Архитектите уверуваат дека охридската куќа била правена по мерата на човекот и тоа го привлекло вниманието на Европа и светот. Меѓутоа куќата во Охрид најнапред морала да биде замислена по мерата на екосистемот
И, во ваквата бркотница која се нарекува живот, уметнички живот, посебно во овие и вакви времиња кога уметноста и убавината се покриени од грдото каде и да се завртиш, ќе се најде ли некој да пресече конечно по две години од нејзиното завршување, таму каде што и прилега и е планирано, Долна порта, токму на влезот во Стариот град, да се најде Мозаичната мапа на Охрид и на некогашен Лихнид? Фотографијата да биде заменета со оригиналот. Тој да светне со сета силина и моќ за раскажување на приказната. Зошто толку долго се чека на таквиот свечен и голем чин за македонската култура?
– Се надевам дека со поставувањето на ова дело на вакво место ќе се збогати доживувањето и свесноста на луѓето за значењето на културното наследство од ова единствено место. Ќе се збогати и свесноста за оваа прекрасна ликовна техника која ја изработувам и изучувам. И уште многу други дела ќе произлезат за да сведочат за убавините од различни епохи кои во својата утроба ги чува овој град. Пред светот и пред научната фела од УНЕСКО ќе се покаже желба за зачувувањето не само на материјалните остатоци од едни минати времиња туку и за живата уметност која се негува и инспирира за создавање на нови дела. Сметам дека со една несебична соработка меѓу локалната самоуправа и Министерството за култура како и многу други институции и поединци поврзани со туризмот воопшто може да се изнајде начин и конечно ова дело да блесне во полн сјај.
Чисто за потсетување, Мапата ја работевте повеќе од една деценија и притоа се обидовте со неа да говорите за значајните археолошки наоди од јадрото на стариот град, на јавноста да и ја претставите еден вид картата на „закопаното богатство“ во Охрид кој пулсира и стенка под атакот на денешнината. Како одеше целиот тој процес кај вас? Колку притоа и се враќавте на иницијалната идеја? Се кршевте ли вие како творец при изработката? Колку пати ја сонувавте и поставувате?
– Со почетокот на новиот Mиленум и развојот на новите технологии, а несомнено и за време на моите истражувања како конзерватор на мозаици, фрески со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, сонував за да се изработи еден регистар на мозаичното наследство кој подоцна го опфати и целокупното природно и културно богатство на стариот дел од градот Охрид. Пред се ме инспирира обидот на археологот Владо Маленко објавен во форма на карта во еден натпис во Зборникот на трудови Лихнид бр.7 од 1989 година и во непосредната работа и разговори со него на Плаошник се здобив со огромен број на информации за конкретни локации и објекти. Во соработка со моите колеги од Институтот во тоа време, фотографот Владимир Тунтев и Гоце Ангеличин – Жура историчар на уметност, добив голем број информации за дотогаш непознати локалитети кои се нaоѓаат под денешните современи куќи и сакрални објекти кои внимателно ги бележев и регистрирав со цел да се забележат просторно во идната мапа. На мапата работев трпеливо повеќе од 10 години. Таа авантура започна со мојот прв обид во 2006 на цртеж просторно да ги определам најважните точки на интерес а подоцна и сосема прецизно и точно истите да ги обликувам со мозаична техника и полека да ги градам дотогаш познатите факти за Охрид и под него древниот Лихнид.
Во меѓувреме работев на повеќе проекти врзани со заштитата на културното наследство во нашата држава и успеав да соработувам со сите поважни конзерваторски и реставраторски центри од регионот. Голем дел од овие соработки особено во Истра делот од словенечкото и хрватското крајбрежје на Јадранот, работа на обука на конзерватори и конкретни реставраторски потфати на десеттина локалитети со повеќе мозаици. Добиените средства од овие интервенции ги влоожував за набавка на повеќе потребни нијанси од стаклена паста (смалти) и камен (lapis lazuli) и грижливо ја градев Мапата.
Мапата на град Охрид и Лихнид беше завршена и претставена во 2017 година на 13 – та Конференција на Интернационалниот комитет за конзервација на мозаици (ICCM) во Барселона, и во оригинал претставена на меѓународната изложба IX Pictor Imaginarius, Уметноста на мозаикот, во Назано, Рим на крајот на Мај во 2018 година.
