Ни побегнаа во Грција високите полициски функционери Грујовски и Бошковски, исто така и експремиерот Груевски, веќе со упатница за служење казна затвор. Тој сега се препушта на услугите на будимпештанските хотели а ние откриваме дека не ги користевме мерките за пробација кои многу го олеснуваа контролирањето на движењата на ваквите бегалци претходно. Ама некористењето на електронските алки за следење може да ја чини земјава 850.000 евра
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Деновиве дознавме дека кај нас постои Закон за пробација, дека наводно постојат технички услови за користење на оние специјални алатки со кои се контролира движењето на лицата за кои правдата е посебно заинтересирана а сепак се наоѓаме пред можноста како земја да платиме казна од 850 илјади евра по основ на некористење на мерката –пробација?
А што е тоа пробација, ќе се запрашате?
Секој просечен гледач на американски крими филмови сигурно знае што е тоа пробација. Или, поверојатно, има претстава за таа форма на контрола на осудени лица или лица во постапка на иследување, иако не го знае стручното име за неа.
Пробација претставува мерка преку која се контролира движење на лица за кои казнениот систем е загрижен дека би побегнале а не се во класична притворска или затворска институција.
Најчесто пробацијата се врзува за условна казна а битно е да се воспостави контрола врз однесувањето на луѓето кои се изложени на ризик после изрекувањето на казни или по напуштање на затворските институции.
Особено, како што гледаме во американските филмови, пробацијата се практикува за малолетни престапници во која учествуваат центрите за социјална работа во соработка со други релевантни институции, семејството или други, кои би биле дел од рехабилитацијата на осуденикот. Американската казнена практика ја користи оваа форма на контрола за лица кои во одреден период треба да се ресоцијализираат а веќе им е изречена казна. Државата сака да влијае на ризик факторите кај сторителот, со цел на негова реинтеграција во заедницата. Постапката ја препишува судот со правосилна пресуда, и одлуки на државниот обвинител, судијата или институции на извршители на казните.
Условна казна и кога е изречена, според правната мисла во светот, може да содржи во себе одредба за контрола на слободата на осудениот за време на траењето на условна казна а кои ќе ја надгледуваат одредени јавни службеници преку користење на професионални процедури, што, влијаат на елеминирање на факторите на ризик на сторителот со цел за ресоцијализација и реинтеграција на сторителите во заедницата.
Според анализата на Телма (види: https://telma.com.mk/nekoristeneto-na-elektronskite-alki-za-sledene-ke-ja-chini-zemjava-850-000-evra/) некористењето на 400 електронски алки кои четири години стојат конзервирани во Управата за извршување на санкции, можат да ја чинат Македонија 850.000 евра. Европската комисија, како што дознава оваа телевизија, неодамна ја предупредила земјава дека поради некористење на алките предвидени со Законот за пробација, набавени со помош на европските фондови, земјава ќе мора да ги врати парите назад.
Набрзо по предупредувањето од Комисијата, на 28 декември е изречена првата пробациска условна осуда на осуденик,кому треба да му се стави алка што би значело пробациски надзор. Од судот засега нема информација зошто досега не се изрекувала оваа мерка, иако опремата за следење и Законот со се подзаконските акти се од поодамна донесени.
Според порталот „Сакам да кажам“ за пет лица од скопското апелационо подрачје и 12 лица од другите апелациони подрачја во последните мигови пред Нова Година е изречена мерка според Законот за пробација.
