На средба меѓу синдикатот на комуналното претпријатие и двајца градоначалници на скопски општини на крајот на мај е планирана операцијата на задушувањето на Скопје со смет
Независната советничка во Град Скопје, Ирена Витина, упати обвинувања до поединци од ВМРО-ДПМНЕ поради блокадата и бунтот во ЈП „Комунална хигиена“ и хаосот што настана со ѓубрето во Скопје.
На вонредната седница во Советот на Град Скопје посветена на состојбите во „Комунална“, Витина рече дека граѓаните треба да ја знаат вистината оти се прават сценарија, се организираат групи да блокираат за некој да се претставува како спасител.
„На 23 мај, директорката Косана Мазнева подели откази на вработени кои не доаѓале на работа, а тоа е право на секој директор. На 25 мај се случува средба на една група во којашто главните дејанија ги имаат Дарлишта – претседател на сидникална организација и еден градоначалник на општина Бутел кој е сопартиец и братучед на еден спасител на Градот Скопје, градоначалник во една друга општина, добар инфлуенсер од Кисела Вода“, рече Витина посочувајќи дека на таа средба бил договорен планот да се блокира претпријатието.
Витина застана во одбрана на Мазнева, велејќи дека директорката макотрпно работи и се бори со опструкции, остварувајќи го своето легитимно право како прв човек на институцијата да води сметка кој доаѓа, а кој не доаѓа на работа. Советничката тврди дека на протестите пред Јавното претпријатие викендов имало и членови на ВМРО-ДПМНЕ кои не се вработени таму.
„Тоа беше киднапирано претпријатие само за да не може да функционира. За некој да биде прогласен за неспособен и неодговорен. На кого е опозиција ВМРО-ДПМНЕ на Данела Арсовска или на Владата? Ова е класичен дефокус, класично замајување и држење во кондииција на членството“, рече таа.
Почитувани мои скопјани ќе ми простите, но морам да ги поздравам моите почитувани членови на ВМРО-ДПМНЕ. Да водите политика секојдневно да излегувате на пресови да вадите криминали да ја замајувате јавноста и да го замајувавате сопственото членство, да играте на најдлабоките патриотски чувства на членовите на ВМРО-ДПМНЕ како се грижите за државата и како се борите против криминалот и корупцијата, а со тие исти луѓе да си пиете кафе да правите седенки на кои што планирате како овие кои што не можете да ги контролирате кои што се обидуваат да направат чекори во кои што јавните претпријатија ги доведуваат во ред. Директорката на КХС макотрпно работи се бори со опструкции, жена е, кој од здруженијата за жени излезе во заштита како жена? Легитимно право е на секој директор да води сметка кој доаѓа и кој не доаѓа на работа, наместо најголема поддршка да и даде полни усти ни се полни со Европа. Во звештаите од ЕК најлоша ставка е јавната администрација, нејзината пренатрупаност и нејзината неефикасност. Како ќе ја направиме Европска држава Македонија ако овие директори кои се обидуваат и борат да воспостават ред да наградат вработени кои работат, а да да дадат отказ на тие што не работат. Ете затоа почитувани граѓани Градот Скопје е во ваква состојба, додаде Витина
Ирена Витина, советничка во Град Скопје делуваше како дел од координативната група на ВМРО-ДПМНЕ, но од неодамна дејствува како самостојна. Зошто е тоа така, откри во 10МИНУТИ на ТВ21.
„Ова е мој втор мандат во Град Скопје, и дел како тогашната опозициска група во ВМРО-ДПМНЕ активно се борев за состојби кои сметав дека не се во ред. И сега не можам да се соочам да бидам на страната на тие постапки против кои јас сум се борела. Јас не се согласувам со некои одлуки. Во минатиот состав со конзензус ги носевме одлуките. Заеднички се договоравме со гласање како ќе настапиме на Совет. За жал демократскиот капацитет во групата која припаѓав, наместо да се зголемува, се уназадува, и одлуките се диригирани на координаторот на советничката група, со кои јас не се согласувам“, рече Витина.
