Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НЕМА ИЗЛЕЗ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА – ВЛАДАТА СЕ ТРГА НАСТРАНА

January 6, 2026 Filed Under: Македонија

Просечната нето плата во регион е највисока во Црна Гора – 1.102 евра. Македонија е многу подолу, последна според просечната плата

БРАНИСЛАВ ЈОВАНОВИЌ Македонскиот работник воопшто не е мрзелив, тоа покажува и споредбата со продуктивноста на европскиот работник

МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

Просечната плата во земјава би можела да го достигне европскиот просек за 39 години, доколку продолжи трендот на раст кој што го имаше во последните пет години. Иако е ова прилично долг период, ако се спореди со оној на домашниот бруто производ, каде што би биле потребни и повеќе од 100 години за стигнување на европскиот просечен БДП по жител, делува дури и оптимистички. Уште е подобро кај минималната плата во земјава, која би можела да го достигне европскиот просек на минимална плата веќе за две децении, доколку продолжи трендот на раст кој то го имаше во изминатите пет години, кога тој беше најсилен.

Ваквиот оптимизам сепак, спласнува, со оглед на случувањата околу минималецото во изминатата година- година и половина и промена на подготвеноста за негово зголемување надвор од она што го предвидува законското усогласување.

Овие показатели инаку се дел од истражувањето за конвергенцијата (приближувањето) на земјите од Западен Балкан кон Европската унија, што беше презентирани неодамна во Скопје од страна на економскиот институт ЗМАИ, кој учествуваше во изработката на овој труд, кој е достапен и онлајн. Целта беше да се види колку години ќе ѝ се потребни на секоја од државите во регионот да го постигне просечното ниво на ЕУ во осум клучни области анализирајќи вкупно четириесет индикатори. Покрај минималната плата, кај економските индикатори уште се разгледуваа и БДП по жител, просечната бруто плата, просечната пензија и продуктивноста односно производството по работник.

ПРОДУКТИВНИСТА Е ДОБРА Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот економски институт кој е дел од ЗМАИ, изложи интересни согледувања за соодносот меѓу растот на просечната и на минималната плата во однос на продуктивноста, која е и еден од главните аргументи на актуелната власт и на работодавачите кои кренаа „рачна“ за барањето на Сојузот на синдикати минималанат аплата да се зголеми на 500 односно на 600 евра.

„Кај нас често се зборува дека не сме продуктивни, но продуктивноста како процент од просекот на ЕУ кај нас е подобра од платата. Значи, она што го произведува македонскиот работник е околу 53 отсто од она што го произведува работникот во ЕУ, со тоа што се разбира, таму има и подобра технологија. Нашите работници и не се толку лоши. Не се мрзеливи, не се непродуктивни, релативно се ОК“, истакна Јовановиќ.

Притоа, тој објасни дека просечаната плата во Македонија во моментот е 33 проценти од просекот во ЕУ, односно дека работниците се платени една третина од она што се плаќа во ЕУ, а нашиот работник произведува 50 отсто од она што се произведува во ЕУ.

„Значи, нашата продуктивност е повисока по плата од таа што е во ЕУ, така што приказната дека платите не треба да растат, не држат. Во ред е дека треба да расте продуктивноста, но платите кај нас се пониски од продуктивноста. Значи, не е точно дека нашите работници не се продуктивни“, истакна Јовановиќ, што според него е аргумент дека платите треба да се зголемуваат.

АРГУМЕНТИ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА Истите аргументи, иако во помал обем, важат и за минималната плата, која според оваа студија, кај нас сега е на нивото од 45 отсто од просекот на ЕУ, додека продуктивноста е подобра, 53 отсто, што значи и тука има простор за зголемување на минималецот.

„На пример, просечна бруто плата во Македонија е околу илјада евра, што е околу една третина од просечната плата во ЕУ, каде што е околу 3 илјади евра. Ако ги екстраполираме трендовите од последните пет години, колку време ќе ни треба да го стигнеме просекот на ЕУ? Кога е платата во прашање, ќе ни требаат околу 40 години затоа што иако имаме ниски плати, 33 отсто под ЕУ, сепак последните години имаат раст и штом растат веројатно можеме да стигнеме“, вели Јовановиќ.

За разлика од платите, кога е БДП по жител во прашање, во моментот стоиме подобро бидејќи нашиот БДП е 42 отсто од просекот на ЕУ. Значи повисок е од платата, но кај БДП стапката на раст е побавна, па затоа ќе ни треба повеќе време да го стигнеме европскиот просек.

„Значи подобри сме ама помалку растеме“, вели Јовановиќ.

ДРАСТИЧНИ РАЗЛИКИ КАЈ ПЕНЗИИТЕ Најдрастични се разликите кај пензиите, при што просечната пензија кај нас е на нивото од само 18 отсто од европскиот просек.

