи обид да се избере претседател на Собранието ќе треба да се влезе во законодавниот дом. Овие активности имале „претходница“ уште по изборите во декември 2016 година, кога молотови коктели требало да бидат фрлени во ДИК, доколку биле одбиени изборните жалби на ВМРО-ДПМНЕ. Во сведоштвата беше посочен и советникот на претседателот на државата, Синиша Алексовски, од каде што доаѓале информации дека Иванов на 27-ми април вечерта ќе прогласи воена состојба, дека воена полиција врши блокади и дека ќе биде уапсено раководството на СДСМ.
Затоа во пресудата, судијката во овој процес – Добрила Кацарска го критикуваше однесувањето на полицијата за време на насилниот упад во Собранието како срамно. Таа оцени дека упадот бил „смислено сценарио чиј дел биле и високи полициски службеници“.
За пресвртот кој донесоа споменатите три сведочења своевремено говореше и Александар Новаковски, бранител на еден од обинетите пратеници. „Овој судски процес е голем предизвик за обвинителството, одбраната и судот. Доказите на обвинителството кои беа изведени во текот на овие месеци, понудија многу интересни моменти, но и одредени елементи кои уште повеќе го прават овој случај посебен. Досега многу неизвесно е дали со понудените докази може да опстане правната квалификација“ – и призна дека тие сведочења со голема веројатност може да претставуваат и пресврт во овој судски процес, и да отворат многу прашања кои дел од одбраната си ги поставуваше – зошто некои лица многу едноставно се изземени од овој процес, а процесот финишира.
Делчевецот Владимир Атанасовски (35) тогаш за првпат јавно е посочен од обвинети како извор на налозите за настаните на 27-ми април. Тој и Митко Чавков беа поставени на функциите во рамки на техничката влада што ги спроведе изборите на 11 декември, како кадри на ВМРО-ДПМНЕ. И двајцата беа посочени во извештајот на работната група на МВР како одговорни за ненавременото и непрофесионално дејствување за време на насилствата во Собранието. И додека Чавков е на листата на обвинети, Атанасовски живееше во „заветрина“, многу слична како и додека беше на функција. Беше невидив, но и прилично непознат за јавноста. Неговата биографија беше сведена во неколку редови: веднаш по дипломирањето на Економскиот факултет во Скопје, во 2008 година бил вработен во Управата за спречување перење пари, а бил и советник во Одделението за меѓународна соработка. Во 2010 година бил назначен за директор во Управата за финансиско разузнавање, а за директор на УБК на 1-ви септември 2016 година. Јавноста и немаше да го види неговиот лик, ако не се случеа опструкциите што ѝ ги направи на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, ноќта меѓу 21 и 22 октомври 2016 година. Останаа запаметени нејзините повици пред капијата на МВР „отвори, отвори“, бидејќи и не ѝ дозволуваше да влезе во просториите на УБК, иако имаше судски налог, а Атанасовски претходно оттаму го избркал и истражителот на СЈО. Вечерта пред тв-камерите се правдаше дека увидот на СЈО би можел да ги запре тековните ПИ-мерки, бидејќи без асистенција на операторот било технички невозможно да се одвојат завршените од тековните посебни истражни мерки.
И покрај опструкциите, Јанева успеа да влезе во УБК и да ги одземе сите наредби за Посебни истражни мерки за следење на комуникациите, книгите за евиденција, како и бараните компјутерски податоци од системот за следење на комуникациите. На 28-ми октомври 2016 година таму влезе и експерт од производителот на опремата за прислушување во УБК („Ериксон“), кој ги извлече податоците од помошните сервери кои се во сопственост на телекомуникациските оператори, а физички се наоѓаа во Управата. Еден месец подоцна, СЈО ја отвори истрагата „Таргет“ и откри дека прислушувањето продолжило и по објавувањето на „бомбите“.
Атанасовски имаше одговорност и за попречување на обезбедување докази за судскиот процес против поранешниот шеф на Петтата управа во УБК, Горан Грујовски, за палење на списи и докази за прислушувањето. Тој со месеци одбиваше да ги прими барањата од СЈО за декласифицирање на податоци од УБК, кои можеа да се декласифицираат. Тој ја попречуваше и истрагата „Трезор“ преку одбивање да му даде податоци на СЈО, поради што, на барање на СЈО беше казнет од Основниот суд Скопје 1 со парична казна од 2.500 евра. Во неговиот мандат на другите функции, не излезе со ниту еден случај за перење пари, а сомнежите се насочени дека на функцијата бил именуван токму за да затскрива такви дела, извршени од претставници на неговата партија.
Паралелно со почетокот на судскиот процес излегуваат и нови информации за она што се случувало на 27 април околу и во Собранието. Дојче веле дознава дека обвинителството ја истражува и злоупотребата на службените телефони со кои располагала Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).
Според досегашните сознанија, најмалку еден телефон кој бил во сопственост на владината служба бил користен за да биде испратен првиот повик за мобилизација за „крвавиот четврток“. Бројот бил користен од лице што го обезбедувало екс-премиерот Никола Груевски во Виена. Во СОЗР не се водела речиси никаква евиденција за издадените службени телефони. Голем дел мобилни телефони се воделе и на име „претседател на државата“.
Дополнително, како што дознава ДВ од истрагата, на 27-ми април во Клубот на пратениците, кој исто така е под надлежност на Службата за општи и заеднички работи на владата, стигнал налог да се подготви големо количество сендвичи. Поради случувањата во Собранието таа вечер, сендвичите никогаш не стигнале до потенцијалните корисници, па морале да бидат замрзнати во фрижидерите на Клубот.
Освен осудата на Митко Чавков од 18 години затвор, да потсетиме, 16 се прогласени за виновни и добија повеќегодишни затворски казни, додека еден обвинет- оперскиот пејач Игор Дурловски е ослободен од обвинението. Тогашните колеги на Чавков од МВР, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви добија по 15 години затвор, Оливер Поповски- 13 години, а Оливер Радулов- 10 години затвор. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање е казнет со 15 години затвор, а Абдуљфета Алими е осуден на 7 години затвор.
Од лицата кои со фантомки влегоа во Собранието, највисока казна добија Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо – по 15 години затвор; Вилијам Михајловски доби 14 години затвор, Игор Југ и Горанче Анѓелковски по 12 години затвор, а Александар Василевски-Нинџа доби 8 години затвор.
Но да сумираме дека пресудените 211 години затвор за крвавиот упад во Собранието на 27 април на голем дел од клучните учесници во пучот од 27 април 2017 година немаше да биде остварено ако не беа неколку сведочења кои ја разоткрија командната линија и сценариото на постапките на пучистите. Секако останува да се отпочнат и довршат постапките на неколку видни личности од самиот државен врв, да не се задоволиме само со постигнатото.