На седницата не присуствуваше градоначалничката Арсовска и директорката на „КОмунална хигиена“ Мазнева.
Директорката на „Комунална хигиена“ – Скопје, Косана Мазнева, најави санкции за секој што ќе ја опструира работата на претпријатието или за секој што ќе греши пред законот по неколкудневниот хаос со сметот во главниот град.
Во разговор за „Макфакс“ таа вели дека не може да сфати како може некој да се охрабри да не доаѓа на работа со години и да го опструира целиот работен процес, а притоа постојано да работи во трета смена, која, како што напомена, носи извесни придобивки.
„Како може некој да се охрабри да не доаѓа на работа и со години да опструира еден цел работен процес зашто му текнало дека триесет години е постојано во трета смена и тие замислил дека во трета смена можат цел живот да работат. Третата смена да им ја предадат на своите синови, на своите деца, на своите внуци, фамилијарно. По што е таа трета смена толку многу интересна за да бидат фамилијарно поврзани кланови, да имаат привилегија да бидат 30-40 години само трета смена. Зошто органите на прогонот исто така не се запрашаат што е толку интересно во трета смена. Дали се работи само за 35 % што се добиваат како награда за ноќен труд или има и нешто друго?“, прашува Мазнева.
Не се сеќава дека упатила какви било вербални закани, особено кон Дели Дарлишта како претседател на Синдикатот на „Комунална хигиена“ при СУТКОЗ.
„Не се сеќавам дека сум упатила какви било вербални закани кон претседателот на Синдикатот, кој воедно е и вработено лице во ‘Комунална хигиена’ со години. Притоа ниеднаш не е дојден на работа, освен да пие кафе. Работата е веќе завршена. Сите овие лица што добија отказни решенија веќе другите институции ќе си имаат работа со нив. Поведена е кривична постапка, поделени се отказните решенија, понатаму може да си постапуваат и тие во согласност со законските прописи“, истакнува Мазнева.
Според неа, претпријатието изминатиот период било под опсада.
„Бевме под блокада и јас морав тоа да го спречам. Се работеше за лица што не доаѓаат на работа, не си ги извршуваат работните задачи, го опструираат работниот процес, со тоа ги загрозија и животната средина и јавното здравје, без претходно пријавен каков било штрајк ниту писмено ниту усно, на ниеден начин. Претпријатието беше во заложништво цели 5 дена“, вели Мазнева.
Избрканиот синдикалец од „Комунална хигиена“, Дели Дарлишта, неодамна за „Макфакс“ ги потврди тврдењата дека дел од неговата фамилија е вработена во претпријатието. За него, тоа не е спорно посочувајќи дека сè е законски.
„Ние, вистина, е дека сме големо семејство, но секој своја куќа си има, секој со своите деца си живее. Ние сме со генерации тука, не е дека некој вчера ги вработил луѓето. Имаме луѓе со по 40 години стаж овде што работат“, изјави Дарлишта за „Макфакс“.
Посочи дека нема ништо спорно во овие вработувања.
„Сè е легално во согласност со закон. Секој има право да се вработи. Камо да имавме среќа на друго место да се вработиме, а не во ѓубре. Татковците наши, сите во пензија отидоа од таму. Јас имам 33 години, а има по 40 години што работат тука. Што е спорно?“, додава Дарлишта за „Макфакс“.
Прашан за коментар за изјавата дека мафијашки структури го контролираат претпријатието, теза што беше посочена од Арсовска кога зборуваше за вработувањата на фамилијата, Дарлишта вели: „Гледам мафијаши, ѓубре товараме, а мафијаши. Има право да нè обвинат за сè кога 365 дена работат луѓето, а ни денови за одмор не добиваме. Нека им служи на чест“.
Дели Дарлишта беше на списокот на избркани од „Комунална хигиена“. Тој беше синдикален претставник на вработените. Неофицијално, во четвртокот некои медиуми објавија дека тој бил вработен во меѓувреме во Општина „Бутел“?!