„Онаа приказна што кај нас се пласира дека пензиите не треба да растат, во податоците не е така. Пензиите треба да растат“, посочи Јовановиќ.

Инаку, според истата студија, платите во регионот се највисоки во Србија, околу 1.150 евра, потоа во Босна, Црна Гора, Македонија е на четврто место, а Косово и Албанија се малку полоши.

„Може да се види колку е тоа како процент од ЕУ, сите се лоши, од 20 до 40 проценти, но и колку години ќе ни требаат на сите да се стигне европскиот просек при што годините се разликуваат затоа што некои земји повеќе напредуваат некои помалку“, вели Јовановиќ посочувајќи дека ако некоја земја моментално е послаба како процент од ЕУ тоа не значи дека ќе стигне побавно, односно ако има напредок може да стигне и побрзо.

АУКЦИЈА ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА Инаку, кај нас изминатиот период дискусиите за минималаната плата се сведуваат единствено на лицитирање за нивниот износ, но без притоа да се преземат какви било мерки.

Петстотини евра, шестотини, осумсто, илјада… Сето ова личи на добро организирана аукција на која присутните наддаваат за некоја работа, но всушност, станува збор за износот за минималната плата кои кај нас многумина би сакале да го видат. Но, нема.

Последната седница на Економско-социјалниот освет одржана деновиве само го потврди она што се знаеше и претходно – дека ниту власта, ниту работодавачите имаа тнамера да им удоволат на барањата на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималаната плата од сегашните 36.037 денари во бруто износ или нето 24.379 денари, на 500 односно 600 евра нето.

Политичарите од власта со полна уста велат дека „уште утре“ би прифатиле повисока минимална плата, ако за тоа се согласат работниците и работодавачите. Бизнисмените, пак, велат дека платата може да оди нагоре ако државата ги покрие зголемените придонеси, предлог што многу економисти го сметаат за „непристоен“ затоа што дополнително ќе го наруши и онака разнишаниот баланс во јавните финансии и ќе го зголеми товарот врз буџетот. Затоа што тој „пука“ од другите обврски, како што се дотациите за ПИОМ поради линеарното зголемување на пензиите, или за отплата на долговиоте кои стасуваат веќе наредните месеци.

КАДЕ Е ТОГАШ ИЗЛЕЗОТ? Сега како што стојат работите – никаде. Синдикатот се закани дека ќе излезе на улица, но и тоа го најави малку страмежливо, доколку добие широка поддршка од работниците.

Премиерот Христијан Мицкоски постојано потенцира дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но зголемувањето мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите.

„Дали треба повеќе? Да, треба, еве јас сум првиот кој што тоа ќе го поддржи. Треба да биде најмногу. Ако гледаме од себични причина на Владата, ние можеме да прогласиме и да побараме од законодавниот дом минимална плата од 600, 700 евра, ќе бидеме најголемите политички херои, дури и ние ќе профитираме бидејќи од 705.000 вработени ние како Влада сме работодавачи на 100.000. Што значи дека придонесите на останатите 600.000 ќе доаѓаат на сметка на Владата. Но, дали економијата и бизнисот тоа можат да го издржат е прашање кое што работодавачите и работниците треба да си го одговорат. Затоа ние велиме ве молиме во дијалог вие да си го одговорите тоа прашање, ние можеме само да фасилитираме и да помогнеме во тој процес. Второ, грубо се манипулира со зголемена минимална плата во соседство и кај нас, бидејќи кај нас се зборува за нето, а таму за бруто. Има голема разлика. Трето, според Евростат, куповната моќ со минималната плата во Македонија, оваа моменталната, а не таа која ќе се зголеми со закон, е повисока од сите земји во соседството, минус Грција“, заклучи Мицкоски.

Со идентични ставови е и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши кој во четвртокот на седницата за пратенички прашања рече дека во државата има околу 700 илјади вработини кои што се во администрација или во приватниот сектор и од нив 35 илјади земаат минимална плата.

„Ние го гледаме интересот на сите граѓани, но ако пресметаме колку се овие граѓани кои земаат минимална плата, значи е три до четири проценти. Сите други граѓани 94-95 проценти кои се вработени во јавниот и во приватниот сектор земаат повеќе од минималната плата и како Влада, како трипартитен орган, го гледаме интересот и на тие 96 проценти, и на овие четири проценти“, рече Дурмиши.

