Што претставува наградата Златен витез што му доделена на македонскиот писател Венко Андоновски:
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/02/mirjana-najcevska.jpg)
МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Некритичкиот однос на индивидуи, институции и невладини организации кон доделувањето разни награди поврзани со Руската Федерација, на што се надодава и посебно неаналитичкиот, па дури и дезинформациски пристап на медиумите при споделувањето на информациите за истите, може да има долготрајни и многу сериозни последици врз перцепцијата на граѓаните на руската агресија врз Украина, меѓутоа и многу погенерално, на вредносните системи кои се нудат од страна на ЕУ и од страна на режимот на Владимир Путин, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Според евиденцијата на агрегаторот Time.mk, десетина портали ја пренеле веста дека писателот Венко Андоновски бил награден со „Златен витез“ на меѓународен книжевен форум во Русија. На пример порталот Република објавил:
Писателот Венко Андоновски ја доби највисоката награда за драматургија „Златен витез“ на тринаесеттиот меѓународен книжевен форум, кој од 2010-та се одржува во октомври во Русија. Награди на форумот се доделуваат за повеќе уметнички области, а годинава пристигнале 428 дела од 12 земји.
На прв поглед ова е многу позитивна вест. Имено, македонски писател добил престижна награда, се продлабочува културната соработка со голема држава како што е Руската Федерација и се промовира Северна Македонија на културен план пред широка публика како што е руската.
Ова е една од оние вести кои се пласираат во нашите медиуми без никакво објаснување или анализа, надвор од актуелниот момент и од глобалниот контекст и случувања (па дури и со дезинформативни забелешки). Зад навидум позитивната информација се крие пропаганден атак кој (во најмала рака) создава конфузија кај јавноста, а отвора простор за далекусежни негативни последици за развојот на демократијата, промоцијата на слободата и правата на граѓаните и европската ориентација на Северна Македонија.
Она што отсуствува во медиумите е истакнување на фактот дека наградата е доделена во време кога Руската Федерација е идентификувана како воен агресор од страна на сите членки на ЕУ, скоро сите европски држави и најголем број од светската јавност (што на крај резултира и со препознавање на Руската Федерација како држава – спонзор на тероризмот).
Дополнително, се игнорират заканите од Русија, од бомбардирање до црни списоци, како и информацијата дека во март оваа година Руската Федерација ја стави Република Северна Македонија на списокот на држави кои ги смета за „непријателски“.
Второ, од медиумите отсуствува каков било обид за профилирање на организацијата од страна на која е доделена оваа награда. Имено, станува збор за организација која во својата мисија истакнува дека има за цел да ја спроведува политиката на државата (Руската Федерација):
Одржувањето на Форумот за словенски уметности „Златен витез“ е практично олицетворение на политиката на државата во областа на културата, која ги афирмира традиционалните, духовните и моралните вредности. Целта на проектот е да се консолидираат позитивните креативни сили на мајсторите на уметноста и културните дејци од земјите од словенскиот свет и сите региони на Руската Федерација.
Во својата изјава за сопствената мисија оваа организација истакнува дека го поддржува режимот на Владимир Путин, а тоа значи ја поддржува политиката на ограничување на основните права и слободи на граѓаните и поддржува секој облик на пропаганда кој е насочен кон промоција на овој вредносен систем.
Уште повеќе, на официјалната страна на оваа организација може да се види „Отворено писмо од филмските работници, учесници на ХХХI МКФ „ Zолотой Vитязь “ – против нацизмот“ до претседателот на руската федерација В.В. Путин (испратено на крајот од мај 2022 година).
Во писмото се дава поддршка на Путин да:
Ја продолжи судбоносната, планетарна мисија за денацификација, демилитаризација и борба со русофобијата во светот и да продолжи да работи на измените на Уредбата „За основите на државната културна политика.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/02/sporna-nagrada.jpg)
Понатаму во писмото се вели:
Ништо нема да се смени ако Русија не стекне ДРЖАВНА ИДЕОЛОГИЈА, ако не се оттргне од идеологијата на попустливост што владее кај нас од почетокот на Перестројката, и функционерите ќе продолжат да делат грантови за антиисториски, антихристијански филмови и претстави: „Матилда“, „Танхаузер“, претстави кои промовираат истополова љубов меѓу учениците, русофобија и антипретседателски напади.
За на крајот да се упати отворен повик за цензура:
Либералите и „петтата колона“ се преплашени од зборовите „идеологија“ и „цензура“, иако овие зборови се преведени како „идеологија“ – наука за идеалот, „цензура“ – строга проценка, строга критика.