Во 2020 година се претставив со својата втора самостојна изложба „МОЗАИК КОЛАЖ“ во просторот на Куќата на Робевци и Лапидариумот и во исто време ја завршив мапата со предвидената рамка. Изработив и печатена верзија на истата во оригинални пропорции и ја поставив во еден исклучителен простор на Плоштадот од градското пристаниште како еден симболичен влез во стариот град. Во непосредна близина е Долна порта и Болничките Цркви, Св. Никола и Богородица Болнички кои своевремено претставувале еден вид карантин за сите намерници и патници кои доаѓале да го посетат Охрид. Сметам дека и симболички ова е соодветно место, а можеби и вистинско време со оглед на моменталната ситуација што ја сведочиме за Ковид пандемијата, како и загриженоста за загрозувањето на повеќе елементи поврзани со заштитата на еден од најзначајните места препознаени од УНЕСКО со ставањето на првата листа на Светско природно и културно наследство за која несомнено мора да бидеме исклучително свесни.
Сепак искрено верувам и се надевам дека овој подарок како дело на современ автор, ја оживува и достојно ја отсликува заложбата за зачувување на вистинските вредности кон кои треба да се стремиме.
И, кога сме веќе тука, како конзерватор и реставратор, на што се фокусиравте во последниве неколку години? Една од големите заложби на македонската култура, барем декларативно, беше и е да се работи, вложи, во заштитата на нашето културно богатство. Наспроти политичката декларативност, што и колку во реалноста правиме за таквите формулации? Што не спречува малку посериозно да се бавиме со нашето богатство, идентитет, култура и историја?
– За заштитата на нашето природно и културно историско наследство премалку се зборува. Се зборува површно и без заинтересираност, туку само декларативна горделивост за некаква вредност која наводно се заштитува, а во реалност се нема воља за соработка, иницијатива и најмалку за реализација. Сметам дека во основа проблемот се наоѓа во општествената свест и образованието на луѓето воопшто за вредноста која ја имаме, за вредностите кои треба внимателно и упорно да се негуваат и градат уште од најрана возраст. Овие вредности треба да се основа за нашето образование и воспитување.
Погледнете ја на пример Катедралната црква на Охридската Архиепископија, Св. Софија, таа е во срцето на градот, но оградена, невкусно, во еден несоодветен амбиент со имитации на „охридска архитектура“, ресторани и апартмани за сместување, тезги за сувенири, ограда од ковано железо, паркирани автомобили и сосема несоодветни ќерамиди. Таа е симбол за градителските, конзерваторските и реставраторските надежи, желби и траги од разни столетија. Во неа се вградени како сполии најразновидни камени блокови од столбови, рељефи со епиграфика и разновидна камена пластика. Во различни периоди таа била градена, преградувана и доградувана, но во овој 21 век некои работи се едноставно незамисливи.
Погледнете го на пример амбиентот околу Охридскиот чинар, стариот горостас под чија сенка живееле и поминале повеќе илјадници години и генерации, и прошетајте по новата чаршија што од ден на ден го губи својот шарм со безбројни ефтини сувнири и облека, но без препознатливите занаети и чаршиски занаетчии. Меѓу другото неповратно се губи и еден препознатлив чаршиски жаргон и муабет. Претераната реконструкција на споменикот од 15 век, Али Пашината Џамија, во себе длабоко имаше потенцијал да спои повеќе периоди од културата и историјата на градот кои за жал исчезнаа. Во неа беше сочуван еден ѕид од средновековната црква Св. Никола, а под неа, и мозаични фрагменти од рано христијанската базилика, замислете сè во едно место, во центарот на Градот.
Охрид никако не смее да продолжи да се развива во место за масовен туризам, туку во место за културен и духовен одмор и развој. Место што сеуште ја има привлечната сила на едно од најстарите езера во светот и еден атрибут „музеј на отворено“ што треба квалитетно да се осмислува и чува.
Мислам дека во ова време на глобални предизвици ние наместо да сме свртени кон себе и да ги испитаме своите постапки, едноставно се губиме во некои нереални ветувања.
Како вие лично, како творец, гледате на заштитата на денешен Охрид? Може ли нешто очајнички да се стори за да се сочува Градот во неговата суштина. Да го имаме како Светско културно богатство?
– Лично сум загрижен за начинот на кој се пристапува не само кон природното и културно историското наследство, туку и за амбиентот во кој се гради и формира новиот лик на градот. На секој чекор наидуваме на разновидни примероци кои со мимикрија и несоодветна интерпретација го имитираат „охридското“ а всушност секојдневно и неповратно исчезнува еден несекојдневен амбиент. Овие два града, Лихнид и средновековниот Охрид, ги потиснува еден нов ОФРИД.