И тој не одолеа на лицитирањето со износите за минималната плата: „Тоа што го кажавме и на тоа стоиме, ако може работодавачите да ги плаќаат работниците кои ги имаат и се согласат со работниците, ние сме тука да ги поткрепиме. Сите сакаме минималната плата да е многу повеќе од 500 евра. Сакаме да е 800, зошто да не и илјада евра минимална плата и ќе сме херои во нашата земја“, рече Дурмиши, но предупреди дека во таков случај ќе се соочиме со инфлација, пораст на цените кои енормно ќе се зголемат и неме да може да се менаџираат…

Повикувајќи се на податоци на Евростат, Дурмиши рече дека кај нас минималната плата е поголема од онаа во Бугарија, во Албанија, поголема од Турција. А тоа не е точно: минималната плата во Бугарија е 510 евра, во Албанија 515 евра, а во Турција 590 евра. Дурмиши вели декапостојано подготвуваат мерки за поддршка на малите и средните претпријатија, со цел да се зголеми бројот на вработени во приватниот сектор, да се зголеми продуктивноста и на таков начин да се зголеми и минималната плата.

Премиерот Мицкоски на неодамнешен брифинг со новинарите отиде чекор понатаму, кога покрај споредбените податоци за платите рече дека животниот стандард, односно домашниот бруто-производ по жител мерен според куповната моќ (а не номинално), е многу поголем од повеќе земји, дури и некои од Европската унија. Дури, ако се земе само Скопје како регион, сме имале повисок стандард од оној во Грција, земена како целина.

„Скопје за 2024 година по моќ има поголем БДП по глава на жител од оној на цела Грција, на пример, односно номинален од 18 илјади долари за 2024 и по куповна над 45 илјади. Проблем е што остатокот на Македонија е полош, пред сѐ полошкиот и североисточниот регион“, вели премиерот.

И додека македонската економија се движи напред, барем според официјалните податоци за раст од 3,8 отсто на БДП во третиот квартал, кој е „трет во Европа“, како што потенцира премиерот Мицкоски, а номиналниот бруто домашен производ порасна „за историски“ 10,2 проценти, инфлацијата се намалува итн, тоа, за сега не се одразува кај минималната плата. Според најавите на работодавачите и од Владата, нема ни да се случи, односно во март ќе се примени законското услогласување на минималецот спред формулата 50 отсто од порастот на инфлацијата и 50 отсто од зголемувањето на просечната плата, или околу 1.500 денари, според математиката на министерот Дурмиши.

ЦРНА ГОРА ГРАБИ НАПРЕД Каква е состојбата кај другите земји во регионот? Една анализа на Истражувачкиот центар на парламентот на Црна Гора, кое што го пренесе „Банкар.ме“, покажува дека во изминатите пет години Црна Гора постигнала значителен скок во нивото на просечниот приход, позиционирајќи се како лидер меѓу земјите од Западен Балкан кои не се членки на ЕУ, но исто така стигнувајќи ги и некои земји во рамките на европското семејство.

Според статистичкиот преглед на Истражувачкиот центар, просечната месечна нето плата во Црна Гора во 2024 година е 1.012 евра, што претставува историски максимум за оваа земја. На пример, во Австрија растот е на ниво од 30 проценти, во Црна Гора речиси 100 проценти.

Во споредба со нејзините непосредни соседи кои не се членки на ЕУ, Црна Гора цврсто ја држи првата позиција. По неа следуваат Србија со 926 евра, Босна и Херцеговина со 735 евра и Северна Македонија со 710 евра.

Во однос на просечната нето заработка во 2024 година, Црна Гора успеа да ја престигне Бугарија (923 евра), која е членка на Европската унија, додека сериозно се приближува до Романија (1.055 евра) и Хрватска (1.151 евра).

Иако резултатите од Црна Гора се оптимистички, податоците од Евростат потсетуваат колку далеку е европскиот врв економски. На самиот врв на листата е Луксембург со неверојатни 4.201 евра просечна нето заработка, по што следат Холандија (3.991 евра) и Ирска (3.851 евра)

(nezavisen.mk)

Filed Under: Македонија

И ОФИЦИЈАЛНО: ДРЖАВАТА ЛАНИ СОБРАЛА ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ЕВРА ПОМАЛКУ ПРИХОДИ
РЕК БИТОЛА Е ВО ПРЕДСМРТНА АГОНИЈА
ТРАМП, МАДУРО И ПРАШАЊЕТО НА ВЛАСТА ВО ВЕНЕЦУЕЛА
ГОСПОД ЈА СОЗДАДЕ НОВАТА ЖЕНА НА ПЛАЖАТА НА СЕН ТРОПЕ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (160) ЗЕМЈАТА НА АГРЕСОРОТ Е ПОЛНА СО НЕПОКРИЕНИ ПАРИ

Најново

  • И ОФИЦИЈАЛНО: ДРЖАВАТА ЛАНИ СОБРАЛА ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ЕВРА ПОМАЛКУ ПРИХОДИ
  • РЕК БИТОЛА Е ВО ПРЕДСМРТНА АГОНИЈА
  • ТРАМП, МАДУРО И ПРАШАЊЕТО НА ВЛАСТА ВО ВЕНЕЦУЕЛА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet