И, по половина декада од првичното претставување на 13. Конференција на Интернационалниот комитет за конзервација на мозаици (ICCM) во Барселона, македонскиот уметник и козерватор Никола Упевче се’ уште го чека ветеното поставување на неговата „Мозаичната мапа на Охрид и Лихнид“ во родниот град
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Никола Упевче е конзерватор и мозаичар. Уметник. Роден и израснат со уметноста. Еден од оние кои е предодреден животот да и го посвети на нејзиното величење и чување за идните генерации. И, уште повеќе тој е еден од ретките што настојчиво и со многу откажувања се обидува и успева да ја проникне тајната на каменот и неговото природно врзување со стаклотот и другите нему сродни материјали. Од семејното ателје на неговиот татко и ликовен хроничар Славчо Упевче на влезот во Чаршијата, преку спомениците кои говорат за нашето траење и воздигнување со векови наназад, светлината на древниот Охрид… Никола со сета своја истрајност, љубов и верба се обидува да ја транспонира својата заложба за зачувување на вистинските вредности во времето пред нас. За векови. Да ја заокружи сликата за нас како градители, неимари кои го ѕидаат мостот од минатото, сегашноста кон иднината. Длабоко и силно инспириран од својот град и загрижен за неговата нагрдување, обезличување… Упевче полека но сигурно, сложувајќи камче по камче, боја по боја… стреми кон суштината на своето постоење. Да остави белег за своето, нашето постоење. И, богами тоа го прави без кревање врева, фалби и празни зборови … оти тоа им прилега на вистинските. Од Бога надарените.
И, затоа кога ќе рече дека „неговите дела можат да се најдат на неколку локации во градот“… Така негов мозаик од 2003 година може да се види на карпа покрај плажата Горица 3, а во близина е и колажот „Дрвото на животот“ . Автор е на сводниот мозаик поставен над јужниот влез во олтарот од црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско изработен исклучиво со камења во 2005 година… Потоа на мозаичните фрагменти „Фонтана на животот“ поставени во 2006 на летната тераса од ресторанот „Св.Софија“… Во 2015 година ја направил декорацијата за Фонтаната со реконструкција на антропоморфните претстави за „Четирите рајски реки“ на Плоштадот – Мини Маркет, а три години подоцна и мозаикот „Два гулаби пијат вода“ на чешма од црквата Богородица Пандонос.
И, тука не е крајот оти како творец има изедено и неколку дела во странство. На пример еден мозаик со логото на градот Арл „ARLES AB IRA LEONIS“- негов подарок за местото и копија на мозаикот „Медуза“ за Музејот на Арл и Античка Прованса. Мозаикот „Сонце“ на влезот од Центарот за сместување и дневен престој на деца со инвалидитет, задужбина на Делта холдинг во Белград, Србија…
Никола Упевче учествувал во изработката на неколку групно изведени мозаици во склоп на „Уметноста на мозаикот“ во Назано, во Рим, Италија.
Тој е и уметникот што пред неколку години ја изработи се’ уште не поставената „Мозаичната мапа на Охрид и Лихнид“… и на крајот на минатата година, за празникот, во Маврово го постави мозаикот посветен на Свети Никола. И, по набројувањето тој онака скромно знае да рече: овие како и многу други помали дела на различни страни од светот зборуваат за мојата страст и желба да се изразам во оваа трајна техника. Мозаикот.
И, овде некаде почнува разговорот. За уметноста, неговите дела, за древниот Охрид кој стенка под атаците на негрижата и урбаната мафија, за Мапата… Најмногу за делата, спомениците на културата, нивната заштита… и творештвото втиснато за навек.
Работен според иконата од Дичо Зограф од црквата Св. Никола Геракомија во Охрид, токму во чест на празникот, на вашиот именден, на влезот на црквата Св. Никола во Маврово го поставивте своето ново дело – мозаикот посветен на овој светец. Каква радост чувствувате во тој момент? Има ли поголема победа за еден творец освен мигот кога плодовите на својата работа почнува да ги споделува со јавноста, со луѓето околу себе?
– Уметноста на мозаикот претполага време посветено за осмислување, планирање на материјалот, трпеливост, внимателност и прецизност при изработката и монтажата. За мене сето ова како автор е посебен предизвик и не случајно сум ја одбрал оваа макотрпна техника која и во дамнешни времиња се сметала за „вечна слика“. Станува збор за трајни вредности, за дела кои што одолеале на времето, значи дела кои ќе сведочат за нашето културно делување во ова време, како што сведочат бројните мозаици од нашите археолошки локалитети за нивната култура и време. Мене лично оваа димензија ме восхитува и плени и затоа својата работа ја насочив кон проучување, заштита и промоција на оваа ликовна техника. Како конзерватор успеав да работам на мозаици од повеќе различни периоди од историјата и полека да проникнувам во тајните на вештината за геометријата, осмислувањето на композициите и обработката на материјалите.
Играта со комбинирањето на различни природни минерали, стакло, теракота и друго за мене како автор е непрестана и инспиративна. Преку своите дела сакам да ја продолжам приказната забележана на еден натпис од ѓакониконот на Поликонхосот од Плаошник :„Го направија за свој благослов, оние чие име го знае само Бог“.
