ДЕНКО МАЛЕСКИ
Надворешната политика која ја внесе Македонија во ОН беше успешна затоа што нејзините протагонисти не веруваа слепо во меѓународното право. Успеаја затоа што, знаејќи ја моќта на политиката, тие беа скептични кон правото
За реакцијата од Грција на создавање независна држава Македонија на нејзините граници, претседателот Киро Глигоров ќе ми рече: „Сега Грција ќе нè дави како змија жаба“.
Вакви изрази нема во меѓународното право. Нема змии и жаби, китови и сардини, годзили и џуџиња, сè што има во реалниот свет на меѓународната политика. Во меѓународното право сите се еднакви. За жал политиката е таа што доминира врз правото. Кога, со одлуката на Арбитражната комисија на Бадантер баравме признание од државите, се соочивме со отсуство на волја да ни удоволат. Причините немаа врска со правото, но имаа со политиката: избори, државен интерес, недостиг на државен интерес, домашни политички приоритети, солидарност со сојузникот кој ни го оспоруваше името… Но, пред да почнете да го величате правото и да фрлате дрвја и камења по политиката, морам да ве соочам со парадоксот дека токму политиката, која знаеше да ни одмогне, ни помогна во некои моменти да ја оствариме независноста.
Имено, конструктивното поведение на Македонија беше наградено од политичарите на САД и на Европа кои беа критички настроени кон поведението на нивниот сојузник Грција. Тие, се разбира, не можеа да го разрушат сојузот во името на правото и правдата, ниту пак да ги занемарат интересите на своите држави визави нивниот „незгоден“ партнер, меѓутоа пронајдоа начини да ни помогнат – најчесто од безбедна далечина и зад завесата на меѓународната политика.
Такви тешки беа првите чекори на нашата држава во меѓународната политика.
Кога, на крајот од Конференцијата за Југославија, комисијата на Бадантер одлучи дека Македонија и Словенија се единствените две републики кои ги исполнуваат условите за независност, беше тоа триумф на правото. Меѓутоа, кога Германија одлучи да ги признае Словенија и Хрватска, а Грција го блокираше признавањето на Македонија, тоа беше одново чиста политика. Сето ова ни се случуваше во времето кога беше прогласен „вечниот мир“ и „крај на историјата“ со победа на либералната демократија и владеење на правото. Но, се одбранивме од овие илузии чии недостатоци беа толку очигледни во војните во Југославија во кои завладеа силата а не правото.
Денес, ова веќе не е истиот свет од пред нешто повеќе од триесет години, кога се роди независната држава Македонија. Родени сме во еден, за малите држави, многу поволен период во меѓународната политика, време кога доминираше мислењето за дефинитивната и неповратна победа на либералната демократија над автократскиот Исток. Родени сме во униполарниот момент на апсолутна доминација на само една голема сила – Америка. На почетокот од деведесеттите, Русија беше на колена, Кина сè уште не беше светска сила. Во анархичната структура на системот на држави, најблиску до светска влада беше Вашингтон, главниот град на ова, кон нас, бенигно чудовиште од држава. Америка беше семоќна и ги диктираше правилата на поведение кои покажуваа во насока на либерално демократска трансформација на светот, со арно или со сила. Силата, притоа, најчесто се покажуваше како контрапродуктивна. Она што уште тогаш се нарекуваше „либерален имеријализам“ беше свет базиран врз меѓународното право, свет на непроменливост на границите и на човекови права. Ако си за тоа, со нас си, беше лозинката на Западот. Тоа беше еден добар свет за мали држави како Македонија.
Овој период траеше од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 до 2017, кога Русија и го одзеде Крим на Украина. Со инвазијата на Украина од страна на Русија во 2022, светот одново се врати „во нормала“. Имено, под мирното море на меѓународното право изронија вечните остри гребени на меѓународната политика. Во случајот со руската агресија во Украина, тие гребени предупредуваат дека кога е загрозен егзистенцијалниот интерес на една голема сила, како што тоа се случи со проширувањето на влијанието на НАТО во Украина, таа со тенкови ќе го прегази меѓународното право. Дека во битката за рамнотежа на сили и употребата на нуклеарно оружје не е исклучена. Дека меѓународното право е само право на координација меѓу државите а не право на субординација, како во домашното право.
Да се води надворешна политика само врз основа на меѓународните правни норми зчачи да се доведе во опасност сопствената држава и таа да заринка на гребените на меѓународната политика со која владеат моќта и интересите. Малите држави се повикуваат на меѓународното право од разбирливи причини: немаат моќ. Но да се верува дека тие норми имаат некаква волшебна сила да ја смената суровата реалност е опасно. Таа реалност наложува дипломатија, преговори, прилагодување и компромиси додека правната логика докажува кој е во право според словото на правниот акт. Се плашам дека со промената на власта, со македонската надворешна политика целосно ќе завладее правната логика. Најлоши за меѓународните односи се фанатици и правници, напишав еднаш дамна. Првите затоа што не го менуваат мислењето ама одбиваат и да ја сменат и темата на разговор, а вторите затоа што веруваат во магичната моќ правото да ја сменат реалноста. Затоа, да повторам: дипломатија, преговори, прилагодување, компромиси тоа е безбедниот пат во меѓународните односи. Во меѓународните односи не е целта само да и докажеш на другата страна колку си во право, туку да ја придобиеш за себе.