ЏЕЉАЛ ХОЏИЌ
Знам дека Стоиљковиќ нема пред пензија да ги менува своите ставови, ама прашајте јавно дали неговите позиции ги споделува ВМРО-ДПМНЕ како стожерна партија во коалицијата, на чело со Мицкоски, Силјановска, Николовски и Мисајловски
Пред некој ден Иван Стоиљковиќ го релативизираше и исмејуваше геноцидот во Сребреница. Повикавме јавноста да праша во стожерната партија на неговата коалиција дали ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски и Гордана Силјановска ги споделуваат антицивилизациските позиции на Стоиљковиќ.
Никој од јавноста не постави јавно прашање до ДПМНЕ за позициите за Резолуцијата за Сребреница во ОН.
Вчера, истиот Стоиљковиќ, охрабрен од молкот на јавноста на неговите антицивилизациските и недемократски практики, го нападна на примитивен начин Дарко Каевски, поради гласањето во ПССЕ за препораката за прием на Косово во Советот на Европа. Стоиљковиќ на својот ФБ профил јавно го одредува Дарко Каевски како Србин кој за пари го продал својот став за Косово и повикува следбениците сочно да го поздравеле кога ќе го виделе на улица. Може јавноста, новинарите, политичките партии, невладините организации, интелектуалците да ги игнорираат испадите на Стоиљковиќ, но тоа него го охрабрува и прашање на време е кога сето тоа ќе тропне и на Вашата врата. За да нема замена на тези, малку фактографија:
– Уште во 2010 година македонското Собрание усвои декларација во која случувањата во Сребреница се квалификувани како геноцид.
– Уште во 2008 година Македонија ја призна самостојноста и сувереноста на Косово.
– Иван Стоиљковиќ не го претставува целиот српски народ и неговите ставови се спротиставени со политичарите кои доаѓаат од српскиот народ, а кои негуваат демократски вредности.
– Позициите на Македонија за Сребреница и Косово се усогласени со стратешките партнери и демократскиот свет (САД, ЕУ, Британија, Германија, Франција…)
Да продолжиме, зошто е важно јавноста да не ги игнорира антицивилизациските позиции и примитивните напади: Владеењето на правото, добрите меѓуетнички односи, добрите меѓурелигиски односи, како и евроатланските интеграции се столбовите на кои е потпрена македонската демократија. За руското влијание во државата зборуваме одамна.
Немојте да дозволите да разни стоиљковиќи, живаљевиќи и други со антицивилизациски и недемократски позиции удираат во столбовите на македонската демократија, во столбовите на македонското општевство. На Македонија не и се потребни нови поделби по етничка или верска основа. Од нив можеме да се чуваме само со демократски стандарди и продолжување на европските интеграции. И уште еднаш:
Знам јас дека Стоиљковиќ нема пред пензија да ги менува своите ставови, ама прашајте јавно дали неговите позиции ги споделува ВМРО-ДПМНЕ како стожерна партија во коалицијата, на чело со Мицкоски, Силјановска, Николовски и Мисајловски. Сега освен за Резолуцијата за Сребреница во ОН, можете да ги прашате и за членството на Косово во Советот на Европа. И прашајте побрзо, Стоиљковиќ е во кампања, многу брзо ќе наметне нови теми.