Но нема ништо невозможно ако веруваш во себе, стравот е најголемата сенка на Ромите во нивните животи

ДЕХРАН МУРАТОВ
Актерот Неџо Осман, по потекло Ром од Македонија со југословенска определба, со живеалиште во Германија, зборува ексклузивно за ЦИВИЛ Медиа за неговиот пат до врвот на актерската кариера, за дискриминацијата, за подемот на десницата, за како е да си Ром во Европа, а како е да си во Македонија, како и за улогата на уметникот и уметноста во политичко-општествените случувања во државата и во светот. Неговото потекло и чувствата, емотивно ги насочува кон социјалните неправди кон луѓето кои се различни. Неговото детство и сите други искуства се неговиот извор и мотив за сето она што го создадва во животот, војдеќи се под животното мото: „Нема ништо невозможно ако веруваш во себе“.
По дипломирањето на Академијата за театар и филм во Нови Сад и играјќи бројни улоги во ромскиот театар „Пралипе“, театарот на КПГТ во Суботица, низ Југославија и Европа, на почетокот на војната се пресели во Германија. Таму продолжи со турбулентниот театарски процес со театарот Пралипе. Заедно со неговата животна сопатничка Нада Кокотовиќ го основаат и раководат театарот ТКО во Келн.
Покрај театарот, тој се занимавал и со новинарство од 2001 до 2014 година како уредник и водител на ромската емисија на Дојче веле. Со години е ангажиран како театарски педагог во различни училишта и проекти. Пишува поезија, неговите книги се објавени во Германија, Турција, Хрватска, Босна и Херцеговина и во неколку антологии.
Што ве натера да го напуштите Скопје?
– Ме натера сонот да станам актер. Почетокот на мојата кариера тргна со неверојатна брзина, спонтано, необично и бајковито. По само три изведби во театарот „Пралипе“, во 1986 година добив понуда да гостувам како актер во Градскиот театар во Суботица. Поканата ја испратија уметничкиот директор Љубиша Ристиќ и Нада Кокотовиќ. Дотогаш играв и гостував во разни југословенски градови и фестивали како член на Пралипе, презентирајќи ги нашите претстави исклучиво на ромски јазик.
Овој пат бев поканет без Пралипe, независно, првпат ромски актер беше поканет на неромски татар и на српски јазик. За мене сето тоа беше огромно достигнување и огромна обврска да се најдам меѓу толку познати југословенски актери кои ги играат главните улоги во истиот театар во Суботица, познат како КПГТ. Режисерката на претставата, Нада Кокотовиќ, ме избра мене да ја играм главната улога на „Отело“ од Вилијам Шекспир. По премиерата, се беше многу поразлично од она што беше пред тоа, на крајот на краиштата, се пишуваше само за Отело, еден од насловите гласеше „Отело, убав како Ром“. По Отело, имаше многу други главни улоги и претстави и станав дел од Суботичкиот театар.
Во меѓувреме, дознав дека најпознатиот југословенски актер Раде Шербеџија ќе стане професор по глума во Академијата во Нови Сад. Решив без размислување да ја искористам приликата да станам актер со диплома како секој друг професионалец, и не само актер во Ромскиот театар и само на ромски јазик. Сето ова ми беше предизвик – да бидеш или да не бидеш, можеш или не можеш?
На приемниот испит се пријавија повеќе од 500 кандидати, а сите сакаа да бидат во класот на Шербеџија. Она што ми е особено важно за приемниот испит, покрај другите актерски вежби, подготвив монолог што го зборував на ромски јазик. Реакцијата на 14-те професори во комисијата беше вкочанета, останаа без зборови, беа импресионирани. Така станав првиот кандидат, студент кој го положи испитот на ромски јазик и бев примен на Академијата. Така станав актер во класот на Раде Шербеџија.
Откако ја одиграв улогата на „Отело“ и бев примен на Академијата, мојот живот тргна во друг правец, со една дефиниција која ме води до денес – и невозможното е возможно. Мотивацијата за невозможното е возможното потекнува од самиот почеток на мојата кариера, кога покажав желба да станам член на театарот „Пралипе“. Ова прв пат гласно и јавно да го кажувам. Глумата беше мојот сон, но малку фалеше да не ми се исполни. Режисерот Рахим Бурхан на почетокот не покажуваше интерес да станам член на Пралипе, немаше желба да станам актер, едноставно не бев по негов вкус и мислам дека никогаш не ни бев. Но, тоа не ме обесхрабри, напротив, имав поголема мотивација и амбиција да направам нешто повеќе.

