ФАТМИР БЕСИМИ
Согласно студија спроведена од Светската банка во 2017 година, значаен дел од фирмите ја рангираат несоодветно квалификуваната работна сила, како едно од најголемите ограничувања на деловното опкружување. Од суштинско значење е и јакнењето на вештините и продуктивноста на работниците
За една декада стапката на сиромаштијата во земјава е преполовена, додека на екстремната сиромаштија е за три пати намалена. Стапката на невработеност во 2022 година е намалена на 14,4%, од 30,6% пред десет години. Стапката на невработеност кај младите од 15-24 години, исто така е намалена, сепак таа останува висока со 32,5% од вкупно невработените. Стареењето на населението (еден од три граѓани се очекува да бидат постари од 60 години до 2050 година) и емиграцијата претставуваат дополнителни предизвици за продуктивноста. Имајќи го предвид и нискиот наталитет, загубата и на мал број квалификувани работници негативно влијае на севкупниот збир на вештини во економијата.
Согласно студија спроведена од Светската банка во 2017 година, значаен дел од фирмите ја рангираат несоодветно квалификуваната работна сила, како едно од најголемите ограничувања на деловното опкружување. Од суштинско значење е и јакнењето на вештините и продуктивноста на работниците, за да се подобри нивната способност за поддршка на постарото население и да се намали притисокот од иселување, особено кај младите. Родовите, етничките и географските нееднаквости, исто така негативно влијаат на перформансите на пазарот на труд.
Зголемувањето на квалитетот на човечкиот капитал ќе биде од клучно значење за насочување на Република Северна Македонија кон поодржлив и поинклузивен економски раст и развој како и справување со новите предизвици поврзани со продуктивноста, вклученоста на пазарот на трудот и стареењето на населението. Во последната декада квалитетот на човечкиот капитал на Република Северна Македонија е подобрен, согласно Индексот на човечки капитал на Светска банка, сепак тој останува на релативно ниско ниво од 0,56. Тоа значи дека дете родено во Северна Македонија денес, кога ќе порасне ќе искористи само 56% од својата потенцијална продуктивност. За споредба, дете родено во развиените економии ќе достигне 80% од својата продуктивност, додека просекот во ЕУ е 0,75, или 75% од потенцијалната продуктивност.
Стратегија за развој на човечкиот капитал до 2030
Имајќи го сето ова во предвид, Владата во соработка со светска Банка изработи Стратегија за човечки капитал до 2030 година, каде фокус се три клучни и меѓусебно поврзани подрачја – образованието, здравството и социјалната заштита – кои ќе и помогнат на Република Северна Македонија да го зајакне и подобри човечкиот капитал за инклузивен развој. Активностите се темелат на четири стратешки столбови: 1. Подобрување на квалитетот на услугите; 2. Поголем фокус на потребите на ранливите групи на население; 3. Зголемување на расходите за образование, здравство и заштита и поефикасно трошење на средствата и 4. Подобрување на капацитетот за отпорност на секторите на човечки капитал преку искуствата од КОВИД-19 пандемијата.
Агендата за човечки капитал вклучува повеќе институции во Владата, односно Министерството за финансии, кое е во тесна координација на оваа тема со неколку други министерства, како што се Министерството за образование и наука Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика. Сепак, вреди да се напомене дека успехот на Стратегијата зависи од многу поширок ангажман на институции и засегнатите страни, вклучувајќи го и учеството на граѓанското општество и приватниот сектор.
Иако, во вложување на човечки капитал се зема предвид и здравството и социјалната заштита, според дефиницијата кога зборуваме за човечки капитал пред се зборуваме за образованието – градењето на знаење и вештини. Како професор по вокација, секогаш чувствителна тема ми е дискусијата за образованиот систем кај нас и ставањето на квантитетот во функција на квалитетот на учењето. Имено, иако до 18-годишна возраст учениците кај нас завршуваат 11 години предучилишно, основно и средно образование, тие добиваат, квалитет на учење еквивалентен на 7,3 години школување – со речиси 4 години школување изгубени како резултат. Присуството на училиште не значи само по себе учење, додека квалитетната настава е од клучно значење за холистичкиот развој на учениците и нивното учење. Најголемиот потенцијал лежи во подобрувањето на квалитетот на учењето, наместо едноставното зголемување на времетраењето на школувањето.
Кон подобрување на квалитетот на образованието ќе се дејствува преку воспоставувањето на структури како Националната рамка за оценување, нов предлог концепт за матура во средното образование, како и сеопфатна реформа во основното образование преку дигитализација, развој на наставни програми насочени кон потребите на учениците и интердисциплинарен пристап во изучувањето, но и инвестиции во средното стручно образование и задолжително учење преку работа. Некои од главните реформски процеси вклучуваат изготвување на нови формули за финансирање од предучилишно до високо образование, кои вклучуваат мерит-систем, односно елементи на награда на учинок.
Стручноста и квалитетот на наставниот кадар е еднакво важен во процесот, соодветно вложувањето во унапредување на нивните перформанси е од клучно значење. Во рамки на мерките на стратегијата фокус се поставува и на инклузивноста во формалното образование, особено кај ранливите категории.
Како да го намалиме одливот на мозоци и младите од земјава?
Она што е еднакво важно е кога ќе продуцираме квалитетни кадри – истите да ги задржиме во земјава. Во изминатите неколку децении, не само кај нас, туку и во целиот регион, одливот на мозоци и млади е голем предизвик. Така на пример, според статистики на Светската банка, во Босна и Херцеговина дури 50% од населението емигрира од земјата, во Албанија 40%, во Северна Македонија третина од универзитетски едуцираното население живее надвор. Ова се значајни бројки. Заминувањето на едуцираните и обучени кадри се големо фискално оптоварување за земјите, бидејќи се вложувало во нив, а не учествуваат во продуктивноста и креирањето на бруто-домашниот производ.
Инстант решение за овој децениски проблем не постои, но постојат политики со кои може да се дејствува кон негово долгорочно решавање. Развивањето на приватниот сектор и отворање на подобро платени работни места, придружено со реформи во јавниот сектор кои ќе го поддржат е дел од овие политики е дел од тоа решение, исто како и зголемувањето на продуктивноста на високостручните позиции од кои многу се и во јавниот сектор.
Проширувањето и унапредувањето на терцијалното образование и пост-дипломските студии, исто така, може да дадат добри резултати во решавањето на проблемот со заминување на стручни кадри, иако постои мислење дека ова би можело и дополнително да го поттикне одливот. Хрватска и Романија се добри примери каде со континуирано унапредување на терцијалното образование се придонело кон задржување на кадрите во земјата.
Родовата еднаквост е исто така многу важен фактор во овие политики. Имено и, со давање на повеќе можности на жените, кои често се маргинализирани во општеството, може да се задржат високостручните кадри.
Подобрувањето на поврзаноста, на вмрежувањето е добар начин да се искористи дијаспората за економски придобивки на земјата. Покрај дознаките од странство, емигрантите можат да имаат големо влијание за домашната економија преку инвестиции и пренос на повисоки технологии.
Даночните олеснувања и погодностите се меѓу политиките кои би можеле да ги вратат високостручните кадри дома. Со оглед дека нивното враќање во земјата би го поддржало економскиот развој, особено доколку внесат капитал и знаење, дел од земјите се решаваат да го стимулираат нивниот повраток и на овој начин. Сепак, најефикасен долгорочен пристап за спречување на „одливот на мозоци“ од земјата е превенирање тоа воопшто да се случи, односно да им се даде добра причина да останат, како креирање на подобри работни места, повеќе можности и подобар животен стандард.