ЃОРЃИ СПАСОВ
Србија е скандализирана од ослободувањето на осомничените за убиството на новинарот Славко Ќурувија. Во Македонија многу истакнати фигури од претходниот режим си обезбедија неказнивост за себе
Србија е деновиве скандализирана. По судскиот процес, кој траеше цели 25 години, против осомничените за убиството на новинарот Славко Ќурувија, убиен пред прагот од неговиот стан во Белград во 1999 година, судот донесе конечна одлука за нивно ослободување од вина заради „недоволно докази“.
Обвинети и осудени во претходна постапка беа началник и соработници на службата за државна безбедност на Белград од времето на Слободан Милошевиќ, за кои четвртина век во судскиот процес кој траеше, беа изнесувани бројни докази дека новинарот Славко Ќурувија како политички противник на Слободан Милошевиќ и на неговата сопруга Мира Марковиќ, бил следен и брутално ликвидиран од службата на Милошевиќ, само еден ден по неговиот состанок со Мира Марковиќ на која Ќурувија, според негова изјава, ѝ рекол дека таа и Милошевиќ ќе завршат како Николае Чаушеску и неговата сопруга во Романија.
Опозициските медиуми во Србија денес потсетуваат на тоа дека со овој чин на ослободување од вина на убијците на новинарот Ќурувија се докажува дека и натаму „Мафијата не убива на Велигден, но државата убива секогаш„ затоа што Ќурувија беше застрелан токму на Велигден 1999 година пред неговиот дом, во 17 часот со 17 куршуми испукани во неговиот грб“.
Таквата судбина на политички нарачани убиства во Србија од Милошевиќ го снајде и потенцијалниот противкандидат на Милошевиќ за претседател на Србија, Иван Стамболиќ, кој исчезна во 2000 година и беше пронајде мртов и закопан на Фрушка Гора дури во 2003 година. Претходно се спаси од смрт подготвувана во два обида од Единицата за специјални операции на тогашното Министерство за внатрешни работи предводена од Милорад Улемек-Легија, водачот на Движењето за Србија, Вук Дршковиќ. Но, премиерот Зоран Ѓинѓиќ не се спаси од политички нарачаните убиства, кој во 2003 година од истата единица на Легија, сѐ уште верна на режимот на Милошевиќ го ликвидира на најбрутален начин.
Либералната јавноста во Србија се прашува деновиве дали службите кои извршувале и извршуваат убиства „за потребите на државата“ и денес се под нејзина заштита, иако јавно се осудуваат ваквите ослободителени пресуди и лично од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој во времето на Слободан Милошевиќ во 1998 година односно, една година пред убиството на Ќурувија, беше министер за информирање во тогашната влада на Србија.
Голем број опозициски новинари и медиуми во Србија и денес се мета на смртни закани од страна на подржувачи на власта и реално стравуваат од она што му се случи на опозиционерот на Вучиќ во Косово, Оливер Ивановиќ, кој беше застрелан пред неговата канцеларија во Косовска Митровица во јануари 2018 година и чие убиство сѐ уште не е расветлено.
Сето ова, како соседи на Србија и независна држва, ние би можеле да го гледаме од „безбедна дистанца“ без да се мешаме во нејзините „внатрешни работи“.
Но, дали е баш така?
Што станува со нерасветлените убиства и атентати во Македонија?
Еден од нив беше атентатот врз претседателот Глиговор во 1995 година, за кој не се дозна ниту кој го порачал ниту кој го извршил, а ниту се водеше некоја сериозна постапка за откривање на сторителите и нивно изведување пред суд.
Во својата најнова книга под наслов „Епидемија на лагата“ Петар Гошев потсетува на средбата меѓу Милошевиќ и Глигоров на 2 октомври 1995 година во Белград. Според негови информации и цитирајќи го професорот Владо Поповски, Гошев наведува дека таа средба според зборовите на Глигоров поминала прилично „тензично“. Милошевиќ сметал дека Глигоров не ги исполнува очекувањата на Србија од него и барал Македонија и Србија да формираат веднаш царинска унија, со што Глигоров не се согласил и рекол дека Македонија ќе бара членство во ЕУ.
Утредената на 3 октомври беше извршен атентатот врз претседателот Глигоров, што многу потсетува на подоцнежната ликвидацијата од страна на специјалните сили на Милошевиќ на новинарот Ќурувија,извршена само еден ден по неговата средба со сопругата на Милошевиќ, Мира Марковиќ.
