Изјава на министерката за одбрана од која произлегува дека таа не гледа никаков проблем во вработувањата на блиски роднини на функционерите од власта во државни институции и јавни претпријатија, е недоследна во однос на ставовите кои застапуваше нејзината партија додека беше во опозиција
ОЛИВЕРА ВОЈНОВСКА
Во емисијата „Топ Тема“ на телевизија „Телма“ министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, меѓу другото, даде и една изјава поврзана со обвинувањата за непотизам упатени на сметка на актуелната власт, која ја сметаме за недоследна. Според тоа што го кажа Шеќеринска, критиките за вработувања по роднинска или пријателска линија немаат основа. Одговарајќи на прашањето на новинарот дали пораката „ќе не биде“, е упатена до владините функционери да си ги вработуваат блиските, бидејќи „животот“ не дошол за сите туку само за власта, таа рече:
Не сакам убавата вест (потпишувањето на протоколот за членство во НАТО, н.з.) да ја третираме како дел од овие дебати. Јас сум спремна и за тие да дискутирам, не за 30 секунди, ќе се согласите. Меѓутоа кога ќе ми најдете држава со два милиони во кои што семејствата на сите некако ќе исчезнат и нема да се дискутира, јас ќе ви кажам браво!
[Извор: Топ Тема на ваша страна, Радмила Шеќеринска, датум: 06.02.2019]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ваквата изјава на министерката за одбрана и заменик-претседател на СДСМ, Радмила Шеќеринска, од која произлегува дека таа не гледа никаков проблем во вработувањата на блиски роднини на функционерите од власта во државни институции и јавни претпријатија, бидејќи Македонија е мала земја и сите, нели, имаат многу роднини и пријатели, е недоследна во однос на ставовите кои застапуваше нејзината партија додека беше во опозиција.
Во периодот од 2006 до 2017 година социјалдемократите жестоко ја критикуваа тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ за непотизам. Тука ќе потсетиме само на неколку примери кога СДСМ обвинуваше за вработувања во државна служба по роднинско-партиска линија.
Во јули 2007 година СДСМ остро ја критикуваше тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска дека си го вработила момчето во Кабинетот на премиерот. Интересно е што и одговорот на Јанкуловска, даден во тоа време, е на линија со сегашните ставови на Шеќеринска.
Имено, и Јанкуловска и Шеќеринска од позиција на власт сметаат дека родниднските врски со функционерите не смеат да се бидат ограничувачки фактор при вработувањето на нивните блиски. Па така, Јанкуловска, тогаш за вработувањето на нејзиното момче кажа:
Сметам дека е во ред што конкурирал, затоа што личностите од опкружувањето на политичарите не смеат да бидат дискриминирани, особено кога се работи за луѓе кои ги исполнуваат условите, имаат соодветно ниво на образование, квалитет и искуство… Блискоста или сродството со некој политичар или јавен функционер не смее да биде основ за функционирање, сè додека постои систем на вредности и правно издржана процедура, како што тоа е во овој случај. Воопшто не се работи за непотизам, јас веќе зборував за тоа. Се работи за строго утврден законски систем кој беспрекорно е испочитуван.
Во истиот период (јули 2007 година) СДСМ го обвинитогашниот министер за финансии, Трајко Славески, за непотизам. Социјајлдемократите тврдеа дека „Славески ја вработил ќерката во Агенцијата за странски инвестиции како приправник за економски работи и од антикорупционерите бараа преиспитување на сите вработувања на момчињата, сопрузите, ќерките и пријателите на владините функционери“.
Очигледно е дека единствената препорака на Славевска во однос на другите кандидати е тоа што е ќерка на актуелниот министер за финансии, изјави тогаш социјалдемократот Дамјан Манчевски
Од тогашната Влада имаше експресен демант: „Такво лице какво што беше посочено во изјавата нема формирано работен однос во Агенцијата за привлекување на странски инвестиции“. А од Агенцијата за странски инвестиции одговорија дека „ќерката на Славески е само волонтер, за што не зема плата“.
Во април 2011 година СДСМ oбвини дека тогашната владејачка партија (ВМРО-ДПМНЕ) во администрацијата и судството вдомува партиски кадри и блиски роднини на истакнатии членови на ВМРО-ДПМНЕ. Социјлдемократите, повикувајќи се на документ од Агенцијата за вработување, тврдеа дека во МВР, без оглас и без потребните квалификации, бил вработен роднина на сопругата на тогашниот премиер Никола Груевски.
На 17 септември 2013 година, тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер на РМ, Зоран Заев, го прашаГруевски дали е непотизам назначувањето на неговиот прв братучед Сашо Мијалков за директор на УБК.
И во август 2015 година СДСМ обвини за непотизам и роднински вработувања во државните институции, а како пример посочи членови од семејството на пратеничката од Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ана Лашкоска.
Еден месец подоцна (септември 2015) СДСМ обвини за непотизам во ООУ „ Илинден“ во Крива Паланка, тврдејќи дека директорот си ја вработил сопругата.
На 16 јануари 2016 година од СДСМ ја обвинија директорката на Платежната агенција дека си го вработила братот во агенцијата.
Но, наспроти ваквите погледи на социјалдемократите од времето кога беа во опозиција, сега од позиција на власт за заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, се сосема нормална појава вработувањата на блиски луѓе на актуелните фунционери, „бидејќи сме мала држава и сите сме роднини!“
Во одбрана на својата „теза“ министерката посочи и сопствен пример, нагласувајќи дека следејќи ја седницата за избор на членови на Антикорупциската комисија во Собранието на РМ дознала оти една кандидатка е во роднинска врска со неа.
Вчера, на пример, дознав од прашање на една ваша колешка дека сум имала некоја си роднина, која, патем речено, не сум ја знаела, која конкурирала за Антикорупциска. Еве, ќе ви кажам мој пример, мојата почината баба има 40 први братучеди, мојот починат дедо има 38 први братучеди. Своите втори и сите трети не ги познавам. (Шекеринска)
Изјавата на Шекеринска, која ја оценуваме за недоследна, всушност е одговор на обвинувањата на јавноста дека функционери од власта ги злоупотребуваат моќта и влијанието за да ги вработат своите блиски роднини во државните институции. А, како конкретни примери за непотизам, во интервјуто на „Телма“ беа посочени последните случаи со вработувањето на сестрата на министерот за економија, Кресник Бектеши во МЕПСО и ќерката на исклучената пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова во Фондот за иновации.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери. Опремата е на Глобус