Секојпат кога густ чад ќе излезе од ауспухот на некое возило, катастрофа во облик на црн јагленов чад на скопското небо, секојпат кога воздухот ме штипе за грло, објавувам крај на една земја. Станувам екологист. И плачам. Од мојата тага би затрепериле и земјините полови. „Зошто ни е куќа, ако нема прифатлива планета на која ќе ја ставиме?“, рекол Хенри Дејвид Торо.
ЕМАНУЕЛ РЕМБЕР
„Природата во секој момент се грижи за вашата благосостојба. Таа нема друга цел. Не ѝ се опирајте.“
Хенри Дејвид Торо (1817 – 1862)
Дишење.
Стапица за политичарот е кога има премногу кислород, па си вели: „воздухот, тоа сум јас“, заборавајќи притоа на неговиот квалитет. За хроничарот, пак, стапица е кога ќе стане адвокат на Доброто: чист воздух и чиста вода. Без чист воздух ќе нема веќе опиеност кај другиот, кај нас самите. Активизмот навистина не ми е во ДНК, но ако вака продолжиме, ќе се задушиме. Ако и понатаму вака го загадуваме воздухот, никогаш ништо не ќе биде како потоа. Знаете, стварноста, нејзините отпадоци, и тоа е зло. Знам, си имаме работа со чудовиште. Како да се справиме со него? Секојпат кога густ чад ќе излезе од ауспухот на некое возило, катастрофа во облик на црн јагленов чад на скопското небо, секојпат кога воздухот ме штипе за грло, објавувам крај на една земја. Станувам екологист. И плачам. Од мојата тага би затрепериле и земјините полови. „Зошто ни е куќа, ако нема прифатлива планета на која ќе ја ставиме?“, рекол Хенри Дејвид Торо.
Ако вака продолжи, никогаш не ќе биде како потоа. Земјата ќе биде загадена за долго време и засекогаш, од што тешко ќе се опорави. Иднината ќе биде запишана еднаш за секогаш. Дишењето ќе ни биде отежнато. Нашите деца ќе страдаат. Ќе се задушуваат. Големиот човечки ѕвер, односно сите ние, ќе нема никаков аргумент за она што сме го направиле за да ја загадиме Земјата. Ви го претставувам неизбежното. Но, ако вака продолжиме, ќе успееме да го оствариме.
Дишење. #ecolo
Недостигот на средства принудува сѐ да пресметуваме, до последен денар, секојдневно. Чистиот воздух погоден за дишење е како пари, треба да си оставаме на страна за тешки времиња. Еден ден, и тоа не толку далечен, ќе се запрашаме што ја прави една земја успешна. Ќе биде тоа земја со чист воздух, што не штипе, што се дише. Ништо повеќе. Ништо помалку. Само тоа. Нема ништо потрогателно од земја во која ќе доаѓате да дишете.
Да не ја предаваме битката. За да биде иднината долготрајна, да напишеме „зелена книга“. Борбата против нееднаквоста не треба да нѐ попречува во борбата против загадувањето во нашето маало. Тоа не го правам за мене, не го правам за земјата во која престојувам, не го правам за планетата, не го правам за нашите деца. Го правам за сите истовремено.
Еве конечно една реченица на екоактивист: „Предизвикот на кој треба да одговориме е наша историска одговорност“. Еве уште една: „Населението живее во опасен воздух“.
Да не дозволиме да исчезнеме. Како нашите животи помалку да загадуваат? Да се разбудиме. Ако загадувањето продолжи, ќе настане гадна војна.
- П.С.: КОП 23 само што заврши. Македонија неодамна го ратификуваше Договорот од Париз КОП21, чија цел е да се забави загревањето на планетата. Ви благодарам! Но, 2018 година веќе се навестува како напорна за преговарачите за климатските промени. ООН тоа постојано го повторува: ќе треба да се започне со спроведување конкретни активности.
(Авторот е директор на Францускиот центар во Скопје)