БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Како што тие беа пацифисти кон сите нас, како што ги тепаа и влечеа низ Собранието пратениците на СДСМ, како што насилно се бореа со студентите, како што течеше крв и се создаваа лузни, полека и смирено, да не забележи никој
Нема смисла министре Никола Димитров, никаква смисла така да се зборува со ВМРО-ДПМНЕ, немојте така, министре, имајте обѕири, добога.
Немојте така да им велите- дека на нивно место вие би се срамеле да ги изговорите двете букви ЕУ, не на тој начин, министре, ве молиме.
Бидете нежни министре, фини, бидете свилени добога, онака како што тие владееја скоро 11 години, конечно. Бидете кротки и попустливи, ставете ракавици мазни и сомотни, исто онака како што тие тоа го правеа сите тие 11 години.
Како што тие беа пацифисти кон сите нас, како што ги тепаа и влечеа низ Собранието пратениците на СДСМ, како што насилно се бореа со студентите, како што течеше крв и се создаваа лузни, полека и смирено, да не забележи никој.
Кроце министре, полека, немојте со високи тонови, немојте со тие зборови, да не ги изнервираме европски ориентираните вмровски пратеници, бидете трпеливи, со нив не смее остро и строго, слободите ќе им ги загушите, како после ќе продолжат со поткастрени крилја. Истите тие слободи кои тие ги газеа, ги претвораа неистомислениците во политички затвореници, прогонуваа, затвораа медиуми, да не се чуе глас од никој што не е нивен.
Оставете им ги буквите, дајте им ги низ прстите нека се изживуваат со нив, пак, нека продолжат тие 11 години. Нека станат 111, нека не гмечат сите со рацете, нека прават од нас букви, нека ја иситнат целата азбука.
Нека ја стопат и пак да ја напишат, нека му ја пратат на Груевски во Будимпешта, нека ја посипаат низ белизиња, монака и азербејџани, сегде онаму каде тие попат застануваа и расфрлаа сè што дошто оттука.
Немојте, убаво ве молиме, затоа што очигледно никој не памти, никому не му доаѓа да се сети што сè преживеавме сите тие години и повторно доаѓаат да нè надвладеат.
Да надвладеат со нивните идеи- да се поништува Преспанскиот договор, да се враќа уставното име, да сме се врателе сите на почетоците, заедно со нив.
Да почнеме сите од онаму каде што немавме излез, да се мразиме, да се циментираме во канализациските шахти со знамето на Вергина, да создадеме уште поголеми Воини на коњи, да го окупираме Балканот со лудило, со политичка шизофренија да го закитиме.
Да престанеме да чепкаме во нивниот вмровски идентитет- идентитет на криминалот, корупцијата, злоупотребите. Нека го вратат пак на маса национализмот кој сè уште се нуди и продава како патриотизам, херојство, голема македонштина. Немојте да ги спречувате во сето ова, нека продолжи оној пат кој тие го поплочуваа, пат на презир кон соседите и зла крв, таа лекција на малите народи, кои само така никогаш нема да станат големи- ако дозволиме да се врати ВМРО-ДПМНЕ- тогаш ништо не сме научиле, тогаш сè сме заслужиле од она што тие го создадоа.