На 6 февруари влегуваме во следната фаза на нашето зачленување во Алијансата. Веројатно е тоа добар знак дека влегуваме под чадорот додека над Балканот се готви луња, според последните извештаи на американските безбедносни служби
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Од заeдничкиот извештај на американските безбедносни служби под наслов „Проценка на заканите низ светот“, што во Сенатот го претставиле Дениел Коутс, директор на Нејшенел интелиџенс, Џина Хаспел, директорка на ЦИА и други слични институции, се гледа дека сите тие имаат поинаква слика за светот отколку нивниот претседател Трамп. На пример, во извештајот стои дека ИД во Сирија и Ирак има под оружје илјадници милитанти. Потоа дека Ким Џон Ун се уште има империјални соништа а дека Русија во 2016 година ги имала за цел инфраструктурите важни за претседателските избори во САД. Извештајот кој има 42 страни, го споменува Балкан само во две реченици, велат оние кои го виделе. „Западниот Балкан во 2019 година ќе остане речиси сигурно во состојба на одреден ризик од насилство од ниско ниво и возможно, од отворен воен судир. Русија ќе настојува да ги искористи етничките тензии и корупцијата на високо ниво како би ја спречила способноста на државите од тој регион да продолжат да се приближуваат кон ЕУ и НАТО“. Ова стои под категоријата „Балкан“. Тоа, велат оние кои го виделе документот, сепак е речиси истоветен простор со „количеството на информации“ посветени на Британија или Турција, подрачја кои се секако многу битни за работата на американските безбедносни агенции.
Извештајот не ги набројува поконкретно местата на потенцијалниот конфликт, како и страните кои би биле инволвирани. Од гледна точка на Македонија добро е што – практично во последен миг – земјата оди понатаму во интеграцијата во НАТО и на 6 февруари тоа ќе биде кажано urbi et orbi. Кога една новинарка ме прашуваше за проценките за нашиот влез во НАТО при последниот јулски викенд, јас ја споменав поговорката која често ја говореше дедо ми – „не фати зимата без пердуви“. Си мислеле старите дека оние пилиња кои доцна ќе се испилат, нема да се оформат како битија кои ќе можат да ги преживеат тешките денови со ветер, студ и снег.
Оваа илустрација доаѓаше од фактот дека тогаш пред себе ја имавме неизвесноста на референдумот, на гласањата во Парламентот, кои беа практично полни со песимистички прогнози! Особено заради фактот дека Балканот во то време не беше навистина привлечно место. Идејата на српскиот претседател Вучиќ за размена на територии со Приштина, со неговиот колега Тачи, најавуваше вистински регионален земјотрес. Регионот Санџак во тие денови преку еден свој политичар (Зукерлиќ) се произнесе дека не ја признава централната власт (на Белград), во Босна и Херцеговина се најавуваа турбулентни избори… Тоа беа матни прогнози за брзи нарушувања на безбедноста, додека, нели, прогнозите за нашиот прогрес после потпишувањето на Препанскиот договор не беа сјајни и во Скопје и во Атина.
А потоа, од ланската визура, и за нас и за Грција доаѓаше 2019 година, која, со промените кои речиси сигурно ќе дојдат после европските избори, бидејќи, ако го пропуштевме тој последен воз за влез во Алијансата и евентуално почнување на преговорите со Унијата се враќавме назад во глувчешката дупка.
Во овој миг има промени на таа карта на стравувањата дотолку што некои западни политичари, германската канцеларка Меркел пред се, успеаја да му речат стоп на Вучиќ во неговите хипотетички географски прекројувања. Поважно е дека тоа го стори јавноста и во Приштина и во Белград. Протестите во Белград, кои ја здружија и левицата и десницата едноставно си најдоа иницијална каписла во фактот дека Вучиќ води значајни, судбински преговори зад превезот на тајноста, ама се чини и самобендисаноста. Дури и црквата му ја тргна чергата, па тој сега изгледа постојано како покиснат. Особено кога и Путин, по неодамнешната посета, неговиот силен сојуизник, не го удостои со преголемо внимание – му даде орден, го одби да го прими во Евроазиската економска унија и се качи во авионот за назад за Москва!
На разбудената десница во Хрватска не и е одбивен рускиот капитал во банките, нафтено-гасниот бизнис и слично а веќе заборавивме на аферата на Карамарко, со неговиот обид за измама кога руски капитал го замаскирал во хрватска фирма, која вложува во Финска?!
Како што се предвидуваше,изборите во БиХ донесоа заострување на муслиманско-хрватските односи, што атмосферата во Сараево ја прави уште подраматична, на некој начин и покомотна за лидерот на Република Српска Милован Додик, традиционалниот носител на иредентизам во обид кому сценариото „што полошо, тоа подобро“ не му е туѓо..
Бидејќи, се верува дека и покрај мрморењата од двете страни на границата на опозиционерите, Грција и Македонија донесоа олабавување во регионот, па главната опасност сепак се гледа во ситуацијата со евентуалното нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Она што по тоа прашање доаѓа од Вашингтон, како некаква „пакс американа“, не исклучува дека територијалните промени можат да минат, иако тоа секако не е мислење на одговорните за безбедноста во најмоќната земја на светот. Британија, во исто време бара само признавање на независноста на Косово во рамките на постојните граници. Но тука е и Александар Вучиќ кој постојано подвлекува дека ситуацијата е „дај што ќе дадеш“, па за тоа ја подготвува српската јавност, иако почетокот не му е – успешен! Без да му е тоа веројатно стратешка цел, целата ситуација со територијалните (не сосема видливи) предлози околу Косово може само да резултира, засега, до пад на коовската влада и одново да се добие бесконечно меѓупартиско пазарење во Приштина.
„Не сакате разграничување со Албанците? Нема проблеми – кажете им на луѓето дека за 40 години ќе треба да го браниме Врање“ – коментираше Вучиќ, во преписка со епископот рашко-призренски Теодосиј.
Основна опасност на Балканот – тоа не стои во извештајот на ЦИА – е концептот на чисти етнички територии и туткањето на сцената во тоа име на „конечни решенија“, место градењето на толку посакуваниот мултикултурализам.
Македонскоо исксуство на тој план е премногу изолирано, па и негово напаѓање токму како такво, како исклучок во балканските практики, нов ветар што ги расипува „националните фризури“. Дали чадорот на НАТО ни ги отргнува грижите? Тешко е да одговори децидно на тоа прашање, ама без тој чадор ситуацијата би била и повеќе од загрижувачка.