До сега имаше три обиди за нарушување на утврдените „протоколи“ за работата на ова тело кое нема едноставна задача. Дека таа задача не е едноставна покажува и искуството од работата на слично француско-германско тело во изминатите половина век, кое требаше да ги елиминира од учебниците во двете земји елементите кои го лимитираат пријателството, кое е означено како политичка цел на лидерите на земјите
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов на Скопје по повод овој Илинден не остави пријатен впечаток во ушите на домаќините. Домаќинот Заев секако мораше да голтне уште кнедла од многуте во последните години, за атер на сочувување на придобивките во развој на односите во регионот. Секако дека и присуство на македонскиот премиер во подигнување (обновување) на споменикот на познат бугарски офицер од време на балканските војни (Константин Карванлиев) не беше ама баш во никаков интерс за македонскиот народ, освен како она правековно – „покој на мртвите“.
Поважен момент од одбележувањето на Илинден, покрај сите оние наши интерни повторувачки нагрдувања на празникот, е не многу дипломатски срочениот календар на настани во кој треба да се вклопи постоечката македонско-бугарска комисија или да речеме појасно: даде ултиматум дека прашањето со Гоце Делчев и неговото „идентификување“ мора да се расчисти пред октомври и – квит. Ова со терминот секако е детал кој кај нас го засилува чувството на уценетост, бидејќи, тогаш телата на ЕУ ќе мора да дадат зелено светло за отпочнување на преговорите за влез на земјава во Унијата. Иако Борисов се обиде да излезе од позицијата на уценувач (демек не можел да замисли тој да биде против соседот) во тој реторички „дамин гамбит“ остана пораката… „ама ако морам“, која не се изговори, ама лесно се свати.
Како по команда Ангел Димитров, претседателот на бугарската страна во Комисијата за историски прашања, ги повика македонските историчари на вонредна средба кон крајот на август на која би се разговарало за ликот и делото на Гоце Делчев. За бугарското национално радио Димитров вели дека бугарската страна и до сега барала почести средби на заедничкатата комисија, но македонските претставници сметале дека 6 средби на годишно ниво се доволни.
„ Денеска ќе ги поканам колегите на средба, на место на кое тие ќе го одберат, ако сакаат може и на некое одморалиште во Бугарија, да се сретнеме кон крајот на август за да си ја олесниме работата за во септемвери. Повеќепати сме барале нашите средби да бидат почести и поинтензивни, но нашите колеги смеатаат дека шест средби во годината се доволни“ изјави Димитров за бугарското државно радио.
Македонските членови во заедничката комисија за историја го одбија предлогот од Бугарија кон крајот на август да се одржи вонредна средба за Гоце Делчев, пред состанокот закажан во септемврти.
„Лично тој повик го доживеав како повик за двобој да избереме место и време и да се соочиме – тоа е контрапродуктивно. Како да сме во перманентна битка која треба да се заврши и некој да ја добие битката, а не како да се работи за академски процес“ вели Драги Ѓорѓиев – претседател на македонската историска комисија, за ТВ 24.
Ѓорѓиев додава дека „ако се инсистира на идентитетот на Гоце Делчев нема да се најде решение“.
Тој исто така наведува дека поголем број од членовите се на одмор. И тој истакна дека од 15 август ќе замине на одмор – ова е секако време за такво нешто.
За волја на вистината ова е трет обид на бугарската страна во комисијата за сторија за испревртување на утврдениот редослед и форма на разговор за проблемите кои се тема на дијалогот. Еднаш во Скопје, кога во работата ненадејно „се вклучила“ и бугарската министерка за надворешни работи Захариева, но тогаш овој „упад“ и обид државата да и диктира на науката како таа да работи го спречил македонскиот министер Никола Димитров, кој дошол на местото на „настанот“ и кој и покажал на колешката од Софија дека нивото и ингеренциите на обајцата се од другата страна на вратата.
Вториот пат имаше обид на Ангел Димитров и колегите без најавен дневен ред да го вметнат прашањето на идентитетот на Гоце Делчев во редовна работа на телото. Ова беше одбиено од македонската страна бидејќи еднаш прифатениот редослед на прашања кои се заедничка тема, треба да се држи до својот веќе корисен колосек. Одново се доби впечаток дека постои некаква тактичка цел на бугарската делегација, зад која стојат крупните политички интереси на Софија преку ликот на Делчев да го решат клучното прашање на „најромантичниот дел од својата историја“. Колку за нив, верувам, после поволното завршување на оваа дилема (нели, што побрзо, тоа подобро енивната тактика) комисијата може и да се распушти.
