ДЕЈАН ТРАЈКОВСКИ
Оној молчаливиот дел од населението, кој не гласа, претставува реална резерва на демократијата и со него треба да се работи. Ако тие се придобијат, но не со празни ветувања, туку со доверба, искреност и чувство дека некој навистина сака да ја ослободи државата од грабливците, а за добро на сите граѓани, тогаш може сосема да се промени сликата во целата држава
Не лутете се на тие коишто гласале за ВМРО-ДПМНЕ, туку концентрирајте се на оние што не излегле на гласање, а тоа се речиси 60% од запишаните избирачи.
Проблемот, значи, не е толку во нивното тврдо партиско гласачко тело, туку во апатијата и разочараноста на мнозинството кое останало дома, за што секако имало причини, иако не и оправдување.
Вмровците не можете да ги промените. Тие имаат верно гласачко тело од партиски клиенти кое фанатизирано се бори пред се за своите лични интереси, а дури потоа за партиската кауза. Така со 15%-20% од запишаните избирачи ја освојуваат целата власт и им ја решаваат судбината на останатите 80% граѓани.
Познато е дека економските клиенти на ВМРО-ДПМНЕ не гласаат по програма, туку по чувство на припадност, зависност и лојалност. Тоа е затворен круг во кој тешко може да се пробие без системска промена. Затоа и не вреди да се работи на тоа поле. Тука не помага никакво добронамерно убедување, а камоли напади и навреди.
Но, оној молчаливиот дел од населението, кој не гласа, претставува реална резерва на демократијата и со него треба да се работи. Ако тие се придобијат, но не со празни ветувања, туку со доверба, искреност и чувство дека некој навистина сака да ја ослободи државата од грабливците, а за добро на сите граѓани, тогаш може сосема да се промени сликата во целата држава.
Луѓето треба да сфатат дека не е точно дека од нив не зависи ништо, туку напротив, од нив зависи се! Единствен услов е масовно да излегуваат на избори и да гласаат за било кого, само не за владеачките партии. Да, не треба да се гласа ни за ЗНАМ и ВРЕДИ, бидејќи и тие ја одржуваат на позиција штеточинската власт заради лични интереси.
(Текстот е објавен како статус на Фејсбук, опремата е на Глобус)




