Прочуениот фестивал на пивото во Минхен годинава не се одржува. Причината е јасна: коронавирусот. Но наместо да тагува поради Октоберфест, градот пробува нешто, од кое сите можат да профитираат и во иднина
МОНИКА ГРИБЛКЕР
Баварците го помина летото под палми, со стапалата во песок – и тоа среде Минхен, на ливадата на Тереза. Таму каде што инаку во средината на јули е големо градилиште, каде работниците со камионски приколки со кранови влечат огромни шатори и уреди за забавниот парк за Окоберфест. Десет недели поставување и градење, 2 недели забава и уште 5 недели собирање на сѐ и чистење.Но, ова лето сѐ беше поинаку.
Првпат по Втората светска војна нема да се одржи Октоберфест. Наместо тоа, жителите на Минхен годинава ја имаат ливадата, просторот на кој инаку се одржува Октоберфест. Тоа се цели 42 хектари површина – тоа се како околку 60 фудбалски игралишта.
Во близината на песочната плажа студентите поставија шатор со столици и клупи. Од него одекнуваат хитови кои се свират и на Октоберфест. „Неодамна некои дури поставија и вистински базен“, раскажува Кристин. Оваа девојка живее во близината и доаѓа секој ден на вештачката плажа за да се сонча и да чита. „Секако штета е што нема да се одржи Октоберфест, но вака повеќе ми се допаѓа“, вели таа.
Клеменс Баумгертнер, директор на Октоберфест и референт за економија на градот Минхен, вели дека загубата која ќе ја имаат градот, угостителите, сопствениците на забавни паркови, таксистите, хотелиерите, рестораните и продавниците за сувенири ќе изнесува околу 1,23 милијарди евра. Секоја година на Октоберфест се создаваат 13.000 привремени работни места и работат 500 фирми.
Но, Октоберфест за жителите на Минхен не е само економски фактор туку и главна туристичка атракција, која ја посетуваат околу 6 милиони луѓе кои во традиционални носии слават во колективно пијанство под шаторите, шетаат меѓу штандови и уживаат во забавен парк.
Наместо тоа, годинава во организација на градот се одржува манифестацијата „Лето во градот“. Со тоа сакале да помогнат на сите кои живеат од Октоберфест да ја пребродат кризата. На различни места во градот се поставени градини, штандови и пивници – секако, со придржување на правилата за хигиена и дистанца.
А угостителите имаат план за спасување на сезоната. Во периодот во кој требаше да се одржи Октоберфест, од 19 септември до 4 октомври, годинава ќе се приреди гостилнички фестивал. Така во саботата, сепак, традиционално е пробиено првото буре пиво, со што се отвора Октоберфест.
Првиот Октоберфест е одржан 1810 година по повод кралската венчавка на Лудвиг од Баварија со неговата Тереза. Се славело во доцна летото во целиот град. Со денови на Ливадата на Тереза се одржувале коњски трки, а навечер се сретнувале во гостилниците за да слават и да танцуваат.
Така би требало повторно и сега да биде. „Се работи за тоа да се покаже: уживајте во животот, веселете се заедно – тоа короната не го расипа“, вели Грегор Лемке, претставник на минхенските угостители.
Иако некои стручњаци предупредуваа дека не треба да се повикува на оваа „лајт-верзија“ на Октоберфест, во неа учествуваат 54 гостилници, како оние во градот, така и оние кои инаку работат на Октоберфест. Се точи традицинално пиво, се послужува печено пилешко и свински коленици. Свират оркестри кои инаку настапуваат на Октоберфест, а гостите се повикани да облечат традиционална баварска носија.
Лемке и неговите колеги претпоставуваат дека поради короната главно ќе доаѓаат посетители од Минхен и од околината. Значи, публиката нема да биде интернационална и ќе биде помалку раскалашено отколку во шаторите на Октоберфест со нови 10.000 места. Угостителите ќе мораат да се придржуваат до правилата за хигиена и за дистанца. Организаторите размислуваат вакво славење, како и „Лето во градот“ да повторат и наредната година. Сепак, се надеваат дека тогаш ќе се одржи и вистинскиот Октоберфест.