„Работите за Гоце Делчев за бугарската историска наука е јасен. Историчарите нема да кажат кој е Гоце Делчев, туку тиe само можат да го потврдат или негират тоа што тој го кажал за себе, за своето семејство, за околината во која работел, за кои интереси работел за кои и загинал.Разликите по ова се фундаментални“ рече во една прилика и самиот Ангел Димитров
Претседателот на македонската делегација во комисијата Драги Ѓорѓиев вели дека за да може да се најде компромис за Делчев не треба да се инситира на неговиот идентитет, туку да се потенцира значењето што го има Делчев за двата народа.
Од каде на Софија и треба да диктира брзина во разрешувањето на тешкии ниту малку едноставни прашања? Дали тие треба пред се да бидат правични и точни или едноставно да се фаќана брзина?
Во една тв дебата професорот Фрчкоски потсети на тоа дека кога Францијан и тогаш Западна Германија ја започнаа реализацијата за меѓусебно зближување, како еден од основите за формирање на идната Европска унија, се формирало слично тело кое еве и после половина век постои ама не е многу далеку од својот почеток! Задача на телото било да создаде заедничка историја која нема да ги буди заспаните митови и моменти од темното минато на двата народи.
Писателката Кица Колбе, која е дел од сличната македонско-грчка комисија а која живее во Германија, не потсетува во една колумна дека „уште 1930-тата имаше идеја за заеднички француско-германски учебник по историја, но таа никогаш не се реализираше. Дури 1963-та, кога во Елизејската палата во Париз беше потпишан француско-германскиот договор за соработка и пријателство, вистински започна процесот на помирување на двата народа“. Акцентот бил ставен на најмладите, оние кои немаат лузни од минатото, па била формирана и француско -германската младинска организација (на германски, Jugendwerk), која имала за цел да ги поврзе во интензивна соработка младите од двете земји. Оваа организација се покажа како најуспешната форма за соработката помеѓу Франција и Германија, тврди Колбе. Во 2003-та младинската организација во Берлин формирала „Француско-германски младински парламент“. Со тоа младите Французи и Германци свечено потсетиле на четирите децении од потпишувањето на договорот за мир и соработка на нивните земји. Тие објавија резолуција, во која побараа од двете влади да се отпечати учебник по историја со идентична содржина, за да се надминат стереотипите и разликите во националната рецепција на одредени периоди и личности од заедничката историја. Патем, резолуцијата во целост ги отсликува целите и заложбите на комисиите за ревизија на учебниците во сиот долг период на преговорите помеѓу Франција и Германија. Германскиот канцелар и францускиот претседател изразија поддршка на барањето на младите. Во Франција за печатењето на учебниците одлучува министерот за образование. Во Германија, пак, тоа е надлежност на покраинските влади. „Тие не се сложија веднаш со барањето на младите. Но, официјалниот претставник за германско-француската соработка, премиерот на покраината Сар, Петер Милер, ја поддржа иницијативата. Нему му појде од рака да ги увери членовите на постојаната конференција на министрите за образование“.
Кица Колбе пишува дека ентузијазмот и брзото темпо со кое се реализираше проектот произлезе од силната симболична функција која ја имаше овој учебник. Секако, при изготвувањето на учебникот имало и разлики во мислењата. Особено во однос на некои поими од историскиот и политички дискурс (држава, нација, култура, религија) кои во двете земји различно се толкуваат. Онаму каде што разликите останале ненадминати, на проблемот беше укажано со посебно објаснување во учебникот. Особено преводот на истите поими во двата јазика бараше такви додатни толкувања. И покрај бинационалниот карактер на учебниците, сѐ уште има и критика на одредени точки. Но, тоа само покажува дека таквите заеднички проекти имаат смисла како постојана и интензивна размена на мислења.
Мора да забележиме дека и споменатите помрднување од мртва точка се случуваат дури 40 години после иницијативите и дека разлики се уште ги има.
Но, како што вели Колбе, „идејата за ревизија на учебниците како средство за долгорочно спречување на воените конфликти не е измислица на ЕУ, како што сакаат да веруваат противниците на Преспанскиот договор во Македонија. Ниту пак ревизијата на учебниците значи ’бришење’ на историјата на еден народ. Ревизијата, всушност, значи ’деконтаминација’ на историските содржини од националистичката политичка идеологија.
Секако доаѓаме до суштината на процесот кој треба да го иницира и заедничката македонско-бугарска комисија за историја. При тоа бугарската страна треба да биде поблиска со европската филозофија која стои зад ваквите процеси а која не дозволи брзината во решавањето на ова прашање со децении да го спречува развојот и растот на Унијата. Ако ништо друго таа е нели членка на Унијата и не би стигнала до таа точка ако некој германски или француски Ангел Димитров постоел во далечната 1963 година.