Од каде идејата и потребата за изработка на овој мозаик посветен на Свети Никола? Колку долго го работевте? Конечно, до каква дефиниција стигнавте вие по долгите години на едукација и вложен труд за уметноста на која одлучивте да и го посветите својот живот?
– Приказната за мозаикот почнува со една иницијатива на двајца вљубеници во Маврово, господата Јован Гаврилоски и Васил Степанов, кои минатото лето го посетија моето ателје во Охрид. За нивната благородна мисија, обновата на Црквата Св.Никола Летен (Потопената црква), непосредно во тоа време се информирав од печатените и електронски медуми. Како ревносен скијач во минатите години ми беше сосема познат амбиентот во кој се наоѓа и не случајно нејзината фотографија се најде на страниците на многу медиуми. Откога подетално се запознав со историјатот на црквата која била изградена во1850 година, а во 1857 била завршена, се градела со мермер и гранит, имала мермерен олтар, вреден иконостас и уникатен под кој во иднина се надевам дека ќе се конзервира и реставрира. Била иконописана од големиот македонски мајстор Дичо Зограф. Од 1953 со изградбата на хидросистемот и Мавровското Езеро била потопена.
Како добар познавач на делото на овој мајстор на чиј фрескоживопис сум работел во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско во Охрид и тука би споменал еден куриозитет, при чистењето на фреските од наслаги со екипа од Републичкиот завод за заштита во 2000 година го пронајдовме неговиот потпис на две места во фрескоживописот. Еден на мечот од Св. Јаков на јужниот ѕид од црквата (се потпишал слично на Михаил и Евтихиј од Богородица Перивлептос) и друг во големата конха од наосот помеѓу претставата на градот со бродови…
Како модел за изработка на мозаикот го зедов Св. Никола од престолната икона од Дичо Зограф од истимената црква Св. Никола – Геракомија од Охрид.
Мозаикот го работев во моето ателје од 1 Август до неговото излагање во нашата Галерија за време на празникот посветен на Св.Никола на 19 Декември 2021 а истиот беше поставен на неговото место на 28 Декември 2021година.
Сметам дела во блиска иднина ќе помогнам во конзервацијата и обновата на убавиот под изработен од фајанс и истиот уште многу долги години ќе зрачи со својата извонредна убавина.
„Мозаикот од подот ја избегнал судбината на мозаиците и фреските по ѕидовите. И после целосното рушење на објектот, подот останува со сликата од неуништивите камчиња како сведоштво на уметноста и за состојбата на духот воопшто.“ Г.Ц.Томашевиќ извадок од книгата „Рано византиски подни мозаици“
Со оглед дека потекнувате од семејство на творци, на мнозина ќе им беше логично да ги следите стапките на својот татко познатиот охридски и македонски сликар Славко Упевче. Меѓутоа вие изгледа настојчиво се решивте да ја следите својата ѕвезда – да бидете во уметноста, но и да бидете свој на своето. Како се роди таквата идеја? Кој притоа најмногу ве насочуваше во тој правец? Од кого учевте? Што научивте за себе?
– Кога растете и се развивате во вакво уметничко и научно опкружување, несомнено е кај вас да се поттикне потребата за креативно изразување.
Мојот татко како врвен сликар, мајстор на техниките (сув пастел, акверел и туш) и неуморен хроничар кој упорно ги бележи препознатливите амбиенти на Охрид и неговото природно и културно наследство е несомнено мојот прв учител и критичар. Растев во неговото ателје опкружен со бројни слики и цртежи, сликарски материјали… и уште од најрана возраст можев да ги испробам разновидните сликарски техники. Помагав во изработката на повеќе рекламни паноа кои во тоа време се работеа рачно со боја и четка, букви од стиропор и тапет за најразновидни настани и многу други видови декорации.
Вујкото на мојот татко – доктор Никола Бошале, вљубеник и неуморен истражувач на природното и културно историското наследство, напиша повеќе книги во кои разработува најразлични теми врзани за Охрид, екологијата, туризмот, архитектурата, резбата, музиката, Св.Климент Охридски, Прличев, Чинго и многу други теми кои доаѓаат до ALMA MATER за првиот сесловенски универзитет на Плаошник. Дел од моите студиски години на Факултетот за ликовни уметности во Скопје ги поминав кај него и ликовно обликував повеќе насловни страници за неговите дела.
Мојот вујко Ристо Миса беше сопственик на дизајнерско студио со печатница РЕМ Дизајн во Струга. Тој ме воведе во тајните на сито печатот и беше неуморен истражувач на повеќе техники за печатење. Ми ја всади љубовта кон истражувањето во развојот на техниките и технологиите.
Има уште мнозина луѓе од културата кои се заслужни за моето образование, како на пример мојот прв педагог по ликовно образование кој ми ја организираше и првата изложба г-дин Спиро Шулајковски, тука е и Александар Патчев, а во Гимназија мојата професорка Ангелина Дамјановска Наумовска. Тука се и професорите од Ликовната академија, – сликарите Душан Перчинков, Симон Шемов, Момчило Петровски – Моцо кој ме воведе во тајните на изработката на мозаиците и Благоја Кузмановски кој ме упати кон светот на заштитата на културното наследство. Особено значајни во тој процес на едукација за мене се и соработките со Академик Цветан Грозданов и Вера Битракова Грозданова, со Паско Кузман и колегите од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Ефто Димовски конзерватор од Битолскиот Завод за заштита и многу други.
(продолжува)