Може канцеларка, не може менаџерка. Оба го тврди истражувањето на Фондацијата Олбрајт
КЛАУС УРЛИХ
На жена во Германија се чини ѝ е полесно да стане претседателка на владата, отколку генерална директорка во фирма. Нова студија покажува дека според уделот на жените во управите на компаниите Германија заостанува многу.
На жените, кои се на врвни позиции во менаџментот во Германија се гледа како на „тежок предизвик, додека тие во други земји претставуваат „нов квалитет“. Тоа го покажуваат резултатите од студијата на германско-шведската фондација Обрајт. Според ова истражување, Германија е на последно место- зад Франција, Велика Британија, Полска, САД и Шведска – кога ќе се спореди процентот на жени во управите на големите компании, нотирани на берзата.
„Закржлавените структури и истрајувањето на познати и вообичаени обрасци и навики не само што го забавуваат зголемувањето на уделот на жени во германските корпорации, туку тоа заостанување во диверзитетот и дигитализацијата може да биде опасно во однос на меѓународната конкуренција“, укажуваат од Фондацијата. На германските компании, се наведува во студијата, им е потребна фундаментална промена на начинот на размислување, бидејќи поголем процент на жени во управите може да биде одличен придвижувач на неопходните промени.
ПРЕСУДНО Според студијата, компании како Епл, Ај Би Ем, Волво или Кока Кола веќе имаат повеќе од 30 насто жени во управните одбори, исто како и Лореал и Данон во Франција, Унилевер во Велика Британија или Енерга во Полска. Германија е една од набљудуваните земји во која ниту една од главните компании нема повеќе од 30 насто жени на позиции во врвниот менаџмент.
Во САД 90 проценти од големите гомпании имаат по неколку жени во Управните одбори, но во Германија тоа е исклучок и е случај само во концерните Алијанц, Дајмлер, САП и Сименс. Германија е единствена земја во споредба со другите земји опфатени со студијата, во која ниту една од главните компании од берзата нема женски извршен директор.
За поголем процент жени да може да работат во менаџментот неопходни се добри општи социјални услови и можности за усогласување на семејството со работата. Но споредбата во студијата го покажува следново: од пресудно значење е ставот на самата фирма. Колку жените и плурализамот во највисоките раководства на претпријатијата се стратешки попожелни, толку процентот на жени во менаџментот е поголем.
ШВЕДСКИ ПРИМЕР Тоа го покажува и примерот на Шведска во која и покрај фактот дека таму веќе со децении условите во општеството се можеби и најдобри, процентот на жени во управните одбори се зголемил дури откако самите компании не го сфатиле деловното значење на мешовитото управување. Истовремено, САД се земја со најлоши можни општи услови, но компаниите таму најчесто ги користат женските ресурси и затоа имаат најголем процент жени во управите на компаниите.
Фондацијата Олбрајт е непрофитна организација со седишта во Стокхолм и во Берлин. Таа се залага за повеќе жени и повеќе диверзитет на водечките позиции во стопанството. Оваа приватно финансирана фондација во Стокхолм во 2011 година ја основа шведскиот претприемач Свен Хагстремер, а нејзиниот огранок во Берлин постои од март 2016 година. Според наводите на фондацијата, името Олбрајт (Allbright) се однесува на „the brightest” – „најсјаен тим“, односно на филозофијата според која врвните места би требало да ги заземаат најнадарените, наместо на челните позиции да биде вработувана само една, непроменлива и хомогена група.