„Да имавме безбедносни служби какви што требало да имаме, да сакаа да ги пронајдат организаторите, налогодавачите и извршителите“ на атентатот врз Глигоров од 1995 година – вели Гошев – сигурно подобро ќе ја анализираа релацијата Глигоров- Милошевиќ, наместо да нѐ упатуваат кон планината Рила и контраверзната компанија ‘Мултигруп’ од Бугарија замајувајќи ја јавноста“.
По доаѓањето на Груевски на власт во Македонија во 2006 година, исто така се случија низа неразјаснети убиства и обиди за убиства. Непослушните медиуми и новинари беа исто така предмет на класичен политички прогон.
Нервозата на режимот на Груевски започна пред изборите во 2011 година кога тој реши да се пресмета со непослушната телевизија А1 која реално во 2006 година му помогна да дојде на власт. Во декември 2010 година Груевски ги прати специјалните сили да влезат во телевизијата А1, да ја затворат и да го обвинат сопственикот Велија Рамковски и неговото семејство за криминал.
Имајќи го под своја команда целиот судско-полициски систем тој ја затвори опозициската телевизија, а сопственикот Велија Рамковски, семејството и соработниците ги осуди на заедничка казна од речи си 100 години.
Откако на вонредните парламентарни избори во 2011 година не постигна успех како што очекуваше тој го продолжи притисокот врз медиумите.
Со експлозив најпрво го урна комлексот „Космос“ со обвинение дека е дивоградба за да му покаже на блискиот пријател на Велија Рамковски дека не смеел со неговата Партија за европска иднина да премине на другата страна од линијата што му ја нацртал.
Во март 2013 година во чудни околности загина еден од најжестоките опозициски нивинари и китичари на режимот на Груевски, Никола Младенов. Загина во сообраќајка возејќи сам во својот авомобил на враќање од Велес кон Скопје без никој да дознае како, зошто и во какви околности. Тоа многу потсетува на обидот за атентат врз Вук Драшковиќ на Ибарската магистрала.
Истрагата беше преку ноќ завршена, случајот беше прогласен за собраќајна незгода и не беше препорачливо да се поставуваат многу дополнителни прашања.
Еден од новинарите, кој се обиде дополнително да истражува и да укажува на слабостите од истрагата, и самиот истажувачки новинар, Томислав Кежаровски, беше уапасен од специјалната полиција во текот на ноќта пред неговото семејство и осуден на 4 и пол години затвор заради тоа што „открил идентитет на заштитен сведок“ во статија објавена во 2008 година. Откако одлежа две и пол години во затвор на едно од последните судења обвинителот објави дека делото е застарено.
Бизнисмени блиски до Груевки за негова потреба и цел ги купија и ги ставија во негова служба сите весниците „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, „Вечер“ го купи бизнисменот близок до него, Бојо Андревски, а „Нова Македонија“ бизнисменот со голема улога во градењето на „Скопје 2014“, Минчо Јорданов.
Во септември 2013 година, дотогаш блиската до опозицијата ТВ Алфа на сопственикот Штерјо Наков од компанијта Фершпед доби нов газда. Ја купи Веселин Јевросимовиќ од Србија по што таа телевизија стана отворен подржувач на режимот на Груевски. По 2017 сопственик на таа телевизија стана некој си Петер Шац од Будимпешта заедно со Горан Балиќ од Земун и води главно политика за подршка на ВМРО-ДПМНЕ и враќање на Груевски кој избега во Унгарија и живее во Будимпешта.
Откако полициските сили на 24 декември 2012 година влегоа во собраниската сала кај што се одржуваше седница на парламентот и со сила ги исфрлија прво новинарите од галеријата, а потоа опозициските пратеници од собраниската сала, со цел да се изгласа беџетот за наредната година и задолжувањето на земјата со кредити, на режимот на Груевски му беше лесно да оствари голема победа на локалните избори во март 2013 година и на предвремените парламентарни во 2014 година.
Службите на полицијата, судската фела под контрола на Груевски и медиумите контролираа сѐ во земјата.
Народот можеше да се контролира со стравот од нова војна и дестабилизација и затоа беше оправдана борбата против надворешниот непријател и внатрешниот, кој требаше да се лустрира и политички елиминира, според нарачки и измислени причини.
Кога во 2015 година, Зоран Заев почна да ги објавува нелегално прислушуваните разговори, стана јасно колкава моќ имала тајната полиција во целосната контрола на животот на граѓаните. Заев под итно беше осуден за клевета на Грувески и, како и на Црвенковски, режимот му се закани со обвинение и осуда за организирање на државен пуч.
