СВЕТЛАНА СЛАПШАК
Истражување на Фондацијата „Еберт“ покажа дека на Балканот девојчињата не се заинтересирани за десницата и за екстремните групи, додека момчињата го сакаат нацифашизмот. Истражувачите биле непријатно изненадени. Фактите се тука, толкување нема
Фондацијата „Еберт“ направи истражување на територија на Балканските земји за политичките ставови на младите. Објавените резултати од словенечкото истражување се повеќе од загрижувачки. Се однесуваат на 600 испитаници, што е стандарден број за такви истражувања, но тоа не буди надеж.
Младите се позаинтересирани за политика отколку пред шест години (2018) и истовремено е забележливо дека повеќето се заинтересирани за екстремната десница. Разликата е особено изразена помеѓу девојките и момчињата (испитаниците се помеѓу 14 и 19 години) – девојчињата не се заинтересирани за десницата и за екстремните групи, додека момчињата го сакаат нацифашизмот. Истражувачите биле непријатно изненадени. Фактите се тука, толкување нема. Можеме да шпекулираме и анализираме, но она што е најнепријатно е дека одговорите бодат очи, што толкувањето може да биде излишно и што изгледа дека воопшто не е локално.
Основна е патријархизацијата на опшеството. Со сите приказни за кутрите мажи на кои жените им земаат сè, преку реалните податоци за женската застапеност во земјоделието, до зголемување на бројот на жените во политиката, патријархатот замавна преку сите замислени граници. Се водат војни во Европа, близу Европа, воздухот мириса на крв, а патријархатот во тие услови секогаш растел.
Словенија е на врвот на листата на земјите по еднаквост на родовите, но сепак се појавува разлика кога станува збор за пензиите: тоа е само еден доказ дека патријархатот освен во просторот на репрезентација, делува и капиларно, на илјада начини, по скриени конвенции, од семејството до владата.
Момчињата кои стрелаат, млади мажи кои се малку или малку повеќе ментално заостанати, без било какви критериуми и ориентација, покажуваат дека постои ланец на негативно образование од јасли до матура. Го обликува стихијно, општеството во кое семејството и училиштата се покоруваат наместо да се спротиставуваат. Посредно, таквата власт на патријархатот го докажуваат жените кои се прилагодуваат на најгротескните начини: единствено што нема на тој пазар е бунтовност.
Патријархалното општество е без паметење за случајно да не се појават одговорности: затоа се слави замислена историја, чија наративна основа е совршено прилагодена на инфантилноста на тие што веруваат. Во примерот на младите, таа основа само ја покрива хормонската активност. Во споредба со неартикулираните потреби на момчињата да се изразат преку насилство, нивните желби се потполна спротивност: младиот маж сака стан, работа, пари и фамилија. Како помеѓу црните маици, избричените глави, тетовираните екстремитети и од друга страна уредените странови нема мост, пат, премин, ништо. Момчето се зачленува, некое време се дере и тепа и потоа како награда добива гнездо со домаќинка. Во тоа се открива закржлавеноста на мисловниот апарат, одамна напуштен во воспитниот процес.
Одговорот на младите мажи јасно покажува дека нема ниедно достигнување за еднаквоста кое денес не е непосредно повторно изложено на напад и укинување. И од друга страна, постои стравот дека девојчињата кои нема да бидат во истата хормонална хорда, можеби и не се подготвени на борбата која би требало да ја водат. Нив, всушност им претстои борбата за мир, најтешката од сите.
Од искуство знаеме дека се води на секоја педа од секојдневието, дека е опасна и дека бара извонредна практична интелигенција и постојано внимание – накратко – е исцрпувачка. Друго прашање е, колку е воздржаноста на девојчињата гаранција дека тоа ќе го сакаат и можат. Ништо од тоа не може да се објасни „природно“: девојчињата од истиот воспитен систем извлекле сосема различни поуки и препораки затоа што многу рано ги почувствувале методите на патријархатот. Можеби и поради тоа се и поподготвени да се спротивстават. Можеби…
Триесет години по падот на социјализмот, другите и југословенското, доаѓаат генерации кои се спремни да бидат топовско месо и краткорочно тело на нацифашизмот. Во својата стеснета општествена рамка, денес познавам неспоредливо многу повеќе различни млади од сите соеви отколку тогаш кога се извлекував од мојата ларва на младоста и ги гледав младите околу мене: да се биде слободен, одговорен и паметен денес е одлика на младинската авангарда, која станува прва жртва на двете страни – општеството од кое се извлекле, и избраните производи на тоа општество на кои им пречат. А статистиката во безнадежна доба е можеби веќе само спомен.