АНДРЕЈА СТОЈКОВСКИ
На 27 април 2024 година, се навршија точно 7 години од најкрвавиот настан и најсериозното загрозување за нашата и онака кревка демократија, упадот на насилниците во Собранието со намера да убиваат, или терористичко загрозување на уставниот поредок, според член 313 од Кривичниот законик
На 27 април 2017, како со фластер бев залепен за телевизорот во бифето на ТВ Телма. Таму отидов на покана на Оливера Трајковска, за во Вин-Вин да ги анализираме случувањата во државата и предавањето на власта. И тогаш следев покрај од ТВ, од социјалните мрежи, од пријатели, новинари, граѓани, пратеници и други што се случува во Собранието. Зборував редовно со домашните, за да ги смирам или да ги убедам дека нема ништо страшно, а патем ја чувствував државата како ликовите од цртаните филмови кои се наоѓаат над амбисот и полека стануваат свесни дека повеќе немаат тло под нозете. Го сторив својот дел од работата, колку што можев и каде што можев, се јавував пренесував информации од она што го знаев, помогнав. Наредното утро веќе беше нов, поинаков ден.
Една година подоцна, Македонија повеќе не беше заробена држава, барем по зборовите на Европската комисија. Македонија, бележеше политичка волја и поинаков mind-set кој поддржува реформи, слобода и демократија, но има уште многу работа до големиот успех. Сакам да речам, имаше светло на крајот од тунелот. Многумина очекувавме дека тоа е сончевата светлина. Повикувавме на тоа да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа зошто денот минува и сонцето пак може да зајде.
Денес, седум години подоцна, како што пее Владо Малевски во химната, се подготвува некое „ново сонце на слободата“. Повторно група се подготвува за влез во Собранието, но, овој пат како пратеници во новиот парламентарен состав. Продолжувајќи во модусот на ретроспекција, побарав да видам што се случило во овој период и можам да извлечам три заклучоци. Првиот, државата го затвори проблемот со соседна Грција и како резултат на потпишаниот договор, денес е членка на НАТО, најмоќниот и најголемиот воен сојуз во историјата на светот. Вториот, Северна Македонија, повеќе не е заробена држава. Нема центар на моќ во кој се кројат политиките, назначувањата, правата и моето секојдневие, но и секојдневието на Стојанка од Ботун, Газменд од Арачиново, Петар од Нагоричане и сите останати. Третиот, се наоѓаме во почетната фаза од процесот во кој Европската Унија има можност за најголем притисок врз државата на пристапување за промена и подобрување на политиките и институциите. Тоа е точката од која може да не мрднеме натаму, патем, по наш избор, или грешка (Одберете самите!) Со други зборови, денес сме подобри одошто бевме во 2017 година.
Во 2017 година, откако претходно подолго време бевме дежурни виновници за сите глупости на режимот, а извесно време и дел од систематскиот прогон на поголема група на граѓански здруженија, многумина граѓански активисти, истражувачи, аналитичари и други, активно се вклучија во обновата. Верувам дека тргнаа од сопствениот идеал за демократско општество во кое се почитуваат човековите права, каде што политиките се донесуваат низ процес на широка консултација, каде што постои повисоко ниво на одговорност, бидејќи веќе има поголема транспарентност. Верувам, затоа што и јас тргнав од сопствениот идеал дека после повеќе од 15 години работа на европски прашања и застапување за пристапување во Европската Унија и европеизација на општеството, знаењето и експертизата треба да се вложат во подобрувањето на државата. Добро, ова е прашање за интроспекција, а за тоа малку подолу.
Голем дел од граѓанските активисти, по кобниот 27 април 2017 година одлучија да бидат дел од промената. Додека одредена група на граѓански организации остана во завршната фаза на прогонот отпочнат од режимот се до конечното затворање. На почетокот, првата борба на граѓанските организации беше подобрувањето на состојбата на граѓанското општество. Дел станавме членови на Советот на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество, а дел заминаа да станат дел од институциите. Заклучоците од екстроспекцијата, повторно можат да бидат три. Првиот, огромна група на граѓани и граѓански организации очекуваат и веруваат во тоа дека државата може да биде членка на Европската Унија. За волја на вистината и во Европската Унија дискурсот се промени и сега и тие се подготвени за нови членки во 2030 година. Вториот, граѓанските активисти или поранешните граѓански активисти беа главни придонесувачи за промената на политиките и реформите. Тие се уште се активни и се застапуваат за промени. Третиот, додека се креираа политиките, се носеа стратегиите и беше добро. Проблемите настанаа кога преминавме на имплементација. Широката коалиција која ја донесе промената во 2016-2017, низ годините стануваше сѐ потесна. Да се разбереме. И натаму верувам дека оние приближно 610.000 граѓани кои на референдумот во 2018 се изјаснија дека се ЗА членството во ЕУ и НАТО и натаму стојат на сопственото убедување, или барем огромно мнозинство од нив. Се разбира, дел од нив заминаа од државата во потрага по сопствените соништа. Тоа секако е глобален и постојан процес. Но огромно мнозинство на оние што останаа тука, имаат право да видат како државата станува „Пристојно место за живеење.“
Луѓето сакаат да анализираат. Може да се рече дека анализата е наш национален спорт. Ги анализираат процесите и случувањата околу нив. Го анализираат развојот низ определен временски период. Го следат постапувањето на другиот и го бараат виновникот. За да го пронајдат треба и малку интроспекција.
Отсекогаш сум верувал дека нашата држава е побогата поради различностите кои ги обединува. Верувам дека членството во НАТО ја гарантира нашата безбедност, а членството во Европска Унија нуди поголема суштина кон таквата политичка кохезија. Сметав дека откажувањето од битката за подобро утре е себично. Како и сите други, сакам сопственото дете да има подобар живот од оној што го имав јас, но тоа да не ги загрозува другите. Знаев дека можам да придонесам за пристапувањето во Европската Унија и тоа го правев. Се уште тоа го правам. Како за една колумна, како за поединец доволно беше интроспекција. Како за општество, очигледно треба повеќе.
Говорејќи на конвенцијата на демократската партија во Филаделфија, во 2016 година, 44тиот претседател на САД, Барак Обама, кажа еден слоган кој совршено одговара на анализата на изборната недела, „Не викајте уа. Гласајте!“ Демократијата се создава со учество, со почитување, на сите, а до успехот се доаѓа само со посветена работа и вклученост. Ако ве боли за соништата, за идеалите, за децата кои ви заминале… Ако не сакате да се откажете… Ако сакате еден ден, вашите деца да ви благодарат за тоа што сте го сториле за нив… Ако верувате дека тие ќе го подобрат она што вие им го предавате… тогаш, не викајте уа. Гласај те!
До слобода и успех преку одговорност!
(Рацин.мк)