Во 2016 еден од заштитените сведоци на СЈО и важен дел од мрежата на режимот, Коста Крпач, беше пронајден мртов во својот стан во центарот на Скопје. Неговата смрт беше загадочна, полицијата велеше дека се самоубил со истрел во градниот кош. Никогаш не се дозна што навистина се случило – дали Крпач си пукал врз себеси или бил убиен.
Покрај сѐ што дозна јавноста од нелегално прислушуваните разговори дури и на самите министри, режимот и неговите подржувачи, а особено неговите главни финансиери, не можеа да се помират со губење на власта на изборите.
Клучните цели на клучните луѓе на поранешниот режим им беа: обезбедување бегство, уривање на Специјалното јавно обвинителство и обезбедување медиумска подршка за себе
Беше организиран напад и влез на „албански терористи“ на границита со Косово кои наводно малтретирале наши граничари и им го земале оружјето. Но, откако се виде дека тоа недоволно го плаши народот од војна тогаш група од албански терористи извршија напад врз полицијата во Дивата населба кај Куманово каде загинаа осум полицајци и десет припадници на вооружената група. Иако 33 припадници од вооружената група беа осудени во 2017 година на догогодишни казни затвор, остана нејасно кој ја планираал таа бесмислена акција и со каква цел биле жртвувани полицајците, но и лицата од вооружената група.
Последниот обид на службите под команда на Груевски да се спречи промената на власта по изборите во 2017 година беше „упадот на народот“ во Собранието по изборот на Талат Џафери за претседател. За време на тој упад требаше да биде убиен идниот премиер и виновникот за падот на Груевски (Зоран Заев) и уште неколку негови соработници можеби со цел претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да прогласи вонредна или воена состојба по што службите би останале единствената власт во земјата.
Откако тоа не успеа, и по цели пет месеци од одржувањето на изборите се формира нова влада. Службите на Груевски и неговите олигарси преминаа на планот „смалување на штетата“. Клучните цели им беа: обезбедување бегство, уривање на Специјалното јавно обвинителство и обезбедување медиумска подршка за себе.
Сите задачи беа добро извршени.
Игор Спасов кој го уби Мартин Нешкоски и заради што беше осуден на 14 години затвор побегна во Турција, главните разузнавачи во тајната полиција, Никола Бошковски и Горан Грујевски, кои го организирале нелегалното прислушување, а потоа и го уништувале доказниот материјал, побегнаа во Грција а главниот шеф на службите Никола Груевски побегна во Унгарија и стана недостапен за правдата.
Важни бизнисмени и подржувачи на Груевски беа задолжени за подривање и по можност уништување на Специјалното јавно обвинителство и на новооснованата телевизија на Бојан Јовановски. Со отворено нудење и давање мито за добивање противуслуги од нив, во специјално подготвена и снимена операција од службите, кое тие подоцна ќе го прикажат како изнудување и злоупотреба, ќе доведат до апсење на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и до нејзина осуда на долгогодишен затвор, како и до осуда и затворање на телевизјата и на нејзиниот сопстевник Бојан Јовановски познат како Боки 13.
Со тоа се обезвреднија сите напори и сите докази на Специјалното јавно обвинителство, а процесите се одложија во недоглед.
Така осилени и подржани од медиуми и новинари финансирани од нивните олигарси, со свои инсталации во судството од времето кога судии се бираа од тефтерчето на Гордана Јанкулоска, успеваат речиси сите судски процеси против нив да ги одложуваат до бесконечност, дури до нивното застарување.
Со тоа не само што успеваат да си обезбедат неказнивост за себе, туку и да го убедат народот дека новата власт е неспособна, не ја обезбедила ветената правда, поради што тие треба одново да се вратат на власт и да докажуваат како треба да се води земјата и како во неа може да се обезбеди правда.
Понекогаш за жал, приказната за службите кои ги извршуваат гнасните работи личи на параноја и правдање за неспособноста на новата власт. Има делумна вистина во тоа. И факт е дека и премиерот на Србија, Зоран Ѓинѓиќ, наместо да ги распушти и да им ја одземе силата на тие служби во Србија од времето на Милошевиќ, се обиде да ги припитомува и превоспитува. Но, за жал, заврши како нивна жртва и со обвинување дека самиот е виновен што режимот на Милошевиќ се врати на власт во Србија.
Можеби ние можевме да извлечиме поука од тоа. Но, не сум сигурен дека успеавме.
(nezavisen.mk)