ПЕТАР ТОДОРОВ
Последните реакции покажуваат дека историјата во јавниот дискурс е силно политизирана. Истовремено, таа е најчесто е сведена на „кафански муабети“ (со сета почит кон кафеаните), и за жал е восприемана и раскажувана во доста романтичарска и митологизирана форма
Како што редовно се случувало со големите феномени низ историјата, пандемијата на КОВИД-19 нужно извади на површина повеќе општествени проблеми во Македонија. Стравот кај луѓето за нивното здравје и за егзистенција предизвика разни реакции и поделби. Од она што може да се следи преку медиумите и социјалните мрежи, овојпат македонските граѓани се поделија по неколку основи: административци наспроти реален сектор (во врска со предлогот за минимална плата); дијаспора наспроти оние кои живеат во Македонија (поради страв дека дијаспората ќе го донесе вирусот). Луѓето се поделија дури и на етничка и религиска основа, што за жал не е нешто ново, но е доста интересно во ваков здравствен контекст.
Со доза на расизам некои граѓани сметаат дека други граѓани, со јасен етнички предзнак немаат доволно изградена хигиенска и општествена свест, поради што би можеле да предизвикаат поголемо ширење на вирусот. Со поделбите не се раѓаме – тие се резултат на социјализацијата на секој од нас, на нашите стравови, непознавања и отсуство на сочуство со проблемите на Другиот или другите. Притоа, уште пострашно е кога не постои желба да се запознае и спознае Другиот и неговите проблеми и перспективи. За жал, во такво општество живееме. Тоа што и соседните општества се такви, не треба да биде утеха или причина да се релативизира проблемот.
Во последните денови, иако живееме во неверојатно време на пандемија, најсилна се чини поделбата предизвикана од различното толкување на минатото. Тоа пак има последици и по односите со други народи; во овој случај, односите со бугарскиот народ. Одеднаш, вестите за односите со Бугарија, идентитетските прашања и историјата како да ја истиснаа пандемијата. Јасно е дека во регионот историјата и различните толкувања за минатото имаат голем потенцијалда создаваат и/или одржуваат поделби, и истовремено да ги натераат луѓето да заборават на егзистенцијалните проблеми со кои во моментов сите се соочуваме – вклучувајќи го и здравјето на сите луѓе.
Последните поделби во однос на историјата не се нешто ново. До неодамна (а можеби и сѐ уште), Македонците се делеа на антички и словенски Македонци. Тие поделби беа толку силни, што често се случуваше оние кои ја отфрлаа новокомпонираната идеја за атничко потекло на македонскиот народ да бидат осудени како предавници. Причините за овие поделби се повеќе: клиентелизмот што го развиваат и промовираат политичките партии, образованието,како и самите историчари и интелектуалците воопшто. Меѓутоа, одговорност имаат и самите луѓе, кои секако не можат да бидат целосно амнестирани од своите светогледи и активности. Како што се бара од политичарите и интелектуалците да се однесуваат и дејствуваат за доброто на сите, така и луѓето/граѓаните треба да бидат свесни дека еден искажан збор има своја тежина и може да повреди и да посее омраза.
Најсвеж пример се последните изјави на професорот Денко Малески, кој поради неговиот контроверзен став во поглед на историјата и идентитетот на Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков предизвика бура од реакциина социјалните мрежи. Како историчар, во добар дел јас не се сложувам со дел од неговите ставови, но исто така, сметам дека таа не смее да е причина тој да биде етикетиран и прогласуван за предавник. Дури можеше да се прочитаат пораки за линч и испраќање во затвор. Впечатливо е што оваков излив на жестоки реакции немаше кога од страна на Државниот архив на Република Македонија во 2007 година се објавија писма на Крсте Петков Мисирков од периодот меѓу 1912 и 1917 година, во кои тој за себе и за Македонците меѓудругото вели дека се македонски Бугари.
За жал, реакциите во кои се толкуваат Мисирков или некоја друга личност од втората половина на 19 и почетокот на 20 век изоставаат да ги спомнат овие аспекти од историјата. Овој селективен пристап придонесува за создавање на идеализирана слика за сопствената нација. Но, тој истовремено и манипулира со чувствата на граѓаните. Ниту писмата на Мисирков го намалуваат неговото значење за македонската нација и национална идеја, ниту пак оние кои повикуваат на линч не ги прави поголеми Македонци.
Врската меѓу исклучивите погледи кон минатото и говорот на омраза кон секој кој има различно мислење е последица на тоа како сме образовани да гледаме на, и чувствуваме за историјата, за нејзината релевантност во нашето секојдневие (особено во политичкиот живот), но и воопшто, нивото на развој на академската историска мисла.