Претераната урбанизација и изградба на стамбени згради, водејќи се исклучиво од призмата на профитот ги девалвираат урбаните, естетските, емоционалните и традициоалнте вредности на градот и сите квалитети за еден удобен живот.
Се повеќе сме сведоци и на исчезнувањето на зеленилото воопшто и несоодветна замена на повеќегодишните стебла со не-домородни примероци.
„Архитектите уверуваат дека охридската куќа била правена по мерата на човекот и тоа го привлекло вниманието на Европа и светот. Меѓутоа куќата во Охрид најнапред морала да биде замислена по мерата на екосистемот и притоа да се претпоставува историското и особено горчливото искуство од карактеристичното тло на кое сакаме да градиме дом или некој храм на нашите надежи, ментори и заштитници на градот…
…Старото градско јадро не е подготвено за новото време. Сообраќајниците се препуштени на стихијата, нема продор од институциите на државата и културата. Културно – историскиот простор е нападнат од поединци кои можат да се видат како влегуваат во конфликт со традиционалната, историската симболика и култура. Наследството е препуштено на луѓето што влегле во меѓите меѓу светци и светилишта. На тлото на Охрид се води битка на егзистенционалните потреби со спомениците на материјалната култура. Во таа битка се засенуваат старите олтари и заграбуваат визурите на градот. Одберете некоја куќа во стариот дел на градот и претпоставете го домаќинот, но не заборавајте дека на овој простор се оствариле толку многу генерации низ илјадници години. Трагите од тие луѓе се тука, а сега споредувајте за да ја констатирате цената што се платила за накитено да се покаже куќата со визурите на сегашниот домаќин.
Исклучително е важно при секоја интервенција во овој жив град многу внимателно да се планира и уредува секој кварт, секоја уличка и зачуваните споменици од историјата. Сите интервенции мора да се изведуваат според пропишаните правила и конвенции на УНЕСКО доколку сакаме да го зачуваме престижниот статус.
И од најмлади денови на идните поколенија да им ја всадуваме оваа почит и љубов кон делата на нашите предци кои треба да се пренесат во иднината.
И ваков каков што е, колку Охрид и натаму е вашата творечка инспирација? Како го доживувате Градот и колку сила имате во себе да работите и натаму на неговата вечност?
– Несомнено важно е да се биде упорен во оваа навидум тешка и (не)возможна мисија. Во оваа толку богата древна македонска земја успешно се сочувани сведоштва за постоењето и културниот развиток на човештвото воопшто. Во своите прегратки природата успешно го сочувала дури и сокрила во навидум најтешките периоди од војни, окупации и непогоди недоброени богатства кои денес археолозите ги откриваат. Овде најважно е да подвлечам дека сето она што е на површина мора соодветно да се заштити од натамошно распаѓање, да се вложи огромен труд, финансиски и други средства без жалење. Зошто тоа е аманетот оставен од нашите предци на чување, а едноставно мора изворно да се пренесе на идните поколенија. Никакви недостојни имитации и реконструкции несмеат да го заменат споменот за нивното постоење!
И, конечно поминаа две години од вашата изложба „Мозаик колаж“ одржана во куќата на Робевци. Во меѓувреме со вашиот татко Славчо Упевче се претставивте и на манифестацијата „Поетска ноќ Велестово“… Работите ли на нови дела? За кога е планирана вашата нова средба со публиката? Овде дома или, дај боже, некаде во светот иако таквата желба во вакво зло време некако тешко изртува. Што со нагласена љубопитност да очекуваме од Никола Упевче во догледен период?
– Минатото лето во склоп на претставувањето на поезијата на Ристо Лазаров беше организирана и и своевидна заедничка изложба по повод 30 годишнината од формирањето на нашето Ателје и Галерија УПЕВЧЕ во семејната куќа во Охрид. По тој повод беше изработен мозаик со логото на манифестацијата на кое автор е мојот татко Славко Упевче, а јас го изработив во мозаична техника и го поставив на селската чешма која е своевидна сценографија на секое издание на СВП. Како автор се претставив со неколку мои дела како своевидна сценографија на настанот, а избор од нашите дела беше претставен и во тремот од црквата Успение на Св.Богородица во Велестово.