БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Медиумите ја открија примамливоста и моќта на човековата глупост и ја стимулираат затоа што им е сугерирано дека оглупавеното човештво не е моќно за отпор, дека му фалат памет, идеи и организација. Тоа е, се разбира, истовремено и опасно затоа што таа оглупавена маса има тенденција да се шири и згуснува истовремено и да оди кон експлозија
Медиумите се производители и конзументи на новата стварност. Која се темели на лагата, глупоста, инфантилноста, просташтвото и на отпорот кон пристојноста, културата и науката. Медиумите не се посредувачи на значењата. Какви што беа во златната ера. Односно, повеќе не се медиуми. Медиумите се машина во која се меле цивилизацијата и се произведувааат плескавици за големите и малку помалите центри на моќ, за корпорациите, за владите, за партиите, за финансиските центри, за лудаците со власт, пари и бомби. Медиумите ја открија примамливоста и моќта на човековата глупост и ја стимулираат затоа што им е сугерирано дека оглупавеното човештво не е моќно за отпор, дека му фалат памет, идеи и организација. Тоа е, се разбира, истовремено и опасно затоа што таа оглупавена маса има тенденција да се шири и згуснува истовремено и да оди кон експлозија. Медиумите никогаш не биле послободно заробени. Тие ја живеат илузијата за слободата. Социјалните мрежи и интернетските порталски, блогерски и други инсталации, се претворени во јаже на кое се беси човештвото. Затоа што го мобилизираат и факторизираат просташтвото и општествениот талог. Во комбинација со непроменетите и, всушност застарени и надминати принципи на демократијата (не демократијата како систем), тоа се претвора во атомска бомба на неразумот.
Во Македонија имаме еден мутант кој секојдневно ја ждере општествената супстанца и смислата на организираниот живот на овие простори и зад себе остава говна. Има многу лоша хигиена на забите и на усната рупетина, сè е тоа полно со лиги, вируси и бактерии, не мора ниту да те гризне за да те умре, а катастрофална му е и дефекацијата, физичките траги од неговото празнење се километарски, а ароматските галактички. Можеме и вака да кажеме: медиуми се боксерски ракавици за идиотите, а идиотите се скотови кои имаат амбиции да управуваат со општото добро. Јавноста е темелно кретенизирана, а новинарите немаат моќ да ја осознаат својата положба во оваа волшебна орбита. И огнена игра. Во смисла на класичните критериуми на професијата тие се тешко оштетени, да не речам оглупавени, а во однос на актуелната функција тие се опасни типови кои многу често немаат поим за опасноста што ја шират и произведуваат.
За нивните школи, факултети и асоцијации, не можам да пронајдам доволно одвратна квалификација.
Како и во светот, така и тука, тематиката, агендата, интонацијата, комплетното мени, им го сервираат други, главо центри кои мислат, ако воопшто мислат, дека песимизмот, хаосот, катастрофизмот, загрозеноста, очајот, нападнатиот идентитет и слични срања, се најубави контексти за контрола на ситуациите и за насочување на процесите.
Знам како тоа може да се промени, односно како можеме да го избегнеме судирот со ѕидот на вистината. За некои радикални промени кои можат да нè спасат не се потребни многу луѓе, пари и идеи. Потребна е, прво, свест за сопствената положба. Тоа е најважно. Потоа малку памет. Со тоа што паметта не е на цена. И не само што не е на цена, туку е протерана. Но, имам впечаток дека може да се присобере.
Така што за Денот на слободата на медиумите нема што да се честита.
Макар што знам дека денеска ќе потечат потоците од лигавења.
Веројатно Стево нема да пропушти да додели некој орден и на новинарските архиепископи да им упати честитки со поддршка за нивната одговорна и тешка задача.
Блаблабла!
Слободата е претворена во најголемо ропство, а медиумите, реков понапред, во машина за мелење на месо и за производство на ќебапчиња од човетина.
Им се извинувам на последните остатоци на професионализмот, моралот и пристојноста.
Јас сум радикален во критиката, но не сум дефетист.
Макар што понекогаш така изгледа.
Ако имаме некакви шанси тие можат да се испилат само во инкубаторот на радикалната критика.
Не со пристојност.
Во вакви теми пристојноста е медуза која нè заробува со своите пипала (Гомбрович).