Генсекот на ВМРО ДПМНЕ Јанушев неодамна одново ја обзнани тезата дека тие се народна партија, која дури нема своја елита а и да ја имала тоа е сега минато. Лидерите на вмроовските партиски лидери, кои поседуваат барем половина од домашната економија, веројатно го потврдуваат со глава ова додека гледаат каде да го преселат својот капитал во мигот
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во една од првите емисии на нововостановениот медиум „Утрински бриф“ гостин кај водителот Чомовски беше и генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев. Во разговорот, во кој претходните парламентарни избори беа централна тема, се допре и прашањето на политичките елити, во контекст на дилемата кој сегмент од полициските разузнавачи на која елита и служи во мигот. Настрана од поводот на допирањето на оваа тема, треба да се истакне дека Јанушев посебно истрча со тезата дека во земјава само СДСМ има политичка елита, додека другите а пред се неговата партија немаат своја елита!
Ваквото поставување на социјалната стратификација во Македонија многу веројатно би насмеала и некој просечен студент од факултетите каде се изучуваат општествени науки, ама сеедно, факт е дека црвено-црните одамна ја туркаат тезата дека тие се „народна партија“, дека зад нив стојат обичните и главно сиромашни луѓе а дека преку нив се врши еден вид на историски реваншизам врз „комуњаритре“ кои владееле со земјата со децении наназад.
„Нека крадат (нашите), важно да не им дадат да крадат комуњарите“ – вака ја дефинираше не многу одамна една од паролите на просечните гласачи за „вмроните“, со кој се дава некаква поткрепа на фактот дека и покрај фактот што нивните лидери се секој ден во некој од скопските судови, тие сепак остануваат верни пред гласачката кутија на партијата со т.н. откраднато историско име.
ТИЕ И НИЕ Тезата дека тие немаат елита е поддршка на тоа упростено делење на општеството на „ние“ и „тие“, при што вториве се дел од посебно граѓанство, кое го има националното богатство и ужива заштита во секое време. Ваквото одржување на сликата за поделбите на моќта го приближува секогаш гласачкото тело составено од пауперизираните граѓани, кои се, нели, мнозинство, до „изборното чекмеџе“ на „најнародната партија“, што ген-секот од белата Палачинка го држи како идеолошко перпетуум мобиле.
Колку држи таа теза? Или има ли некој тукашен поединец со просечно образование што верува во таа слика за поделеното општество што ја нуди ДПНМЕ?
Нашиот покоен колега Небојша Јаконов, кој пишуваше во „Глобус“ на темата на нашите елити, цитираше сегмент од едно интервју на Чарлс Рајт Милс – човекот чија книга „Елити на моќта“ се смета за „буквар“ за прашањето на општествените елити и дистрибуцијата на „моќта“ во демократско-либералните општества (http://www.globusmagazin.com.mk/?ItemID=169A939AD8E5304083A41C75BE6FA823). На прашањето кој владее со Америка тој, зачуден од прашањето, одговорил: па, нормално, оние најбогатите. „Но“, додал Милс, „работите не секогаш изгледаат така едноставно, бидејќи, демократсткото устројство на општеството подразбира помал или поголем степен на делегирање на моќта на други општествени групи“
Текстот на Јаконов дава одговор зошто во т.н. транзициони општества се јавуваат поинакви дефиниции.
Во оваа смисла, имено, по анализата на Јаконов, како се’ уште да мешаме и жаби и баби до точката дури и образованите луѓе да не прават дистинкција меѓу „социјалниот хардвер“, што ќе рече сопственичките и политичките елити (кои се, така да кажеме, категории „по себе“, првите во смисла дека со својот капитал и имот им обезбедуваат работа и леб на оние останатите, а вторите во смисла на формално и нормативно „владеење“ со системот) и она што по дефиниција во современата социологија се нарекува „општествени елити“ што, пак, е една многу поширока и покомплексна одредница.
ЛУЃЕ НА ПОЗИЦИИ Ајде да се вратиме назад кај американскиот социолог Чарлс Рајт Милс го концептуализира поимот на „елита на моќта“ (power elite), имајќи во вид „луѓе чии позиции им овозможуваат да го надминат вообичаеното опкружување на обичните луѓе и жени; тие се во позиција која им овозможува да донесува одлуки што имаат големи последици“ (Grinin Leonid. 2009. People of Celebrity as a new social statum and elite).
Никаде не пишува дали тие лица се родени во некој наш антипод на Версај, дека завршиле школи кои сами по себе предизвикуваат восхит, па дури и дали тие имаат „дебела“ банкарска сметка. Тие или се во функција да креираат состојби кои влијаат на нашите животи или пак се доволно богати и релеватни чинители кои влијаат на првите. Тие се значи или власт, политичка или друга или пак се тие кои можат во секој миг да и запржат чорба на таа власт – можат да бидат споени садови а и не мораат, бидејќи во одреден миг имаат спротивни интереси!
Да речеме првиот лидер на ВМРО ДПМНЕ Љубчо Георгиевски беше граѓанин – студент кој тешко дека секој ден можеше да се чести кафе во некоја слаткарница, каде истото е најевтино. Во мигот кога неговата партија победи тој се всели во нов, голем стан на Водњанска (скопјани знаат дека тоа е статус сам по себе), подарок на еден станоградител а нему му беше признаена новата моќ. Така тој, заедно со сопругата Снешка стана дел од скопската елита а нивната нова позиција беше инаугурирана на првата копија на Виенскиот бал кај нас. Тој веќе себе се опиша дека е „средно имотен бизнисмен“, откако одамна е објективно надвор од политиката. Што би се рекло – не е дел од хардверот по 2003 година а за да биде софтверот на таа елита исто така нема доволна „тежина“.
НОВО-СТАРА ЕЛИТА Новата елита која ја искористи ВМРО ДПМНЕ за да ја продолжи својата моќ е онаа која го избра Никола Груевски за свој извршител. Како дел од главно штипската политичка линија уште во време на СФРЈ неа и требаше подолго време за да најде простор за некаков кам-бек (тука е интересна статијата на Ивон Величковски за т.н. нов македонизам
–https://www.mkd.mk/kolumni/edinaesetooktomvriski-zoshto-ni-e-potreben-neomakedonizam) откако во првите години на деценијата после осамостојувањето бргу ги изгуби дизгините, а само што ги зеде.
Како таа елита се трансформираше, сепАк од старата, онаа од ју-времињата покажува примерот со професорката Гордана Давкова. Оваа кандидатка на ВМРО ДПМНЕ практично и никогаш не била надвор од актуелната елита, само што почувствувала дека своите амбиции ќе ги оствари преку луѓето како Мицковски. Идеологијата е алатка а професорката, во форма на „позајмен софтвер“ сега ја пропагира антизападната опција на општеството, за која се залага ВМРО ДПМНЕ. Оваа партија не сака да го напушти она што значи (или така некои го нарекуваат убер-национализам), како начин што и за Мицковски а и за Давкова значи спротивставување на било каква модерна идеја и иднина. Ова пак секако треба да се потврди на изборите, кои за теоретичарите како Рајт Милс значи сепак барем една круцијална, системска пречка за секоја елита. Таа цел, засега сосема јасно значи газење на националните приоритети, како што е членството на НАТО и ЕУ. Како линија на разграничувањето меѓу повеќето елити во земјава.