Да прифатиш награда доделена од институција која ја поддржува воената агресија на Руската Федерација врз Украина, значи лична поддршка на оваа агресија.
Да прифатиш награда доделена од ваква институција значи поддршка на вредностите кои ги застапува истата (ограничување на слободата на творештвото, мислата и изразувањето, државна цензура, ограничување на правата и слободите на луѓето, негирање на еднаквоста).
Тоа што во случајов станува збор за познат писател, за професор на најстариот универзитет во Македонија, за редовен колумнист во еден од реномираните медиуми „Нова Македонија“ и за актуелен промотор на значајни културни настани во Македонија, значи директно и моќно влијание во македонската јавност кое е спротивно не само на официјално искажаниот став за поддршка на Украина и осуда на воената агресија на Руската Федерација, туку е спротивно на основниот вредносен систем прифатен како основа во демократскиот развој на државата.
Влијанието се мултиплицира преку медиумите кои дури истакнуваат дека
Основач и претседател на Меѓународниот книжевен форум „Златен витез“ е Николаj Бурљаев, светски познат филмски артист кој, меѓу другото, ги играше главните улоги во филмовите „Иваново детство” и „Андреј Рубљов” на Андреј Тарковски и голем општествен деец.
Она што го нема во ниту еден од медиумите е податокот дека Николај Бурљаев е еден од интелектуалците кој уште во март 2014 година (во време на анексијата на Крим) го потпишал писмото со поддршка на претседателот на Руската Федерација, Путин за воена агресија во Украина, актуелен член на руската ДУМА и еден од тие кои се ставени на листата на ЕУ како лица кон кои се определуваат рестриктивни мерки.
И ова ни од далеку не е единствен пример од ваков вид. Во изминатата година може да се најдат повеќе медиумски стории за освоени награди, културни и спортски достигнувања, признанија кои Руската Федерација им ги доделува на граѓани на Северна Македонија.
Уште еден професор се „закити“ со руска награда во изминатата година (во екот на воената агресија на Руската Федерација врз Украина). Посебно паѓа во очи дека наградата му е доделена во рамките на прославата на „Денот на народното единство“ кој, според руските медиуми „ќе се одвива врз фонот на специјалната воена операција“.
Професорот Трајче Стојанов добитник на наградата именувана по Достоевски
На 5 ноември 2022 година на Фејсбук-профилот на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје беше објавено следното соопштение, кое истиот ден беше пренесено од порталот Антропол:
Во рамките на приемот по повод Денот на народното единство Амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин му врачи спомен-медал од Министерството за култура на Русија „Големиот руски писател Фjодор Михајлович Достоевски 1821 – 2021 година“ на професорот на Универзитетот Гоце Делчев Трајче Стојанов – авторот на бројни научни трудови и публикации кои ја откриваат филозофската компонента на делата на еден од столбовите на светската класична литература. Како што нагласи Амбасадорот, оваа награда е заслужена оценка за придонесот на професорот Стојанов за зачувување и популаризација на наследството на големиот руски писател Фjодор Достоевски.
Истиот тој професор во март 2022 година на јавноста ѝ понуди објаснување/оправдување за делувањето на Путин
Токму од тие причини, Путин често се повикува на падот на СССР како на најголемата „геополитичка катастрофа“ на 20 век! Тоа во извесна варијанта го спомена и во последниот свој говор, непосредно пред нападот на Украина. Затоа што со падот на СССР и со нерационалната политика на тогашното раководство, Русија ја загуби стратегиската предност да ја брани својата земја, преку губење на балтичките земји и Украина. Со тоа, огромната руска територија, на која единствено може да ѝ се пријде од нејзиниот „хартленд“, останува небранета! Путин сака да ја исправи, колку што може, таа „историска грешка“ и „геополитичка катастрофа“! Затоа, Украина за него е „да се биде или не“!… Единствената „порта“ што зјае силно отворена кон „срцето на Русија“ е преку Украина! Во геополитичка смисла, тоа е суштината на настаните!
Токму овој вид „објаснувања“ на агресијата врз Украина ја разводнуваат перцепцијата на Русија како агресор и го создаваат привидот на споделена вина како основа за иден компромис.
И ни ова не е единствен случај од ваков или сличен карактер.
(vistinomer.mk – вториот дел заради должината следува во следниот број а илустрациите се на Глобус)