Последните реакции покажуваат дека историјата во јавниот дискурс е силно политизирана. Истовремено, таа е најчесто е сведена на „кафански муабети“ (со сета почит кон кафеаните), и за жал е восприемана и раскажувана во доста романтичарска и митологизирана форма. Убеден сум дека голем дел од луѓето, вклучително и оние кои денес фрлаат клетви и отрови против секој што мисли поинаку,не прочитале многу што пишувал Гоце Делчев, кој бил Тодор Александров, да не зборуваме за Цар Самоил, Александар Велики и други личности кои се дел од македонскиот национален историски дискурс.
Притоа, романтичарската и митологизирана историја луѓето ја спознаваат преку повеќе начини: историското образование, кое честопати промовира негативни погледи и вредносни судови за другите народи и култури, и отворено ги промовира национализмот и авторитарноста, кои пак поттикнуваат поделби во општеството, јавниот дискурс во кој политичарите и историчарите говорат за теми од минатото, но и средината во која живееме и растеме.
Што се однесува до јавниот дискурс кај нас, но и во Бугарија, последните развои кои започнаа со објавувањето на содржината на Изјавата на Република Бугарија приложена кон записникот од состанокот на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март оваа година, и дополнително вжештени со изнесените ставови на професорот Малески, укажуваат за проблемите кои македонското и бугарското општество ги имаат со силно политизираните истории.
Имено, јавните коментари јасно укажуваат дека историјата поскоро се гледа како на национална дисциплина. Таа редовно е составен дел од политичките говори. Притоа, политичарите често зборуваат како да се историчари. Дури е неверојатно и непријатно во колкава мера историјата се користи за да се мобилизираат приврзаници на политичките партии. Ова пак е особено присутно кај десницата и во Бугарија и во Северна Македонија. Сепак, фер е да се каже и тоа дека политичарите не се предодредени да бидат непријатели на историската наука.
Фер е да се каже и дека во јавниот дискурс политизацијата на историјата не доаѓа само од политичарите, туку и од самите историчари. Изминативе денови во македонското општество беа искажани различни ставови во врска со македонската и бугарската историја, за прашањето дали имаме или не „заедничката историја“ со Бугарите и, секако, најчесто одговораното прашање, „чиј е Гоце Делчев?“.
Притоа, се искажуваа и мислења дека Комисијата треба да се распушти и дека „нема што да преговараме со Бугарите за македонската историја“. Како и со примерот со професорот Малески, така и во овој случај селективниот пристап доминира. Во јавните настапи често се приметуваат пораки со кои се создава чувство на несигурност, чувството на „Губење на идентитетот“, дека „ќе се откажеме од националната историја“, дека „нашата историја ќе ја пишува друг“, дека „македонските историја ќе биде прогласена за бугарска“, итн.
Причините за оваа состојба се со сигурност повеќе. Меѓутоа, од аспект на историската наука во основа лежат пристапите во проучувањето на минатото и разбирањето на неговата улога во современите општества. Така, кога се вели дека „нашата историја ќе ја пишува друг“ или пак кога се даваат толкувања дека Гоце Делчев припаѓа само на македонската историја, тоа подразбира дека националните истории се исклучиви и дека ништо не споделуваат, или немаат ништо заедничко со соседните народи и нивните национални истории.
Последните децении во општествените науки кои ги проучуваат нациите ова толкување е отфрлено. Денеска, многубројните истражувања на нациите покажуваат дека националните идеологии се испреплетени, дека нивниот развој е меѓусебно повлијаен, поточно тие се создале преку меѓусебна интеракција. Тоа не е само случај со македонската национална идеја, туку и со другите балкански национални идеологии. Не може да се разбере создавањето на македонската нација без да се погледнат националните идеи на Грција, Бугарија и Србија. Митот за Александар Велики и античка Македонија е нешто што преродбениците од 19 и почетокот на 20 век го презедоа од грчката национална идеја и обидите на грчката држава да ги вклучи негрчките православни христијани во грчката нација.
Можеби поврзаноста на македонската со бугарската нација е посилна отколку со другите, но тоа не ја прави историски бугарска нација. Точно е дека дел од историските личности значајни за македонската национална историја и идеја се декларирале и како македонски Бугари, но тоа нас денес не нѐ прави Бугари. Етничкиот идентитет не е биолошка категорија. Ние не се раѓаме како Македонци или Бугари, туку тој идентитет го стекнуваме во текот на нашата социјализација.
Затоа сметам дека е неприфатлива тезата која ја отфрла поврзаноста на македонската со соседните национални идеи. Во тој контекст, заедничките чествувања и секако реформа на образовните политики во насока промовирање на педагогија на мирот можат да имаат позитивна улога, доколку се почитуваат чувствата и историските традиции на двата народа, а не да се користат за да се докажува историска сопственост на еден врз друг народ, што пак само ќе ги одржува старите и ќе поттикнува нови поделби помеѓу двата народа и во рамките на двете општества.
Текстот на Петар Тодоров е објавен по барање на НОВА, како придонес во дебатата за македонско-бугарското прашање
(Авторot e историчар)