ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Три месеци некој, затскриен, си поигрува со целата домашна јавност од моментот кога се појави нелеганиот објект кај „Мавровка“, а веќе денеска сите на виделина! Освен за инвеститорот, простор за кривичен прогон има и кај лица од Општината, оти знаеле кој и зошто гради, но и поради тоа што на два пати не успеаа да изберат фирма која ќе урива
Не можам да поверувам дека уривањето на нелегално изградениот објект пред деловно-трговскиоот центар „Мавровка“ ќе биде вест на денот и дека некои медиуми уривањето ќе го пренесуваат во живо?!
Не, немам намера да се мешам во ничија уредувачка политика, но за мене, уривањето може да биде само вест, како и секоја друга и не може да биде ништо повеќе. Не можам да ја разберам и еуфоријата која завладеа изминативе неколку дена, откако во јавноста беше објавено името на инвеститорот, а не ја разбирам и еуфоријата со поднесената кривична пријава и одлуката на Владата со која самата го презема уривањето на нелегално изградениот објект.
Да се разбереме: јас не поддржувам градбата кај „Мавровка“, но искрено, од Владата, уште на нејзината прва седница, очекуваав дека ќе преземе малку порадикални чекори во насока на комплетно сузбивање на вакви самоволија, а од Министерството за внатрешни работи очекував, освен за инвеститорот, да поднесе кривични пријави и за некои луѓе од Општината!
Имено, денеска, кога почна уривањето, се појави „анонимниот“ инвеститор. Тој, во придружба на адвокат, сега тврди дека за она што тој го гради имал изработен елаборат, дека платил комуналии и дека од Општина Чаир добил одборение за градба.
Ако ова што го тврди инвеститорот е точно, тогаш не постојат никакви правни пречки некој друг, освен него, да понесе кривична одговорност. Значи, за тоа што нелегално градел и што се криел со месеци од јавноста, но не може Општината да прима пари, а да не знае кој гради и што гради! Не мора да е човек многу упатен во состојбите за да да знае дека за да се гради нешто е потребна градежна дозвола и дека постои градежна книга, но некој, верувам свесно, не сакал да ја отвори градежната книга па да прочита кој е тој што гради, а кој сето тоа го плаќа.
И двата неуспешни тендери, за избор на фирма која ќе урива, оставаат простор за кривичен прогон, бидејќи е незамисливо да не може да се најде компанија која за малку работа може да земе убави пари.
И пожарот во „Фонтана“, од пред неколку месеци беше добар индикатор за она што подоцна ќе следи, но уверен сум дека некој намерно ја туркаше работата во погрешна насока.
Ајде само да се потсетиме на вандализмот наречен „Скопје 2014 година“ и да се пристетиме дека глупаво потрешените 600 милиони евра државни пари никој не понесе одговорност.
Одговорност нема ни за уривањето на станбено-деловниот објект „Космос“, на Фијат Цаноски! Има обвинети, има судски процес, но нема казни!
А токму „Космос“ е синоним за самоволие на власта, која самата избира фирма која за 110 сантиметри во основа сруши објект од 10 ката. Цел еден август се нагледавме како тоа се урива нешто за што се беше платено, за нешто за што имаше добиено секакви дозволи, а кога работата ќе запнеше, Никола Груевски ќе препорача динамит, „за да не го тупеле“!
Од актуелната власт се очекува да продолжи онака како што започна, но и да ги гони сите оние кои мислат дека можат да се однесуваат и како Нефи од Охрид.
Изгледа дека понекогаш треба и динамит?!
Мора!
За да не го тупиме!