По некое време го убедив и ја добив првата улога, тоа беше во 1982 година во претставата Кралот Едип, со која ја обиколивме цела Југославија и Европа и постигнавме големи резултати. По ова следуваа уште неколку настапи во Пралипе, како и два ТВ филма „Triest via Skopje“ и „Марика лета со авион“.
Во 1991 Театарот Пралипе во копродукција со германскиот театар Mülcheim an der Ruhr ја продуцира претставата „Крвава свадба“ од Фредерико Гарсија Лорка. Премиерата ја изведовме во Германија, а потоа имаше огромна 6-месечна турнеја низ сите големи театри и градови во Германија. По таа важна турнеја, добивме понуда од театарот An der Ruhr да останеме и да бидеме дел од тој германски театар.
Во 1995 година, откако видов дека се менуваат амбициите и целите, го напуштив театарот „Пралипе“. Заедно со мојата сопруга, режисерката Нада Кокотовиќ, формиравме сопствен театар, Театарот „ТКО“ во Келн, кој постои до ден-денес.
Како е да се биде ромски уметник во Германија, а како е да се биде уметник Ром во Македонија?
– Во Германија еднаш се дава шанса, ако ја добиеш, мораш да ја искористиш, ако изгубиш, тешко е да ја добиеш повторно. Потребна е дисциплина, професионализам и квалитет.
Пример е театарот Пралипе, на почетокот кога стигнавме во Германија ги исполни сите тие стандарди, за жал после неколку години кога тие стандарди ги презедоа некои други интереси, сè се изгуби и „Пралипе“ исчезна. Ако си добар, квалитетен, дисциплиниран и работиш професионално, секогаш ќе имаш место, без разлика што си Ром, тоа не значи дека ќе ги имаш сите привилегии како германски уметник или театар, но можеш да бидеш и да постоиш.
Во Германија сум 35 години, глумам во театар и снимам филмови, живеам и работам и опкружен сум со Германци и приватно и професионално. Не можам да кажам дека сум доживеал непријатни ситуации, ниту дека сум бил особено дискриминиран. Тоа не значи дека ме третираат исто како Германец, не, но имам повеќе привилегии како ромски уметник, отколку ако не сум уметник. Ова не се однесува само на мене како Ром, туку на секој странски уметник или успешен уметник.
Да бев во Македонија, не знам дали би имал место во македонски театар и дали би снимал толку многу филмови, не знам дали би ја имал таа привилегија што ја имам овде.
Знаете, јас сум македонски државјанин, роден во Скопје, каде и да одам меѓу другото се претставувам и како Македонец. За сите овие 35 години никогаш не сум добил понуда од Македонски театар, ниту филм, ниту пак интервју или слично. Да наведам еден пример, кај нас во „Пралипе“, во Германија, ако гостуваа некои македонски актери уште невратени дома веќе во медиумите пишуваа дека македонски актери гостуваат во Германија.
Морам да кажам дека одиграв толку големи улоги и ги поминав речиси сите најголеми европски театри, што би било сон за секој актер. Но, за жал, во Македонија ништо не се знае за целата оваа работа, немам никаква почит ниту медиумски простор.
Во последните четири години снимив пет ТВ серии во Србија, и сега и во минатото мојот углед во оваа земја не е променет. Чувството на припадност се буди и расте кога е меѓусебно, кога чувствуваш дека некој ти припаѓа затоа што ти нему му припаѓаш, љубовта не може да биде еднострана.
Тоа што го следам и од информации кои ги имам од Македонија за состојбата со ромските уметници, особено актерите, воопшто не е добро. Од друга страна, мора да се гледа на професионалноста и квалитетот, ако некој не ги исполнува условите, тогаш треба да се постапува на поинаков начин. Колку што знам, има некои ромски актери кои се ангажирани во некои македонски театри, или гостуваат во некои претстави во театрите, што значи дека е можно, мислам дека ако актерот има актерски квалитети, останатото мора да биде споредно.