Досега на ниедно лице не му е ставена електрична алка. Законот за пробација стапи на сила на 1 ноември 2016 година ,(https://www.akademik.mk/stapuva-vo-primena-noviot-zakon-za-probacija-probatsiska-sluzhba-i-alternativni-merki-izrecheni-vo-krivichna-postapka/), додека алките за електронското следење се набавени уште во 2014 година, во рамки на твининг проектот за имплементација на Законот за пробација, кој започна во 2010 и има вредност од 1,8 милиони евра. Заедно со алките кои се од израелски производител, набавени се и батерии, инсталиран е и софтвер за нивно следење, обучени се 10 лица во Министерството за правда и отворен е мониторинг центар. Во Кривичниот суд има и три канцеларии наменети за пробациската служба, а такви канцеларии предвидеи се и во Битола, Прилеп, Гостивар, Охрид, Куманово, Велес, Тетово, Кочани, Струмица и Штип. Во нив треба да бидат вработени 90 службеници (види https://sdk.mk/index.php/makedonija/alkite-za-domashen-zatvor-stignaa-vo-krivichen-sud-pochna-rabota-prvata-kantselarija-za-zakonot-za-probatsija/).
Електричните алки за домашен затвор се донесени во Кривичниот суд во Скопје, каде неодамн почна со работа канцеларија за примена на Законот на пробација
„Законот за пробација стапи на сила во 2016 година, но зошто досега не се применуваше треба да ја прашате претходната директорка на Управата за извршување на санкции. Зошто 1,5 милиони евра опрема стои заклучена во Идризово? Набавени се 400 алки. Од вчера почна да работи канцеларијата во Кривичниот суд, предвидено е да се отворат уште 11 вакви канцеларии, за што ќе се вработат 90 пробациски службеници“, рече за медиумите директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ.
„Врзување на алката“, како во жаргон се нарекува примената на мерката, до сега е веројатно можела да биде ставена со пресуда кон еден уметник – наркоман, ама не е применувана. Таа, „алката“ или „ножниот гердан“ како се нарекува примената на пробацијата кај нас е само термин за кој правниците учеле, но не го применувале. Ниту порано а ниту во блиско минато, освен можеби во иднина, кога заради заборавноста на правниот систем може како земја да имаме финансиски реперкусии.
Според адвокатот Јован Јоанидис, во изјава за Витиномер, со големо искуство во однос на истражната постапка и како обвинител, пробацијата е во токму таква позиција во правниот систем: ја имало ама не се користела никогаш!
Системот за да биде рационален треба да се применува на поголем број потенцијални осуденици или лица во истрага, кои се во домашен притвор и кои треба да се јавуваат (експремиерот Груевски се јавуваше секој петок во Основниот суд, додека потоа му се припиша мерка на јавување во судот, додека е во домашен притвор, од еднаш месечно, по што тој избега!). Значи за да биде во функција како што треба, добро е да се користи врз поголем број осуденици, бидејќи сам по себе врзува поголем број на службеници.
Алките кои ги поседува Управата за извршување санкции не се со ЏПРС систем на следење на сигналот, туку се со СД каритчки со што движењето на осуденикот е ограничено во одреден парамтераски круг. Добро информирани извори за Телма наведуваат дека системот бил оперативен откако е исталиран, но не бил применуван.
Светските искуства се врзуваат со можноста казнетиот со условни казни ги извршува задачите во соработка со заедницата, со цел да се заштити општеството од сторителите и да се намали ризикот од рецидиви на сторителите преку ресоцијализација и реинтеграција во заедницата, односно правовремено да биде заштитен осудениот од темната страна на општеството, фактички од подземјето. Тоа решение не наметнува ниту, пак, може да ја менува мерката, одговорноста и санкциите, но тоа решение за пробација трае само врз основа на правосилни пресуди и одлуки на државниот обвинител, судот или судија на извршување.
Нашите искуства сега треба да се врзуваат и за бегството на обвинетиот Никола Груевски, како и оние претходно побегнати лица битни за нашите судови – Горан Грујески и Никола Бошковски, секако немаше така лесно да побегнат во други земји ако пробацијата беше применувана. Закон постоеше, околностите за лицата кои беа пуштени дома до конечното заминување зад решетките исто така беа евидентни, ама мерката ја немаше.(види https://www.akademik.mk/stapuva-vo-primena-noviot-zakon-za-probacija-probatsiska-sluzhba-i-alternativni-merki-izrecheni-vo-krivichna-postapka/).
(продолжува)