БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Корупцијата во 90. години беше оквалификувана како октопод од страна на тогашниот премиер Бранко Црвенковски, и денес тој резигнирано констатира дека Македонија е корумпирана земја, но, но. Нешто друго сега е поважно во неговиот случај- ако бирате да ги предадете татковината и пријателот, се знае кој се одбира, секоја дилема е крајно непристојна
Северна Кореја е симбол на диктаторска земја, со физички пресметки кон неистомислениците, терор, прогонства, измачувања.
Еднакво е загрижувачка состојбата на медиумите, но и на правото на луѓето да ги изразуваат своите сопствени уверувања, погледи и ставови, или политички и други чувствителни теми, без да стравуват од надгледувања и казна. Во оваа земја скоро сите форми на приватна комуникација се надгледувани од огромен број на информанти. Мобилните телефони кои функционираат на нивната мрежа се користат како алатка за надгледување од страна на државата, која може да ја преиспитува употребата на мобилни апликации на луѓето, како и историјата на пребарувања, и- државата може да ги слика нивните активности. Новите мобилни телефони се така дизајнирани што можат да ги блокираат напорите на корисниците да консумираат медиуми кои не се одобрени од државата. Обичните корисници на мобилни телефони немаат пристап до глобалниот интернет, но можат да се приклучат кон интранетот, кој е воден од страна на државата. Само мал број на елитите имаат пристап до интернет, до кој имаат пристап преку нивниот сопствен сервис. Домашните и меѓународните мобилни сервиси се држат стриктно одделно, и постојат извештаи за сузбивања на корисниците со телефони со кинеско потекло. (Фридом хаус)
Овие состојби, се опишувани и од други кредибилни меѓународни организации и институции и има многу мали, минимални, скоро непостоечки шанси да бидат невистинити, колку и да е добро, препорачливо и здраворазумски да се имаат одредени резерви, скепса и сомневања за вистинитоста на овие податоци.
Зошто е сега важна Северна Кореја за Македонија?
Погледнете ги податоците за попис на Државниот завод за статистика, најнормално достапни на интернет, во една уште понормално, слободна земја, на која воопшто не и се ограничува пристапот до медиумската, како и до јавната сфера.
Значи, на страницата за пописот од странство, пишува дека се попишани 14 лица од Северна Кореја, поточно, од официјалното име- Демократска Народна Република Кореја.
Се разбира, би било несериозно и тенденциозно да не се верува во интернет податоците на македонскиот Завод за статистика. Од друга страна, би било крајно политички аматерски да не се верува во сознанијата на релевантни меѓународни институции и организации. Има две опции- првата, тие 14 луѓе кои се изјасниле како Македонци мора да се високо позиционирани функционери, елитата на Северна Кореја, онаа која му ја јаде со искривена насмевка целата храна на сиромашното население и водата му ја цеди крвнички, пред негови очи, садистички и сурово се изживува со нив.
Живи ги јаде тие луѓе, доколку несакајќи грешат, не размислуваат секогаш докрај, не се во секој даден момент присебни, значи случајно, го почешале капакот на левото око или трепнале повеќе од три пати, колку што е одобрено од неговото величество, извонредниот лидер Ким. О, господа, тоа мора да е некој опасен, нов знак на нашите омразени гадови, западните империјалисти, носете го во најблискиот логор, каде ќе биде најпрво дерен милиметар по милиметар, па потоа обесен за да висне за лекција за сите идни неосознаени глупаци како него, уште оваа вечер, ако не бил уште вчера, за секој случај.
Втората можна опција: прославените хакери направиле елегантен упад во системот на Заводот за статистика, но сепак, секоја чест, се воздржале и решиле да останат вистинска господа, во најкритичните моменти, знаејќи дека се има свои граници.
Инаку, ова е вистинско чудо- како сите не не завеле како чистокрвни Бугари, што живеат во непрежалената Јужна бановина, говорат течно свахили, а се чисти протестанти, по мајчина религија, а она што е најзагрижувачки, сите овие несреќници пред зградите си изградиле ќенефи, да не ги валкаат раскошните царства од домови.
Но, вербата во институциите мора да превагне- секако дека верувам дека во Северна Кореја живеат 14 Македонци. Во земја во која и покрај тоа што администрацијата е прославена по тоа што е огромна, мастодонтска, ретките само се соодветно квалификувани, и уште поретките навистина работат- токму на таква администрација и се нуди да работи само четири часа во петок, во ваква земја, сѐ е можно.
Или во земја во која корупцијата во 90. години беше оквалификувана како октопод од страна на тогашниот премиер Бранко Црвенковски, и денес тој резигнирано констатира дека Македонија е корумпирана земја, но, но. Нешто друго сега е поважно во неговиот случај- ако бирате да ги предадете татковината и пријателот, се знае кој се одбира, секоја дилема е крајно непристојна. И, каков апсурд- заради неговата анализа, тој е исмеван и понижуван на јавна сцена од истите луѓе на кои, сепак, им бил политички ментор, некаков, макар и никаков – денес така би ви кажале, и можеби би биле во право. Но, но. Или можеби им бил пријател, или добро, еден вид пријател. Или, може и вака- мора да било тоа драг пријател добога, затоа што на некој начин, еве, нека не е и најдрагиот, им помогнал низ годините, во кариерата, ги туркал, им прогледувал низ прсти, грешел тој, грешеле и тие, но се во рамките на еден приватен однос, колку и секогаш да не е случај да бил близок, колку и да не бил толку драг.
Тие луѓе на некој начин му должат еден убав збор, така обично бива со старите другари, кога нешто сте поделиле, сте споделиле, на црвениот тепих или на маса со кариран чаршаф, јавно ќе кажете нешто добро, ќе промрморите, макар било неодредно или неразбирливо, но ќе биде невозможно да не се изусти некоја буква, макар тешко се дешифрирала подоцна, макар се впрегнала сета разузнавачка армија, секако не овдешната, не ги засмејувајте сериозните служби.
Или барем премолчување, што, знам, е тешко, но сепак се работи за воздржување на јавна сцена, нека биде сосема скриена, во себе секако, воздишка, мисла која пролетува- ех, тој ли, но, но, инаку сѐ друго е крајно непристојно, во најмала рака, драга господо.
Затоа што, сепак, да не се залажуваме- се работи за македонската прочуена добрина и благост, сметајте на неа- оние 14 Македонци од Северна Кореја, на пример, кога еден ден ќе се вратат тука, се најдобро би кажале за извонредниот лидер Ким. Па дури и да не се вратат, тој лично им дозволил да се попишат докрај, и притоа, великодушно, со сето срце, при здрава свест, бистар ум, по што најмногу е познат, не ги егзекутирал. Доказ е интернет страницата на Државниот завод за статистика.