Сакам да кажам дека и покрај сето ова, денес не е лесно да се биде ромски уметник, актер. Денес, кога се е поделено, секој има своја страна, свој агол, и кога се гледа по национална боја и етничка припадност, секако е тешко.

Дали е важна етничката припадност за да се реализирате како уметник во Европа?
– Во претходното прашање одговорив што значи да се биде ромски уметник или странски уметник во Германија. Ако си успешен, квалитетен, професионален, се е можно, не значи дека ќе те третираат исто како Германец, Французин, Шпанец итн., ама поневозможно е ако не се уметник или ако не си успешен или квалитетен. Зборувам само за реализација за Ром, или странски уметник во Европа. Мислам дека квалитетот, каков и да е, води кон рализирање и покрај етничката припадност.
Не можам да кажам дека нема дискриминација во Германија, таа постои секаде каде што живее еден Ром, тоа не е ништо ново. Разликата во дискриминацијата е во бојата и пакувањето, таа се разликува од земја до земја, но во суштина постои. Овде во Германија, наместо Цигани, велат Цигиоња, секоја држава си има свој назив за овој народ. Разликата е во тоа што во Германија беше донесен официјален закон за забрана и употреба на тој збор на јавни места, ТВ и списанија.
Вакво нешто не постои во ниту една друга држава. Сепак, тоа не значи дека Ромите се особено привилегирани, има уште многу дупки каде што може да се почувствува дискриминацијата.
Во Германија има повеќе од 30 различни култури, странци, како и во многу други земји во Европа. Како и да е, сите овие земји функционираат со сите овие разлики. Зошто? Затоа што системот функционира.
Не значи дека овој систем е идеален, но кога ќе ги земеме овие аспекти, тоа е голем чекор. Но, не треба да се заборави дека оваа земја е една од најбогатите земји во Европа, ја игра истата улога за да функционира.
Така, во сите овие земји има многу уметници од различни етникуми и многу од нив се успешни и познати, актери, сликари, музичари итн.
На крај, повторно ќе кажам дека не беше лесно на сите овие уметници да стигнат до тоа ниво, но не е невозможно, можно е ако постои цел и желба.
Колкава улога имаат уметниците да го променат општеството, да промовираат мир, соживот, толеранција?
– Се работи за уметност, уметноста нема припадност, уметникот припаѓа на цела класа. Ако некој е уметник во душата, тоа му е јасно, ако тој уметник е само уметник по професија, тогаш ова не му е важно.
Ако добив некој луксуз во мојот живот, тоа е дека ја избрав уметноста како животен повик, тоа е мојот врвен луксуз. Затоа што преку театарот го запознав светот, запознав толку многу луѓе, бев во толку многу различни ситуации, имав толку многу привилегии. Ако зборувам за некои богатства, тогаш ова е тoa богатство и ништо друго, другото ги потрошив, а ова никогаш не се троши.
Мислам дека е благослов да запознаваш луѓе, да доживееш различност, да слушаш различни мислења и погледи на светот, да ги размениш своите мисли и идеи со некој што не го познаваш. Тогаш кого ќе го разберете, ќе ви стане јасно дека меѓу луѓето има мала разлика, а ако има разлика, тогаш нека се вика љубов и нека се споделува.
Во секој случај, светот без уметност и уметници би бил многу посиромашен и потежок.
Колку и да е сложен и непредвидлив животот, секогаш има надеж и се трудиме да го направиме поубав, подобар. Улогата на уметноста во човечкиот живот игра важна улога, исто како и самиот живот. Сè што не опкружува е еден вид уметност, а човекот на почетокот не бил свесен за улогата на уметникот како и за уметноста, a мислам и денес луѓето не се свесни.
Во сите аспекти во создавањето на човештвото и заедницата, од идентитетот, културниот развој, промовирањето на моралот и естетиката и едукацијата на убавината и љубовта. Сè е создадено со помош на уметнички дела, музика, поезија, литература, театар, филм, сликарство итн. Улогата на уметноста која зборува за толеранција и мир е едноставно огромна.