Пасторалната пресметка меѓу Никола Груевски и Христијан Мицкоски на социјалните мрежи, вклучително и врхушката на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, премина во видео пресметка. Во ова расчистување на сметките спарингува и Александар Николоски, а и Милошоски, иако овој прилично позадински, не многу истурено, што, впрочем, произлегува од неговиот карактер.
Тоа зборува дека овој, најнов раскол во ВМРО-ДПМНЕ, е на самиот почеток.
Доказ за тоа е и изјавата на Груевски во интернет вклучувањето на еден портал каде што Груевски отворено се заканува кога вели:
„Се трудам да не возвратам силно како што знам. Ги оставам да лудуваат некое време, можеби ќе им помине. Ако почнеме јас и моите приврзаници што сме незадоволни од ова раководство (да возвраќаме) тоа води во една друга насока. Но овие луѓе као да сакаат да се случи тоа. Но доколку се решат да се занимаваат со мене до изборите тогаш тука сум“
Јазикот на кој говори Груевски е јазик на автократија и тоталитаризам. Јазик на силата: „ Ако почнеме јас и моите приврзаници што сме незадоволни од ова раководство (да возвраќаме) тоа води во една друга насока“.
За која насока зборува Груевски? Насока во која ќе отиде внатрешната пресметка во ВМРО-ДПМНЕ, која сме ја читале, виделе и сведочеле, како онаа во 2004 година кога на конгресот на партијата во хотелот Панорама, вербалната кавга прерасна во физичка пресметка и истрели од огнено оружје.
И јазикот на актуелното лидерство на ВМРО-ДПМНЕ е далеку од демократски. Напротив и тој јазик е јазик на „заробената држава“ и на опскурните навики на тоталитаристичките служби кога говорат за УСБ-иња кои кријат којзнае какви тајни.
ВМРО-ДПМНЕ одамна не знае што со себе. Дали да биде партија на конструктивната десница или на екстремните десни радикали какви што никнуваат одвреме навреме низ Европа, но секогаш со кусо време на траење, од криза во криза.
Или, пак, исплашени од Левица дома, да флертуваат со левиот национализам, што и да значи тоа, за да ги сочуваат гласовите што полека, ама сигурно, им ги рони партијата на Апасиев.
Всушност, излегува сосема точно тоа дека ВМРО-ДПМНЕ после Груевски, кој го наметна и го градеше античко-националистичкиот идентитет, не успеа да изгради нов, европски, модерен, каков што најавуваше Мицкоски. Сепак, се чини дека тоа беше преголем товар за него кога до себе ги задржа тврдите „гуевисти“ кои сега му вртат грб на патронот од Будимпешта – Николоски и Милошоски.
Наместо да ги тргне на страна и да им даде простор на Муцунски и на другите модерни, проевропски членови на партијата, тој им создаде еко систем на „груевистите“, па затоа денеска Никола Груевски може да каже: „ Ако почнеме јас и моите приврзаници што сме незадоволни од ова раководство (да возвраќаме) тоа води во една друга насока“.
Но, доволно е за оваа внатрепартиска битка за тронот. Да влезеше во игра Калиси, мајката на змејовите, ќе одвоевме уште некоја епизода.
Вака, не ни останува ништо друго освен заклучокот дека е неодговорно е партија со внатрешна пресметка да претендира да ја преземе власта во клучен период за државата.
Тие внатре во партијата не можат да се „ујдисаат“ за една заедничка партиска политика, а имаат амбиција да управуваат со сложени процеси што ѝ претстојат на државата.
Оттаму, додека го чекаме епилогот од оваа пресметка, се наметнува прашањето колку оваа „драма на изневерени“ ќе влијае на процесите од стратешки интерес за државата. Прашање на време е кога ќе се гласа за уставните измени и како оваа епизода ќе влијае на исходот кога ќе се пребројуваат гласовите во Собранието.
Да не се случи со матната вода од чистењето на сцената на пресметката да замине и европската иднина на земјата. Прашање е колку ова им е битно на членството на ВМРО-ДПМНЕ, и на здравите сили таму, ако ги има. Зашто историјата ќе запамети и ќе запише кае беа и што правеа лидерите и членовите на партијата кога заради нивните партиски интереси Македонија ќе остане на периферијата на Европа, изложена на ветрометината на хаосот што ќе го поттикнат силите на злото.
(Рацин.мк)