Се покажавме како фактор на стабилност и безбедност во регионот со успешното претседавање со ОБСЕ и членството и придонесот во НАТО. Затоа, додава тој, сега партнерите од САД и ЕУ очекуваат да направиме мудар потег
ДЕСТАН ЈОНУЗИ
Единствена пречка за Северна Македонија во нејзиниот пат кон Европската унија (ЕУ) – продолжуваат да бидат опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ултранационалистичката Левица.
– Единствен кочничар на државата е анти-ЕУ и анти-НАТО коалиција на ДПМНЕ и Левица. Иако имаме успешен скрининг, иако имаме силна поддршка во Унијата и отворени врати, поради активната блокада на Мицкоски и Апасиев во македонското Собрание не започна процесот на отворање поглавја. Виновникот има име и презиме: Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ, изјави Дарко Каевски – пратеник на СДСМ.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ја нагласува важноста од завршување на процесот на уставни измени како главен услов за напредок на земјата на европскиот пат.
Ковачевски додава дека секое одложување на овој процес е штетно за државата, ризикувајќи ја неизвесноста на преговорите и полноправното членство. Тој нагласува дека ова е најважниот момент за граѓаните на Македонија и за иднината на државата, поврзувајќи го директно со нивните перспективи.
– Се покажавме како фактор на стабилност и безбедност во регионот со успешното претседавање со ОБСЕ и членството и придонесот во НАТО. Затоа, додава тој, сега партнерите од САД и ЕУ очекуваат да направиме мудар потег во овој важен глобален контекст, изјави Ковачевски.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека Северна Македонија е уникатен контекст за напредок во евроинтеграциите и во крајна линија за постигнување на нашата втора стратешка цел, во услови кога и требаме на Унијата, а не само ние, поради потребата да се обезбеди стабилност на европскиот континент.
Во утринското интервју за Слободен Печат, Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја коментираше и поздрави геополитичката одлука на Европската Унија за почеток на преговори со Украина, посочувајќи:
– Граѓаните на Северна Македонија не се вознемирени од позитивната одлука на Унијата за Украина, туку од политичарите коишто со неусвојувањето на потребните уставни измени ризикуваат повторување на грешката од Букурешт 2008”.
Османи потенцира дека тоа би значело повторно долгорочно заглавување на државата на евроинтегративниот пат, т.е., околу најважните прашања за граѓаните: за стандардот, за нивната одлука дали ќе останат овде или ќе заминат надвор, за работните места, за нивните плати, за здравството, за образованието.
– Паметните учат од туѓите грешки, непаметните од своите. Ние се доведуваме во ситуација ни од своите грешки да не учиме. Дозволуваме повторно едни темни сили – националистички, да ни ја киднапираат иднината заради лични агенди. Јас сум сигурен дека подоцна ние ќе најдеме решение бидејќи времињата не се од Букурешт 2008 година, но теоретски ризикот е ние уште една декада да изгубиме” истакна Османи, повикувајќи ги опозициските партии да не останат индиферентни во овие критични времиња за иднината на земјата, да мислат за следните генерации наместо за следните избори.
(frontline.mk)