ДЕНКО МАЛЕСКИ
Кон делото „Македонското прашање и Македонците“ од Алексис Хераклидес). Актуелниот спор со Бугарија „по својата природа е многу потежок за решавање од грчко-македонскиот спор“ пишува Акексис Хераклидес. Како ќе се раберат двата народи, се прашувам?
После 1991 година, пишува Алексис Хераклидес, не е соодветно да се зборува за „Македонско прашање“ затоа што тоа може да имплицира дека постоењето и иднината на независна Македонија, сега Северна Македонија, се сеуште под знак прашање како што сакаат, со своето поведение ( или поточно, со поведението на националистите кај двата соседи), да покажат Грција и Бугарија. Соред Хераклидес, од 1950 наваму престана да постои македонското прашање, онакво какво го знаеме во минатото. Сегашната состојба тој ја дефинира како расправа помеѓу Македонија како држава и нејзините два поголеми и помоќни и често малтретирачки соседи, Грција, Бугарија, како и Србија во времето на Милошевиќ.
Неодамна, во издание на „Ратџерс“ од Лондон, излезе книгата на грчкиот професор Алексис Хераклидес „Македонското прашање и Македонците“. Тоа е книга што мора да се прочита особено од оние кои се занимаваат со македонска историја и со балканска политика. Книга која треба да се преведе на македонски што е можно поскоро.
После мојата прва средба со Алексис Хераклидес, професор Емеритус по меѓународни односи и разрешување конфликти на атинскиот универзитет Пантеон, напишав колумна која му ја посветив нарекувајки го „прекрасен либерален ум“. Книгата која излезе неодамна е само доказ дека е така. Исто онака како што во нашите разговори импресионираше со познавањето на делата на македонските историчари и балканската политика, сега импресионира и со производот на неговата макотрпна работа: книгата „Македонското прашање и Македонците“.
Неговиот наратив ми е близок затоа што она што го имам како сознание за историјата на мојата земја и на Балканот е производ на Западната либерална мисла, не на нашиот школски систем или историска литература. Таа Западна мисла уште одамна ми овозможи,како истражувач на меѓународната политика, да внесам некаков ред во историските настани. Тогаш разбрав дека збунувачката балканска и македонска историја, која правеше „од дрвјата да не можам да ја видам шумата“ и не била толку збунувачка надвор од националистичките наративи на балканските народи. Тие наративи, ми се чинеше уште тогаш,а се га знам дека е така, ја пишуваат историјата како само нивниот народ да бил на Балканот или дека без неколку илјадна историја нација не може да се биде. Импресионира смиреноста со која Хераклидес им пристапува на сите наративи во Македонија и на Балканот, толку карактеристична за некој кој знае дека постои објективна научна вистина по која вреди да се трага. Но, заклучоците се негови. Тоа е човек кој, разбирајќи ги реалностите на меѓународната политика и нужноста од компромиси, смета дека еден народ нема право на друг народ да му определува име, а за него сме биле и сме останале Македонци. Не антички Македонци, се разбира, туку припадници на народ кој после многу колебања околу својот идентитет, го прокламира своето раѓање по Втората светска војна.
„Македонското прашање е најкомплексниот и најповеќеслојниот балкански проблем, со вознемирувачка историја од скоро 150 години“, вели Хераклидес во предговорот. Неговата книга е една сеопфатна и објективна анализа на фамозното Македонско прашање од 1878 до 1949 година, како и за Македонците ( и нивните соседи) од 1890 до денес. „Македонското прашање е гранка на поширокото Источно прашање, т.е. судбината на европските остатоци од Отоманското царство по неговото распаѓање“ се вели во воведната белешка. Иницијалните протагонисти на Македонското прашање беа Грција, Бугарија и Србија и популацијата со словенски говорен јазик која ја населува географска Македонија и кое е во потрага по својата судбина, се вели натаму во белешката. Поголемиот дел од тоа Словенско население создава нова нација која ја сочинуваат Македонци, нешто што беше неприфатливо за трите соседи. „Сите три познати по својот шовинизам“, ќе напише Хераклидес.
Македонското прашање авторот го дели во три периоди и ги објаснува вака:
1870-1913 Период на национални барања и конфликти меѓу Грција, Бугарија и Србија за последната европска провинција на Отоманското царство истиснато од Европа после пет столетија.Од 1893 на сцена стапува нов актер, една револуционарна организација наречена ВМРО која бара автономија за Македонија и се спротиставува на обидите за припојување од трите држави, вклучувајќи ја и Бугарија, и покрај постоечките етнички врски со неа.
1913-1940 Поделба на географска Македонија по двете Балкански војни (1912-1913) со две незадоволни страни Бугарија (која е поразена во Втората балканска војна) и ВМРО кое осцилира помеѓу обединување со Бугарија и нов посебен идентитет, Македонскиот.Тука е и клучната улога на Коминтерна која застанува зад втората опција, но под комунистичка контрола.
1941-1949 Македонското прашање од почетокот на Втората светска војна до крајот на грчката граѓанска војна (1946-1949) и официјалното создавање на Македонска нација насочувана од Тито, создавањето на Социјалистичка Република Македонија во рамките на Југославија, со согласност на Бугарија под Георги Димитров од 1944 до 1948.
Од 1950 натаму, пишува професор Хераклидес, македонското прашање е „заспано“ во сенката на Студената војна, со одбивање на Грција и на Бугарија да ги признаат Македонците како нација како и посебноста на нивниот јазик и со негирање на постоење на „Македонско малцинство“ во нивните земји. Конфликтот со Грција кој траеше 27 години до потпишувањето на Договорот од Преспа во 2018, има извесни недоречености и позитивните реперкусии не се дефинитивно осигурани, смета Хераклидес. Oстанува конфликтот помеѓу Скопје и Софија и покрај Договорот за пријателство од 2017 кој само навидум ги разреши разликите.
Актуелниот спор со Бугарија „по својата природа е многу потежок за решавање од грчко-македонскиот спор“ пишува Акексис Хераклидес. Како ќе се раберат двата народи, се прашувам? Бугарскиот националистички наратив не поминува во Скопје, а македонскиот во Софија. The Macedonian Question and the Macedonians by Alexis Heraclides is a must-read in both countries. Би го превел ова кога не би знаел дека младата генерација Македонци и младата генерација Бугари говорат англиски.