НИКИЦА КОРУБИН
Европа е комплексна целина, која се соочува со предизвиците на своите темелни вредности, но и скриени фобии и надоаѓачки ксенофобии и национализми. Дел сме од поголема приказна, која го преиспитува своето постоење во оваа форма
Историјата не’ учи, не само за тоа што било во минатото, туку за тоа што се случува во сегашноста. Европа е комплексна целина, која се соочува со предизвиците на своите темелни вредности, но и скриени фобии и надоаѓачки ксенофобии и национализми. Дел сме од поголема приказна, која го преиспитува своето постоење во оваа форма.
И кога мислиме дека се’ е против нас, не разбираме дека емоцијата доаѓа од очекувањата, ама рационалноста од стварноста. А, таа ја прифаќаш или игнорираш. Паметните го прават првото, а калкулантите второто, како што го правеа многу калкуланти кај нас во блиското минато, плашејќи се од тешките и неопходни одлуки.
И сега кога оваа реалност е наша, колку што е и европска, само одењето напред е решението. Напред во враќањето на вредносниот систем, напред во реформите на духот, напред во разбирањето што е тоа држава и како таа функционира. Напред во сознанието дека не сме сами, ама и не сме најважни. Европа е конгломерат на различности кој треба да се негува, и секоја поединечна акција е влог во таа заедничка иднина.
Секоја криза ги вади на површина мотивите и позадината. Секој одговор ќе го добие своето прашање. А, ние секако го знаеме одговорот на нашето прашање: каде е нашата иднина? Таму, каде што било минатото и сегашноста … во Европа, како концепт на заедништво, толеранција и меѓусебна почит, како спој на култури, како се она во што веруваме. Нема да бидеме проблемот, ќе бидеме решението, наше и нивно.